1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовен егзодус од Косово кон Западна Европа

Б. Георгиевски/ртр6 февруари 2015

Владата во Приштина размислува да прогласи ослободување на долговите направени пред 2009 година за сите граѓани, за да ги спречи немирите и масовниот егзодус кон Западна Европа.

https://p.dw.com/p/1EWYr
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Само два месеца по преземањето на власта, владата во Приштина е разнишана од граѓански безредија, едни од најголемите од прогласувањето на независноста во 2008 година. Таа се соочува и со драматичен пораст на бројот на Косовци кои на илегален начин се обидуваат да емигрираат во Европската Унија.

Министерот за финансии Авдула Хоти најави дека владата размислување да ги отпише сите долгови на граѓаните направени кон државата до 31 декември 2008 година. „Сметаме дека е неопходно да овозможиме свеж почеток за новата влада“, вели тој. Владата ја одбрала 2008. бидејќи во февруари таа година беше прогласена сецесијата од Србија. Владата не соопштува колку ќе чини отпишувањето на долговите, но потегот би можел да предизвика загриженост кај косовските доверители - партнерите од Западна Европа и од Меѓународниот монетарен фонд. Неплаќањето на сметките е широко распространета пракса во Косово, земја која редовно се соочува и со недостиг од електрична енергија.

Годинава иселувањето уште поинтензивно

Сиромаштијата, невработеноста и корупцијата се главна мотивација за драматичниот пораст на бројката на косовски граѓани кои се обидуваат да заминат во западна Европа, а најчесто тоа го прават минувајќи ја границата меѓу Србија и Унгарија под закрила на ноќта.

Serbische Polizei nimmt illegale Auswanderer aus Kosovo an der Grenze zu Ungarn fest
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Од септември минатата година повеќе од 30 илјади Косовци биле приведени од унгарските власти и аплицирале за азил. Набргу потоа, тие успеваат да ги напуштат азилантските центри и да се упатат кон Германија, Швајцарија и други земји каде бараат работа „на црно“.

Само во јануари годинава над 10 илјади Косовци побарале азил во Унгарија, иако немаат никаква можност да го добијат. Напливот се должи на релаксирањето на досегашните ограничувања во Србија за патување со косовски документи.

Виновни се шверцерите

Последниве денови, големи групи луѓе ги користат ноќните автобуски линии за да отпатуваат до Белград, а потоа до Суботица, од каде шверцерски групи нелегално ги пренесуваат преку унгарската граница. Освен олеснетото патување преку Србија, егзудосот се поклопува и со периодот на политички турбуленции и безредија во Косово.

Serbische Polizei nimmt illegale Auswanderer aus Kosovo an der Grenze zu Ungarn fest
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Косовскиот министер за образование Азем Гури информираше за „алармантни“ податоци, според кои, 5.200 ученици го напуштиле училиштето и се иселиле со своите семејства од септември минатата година. Се проценува дека косовската дијаспора брои меѓу 700 и 800 илјади луѓе, мнозинството во Швајцарија и Германија.

Косовскиот министер за внатрешни работи Скендер Хисени деновиве се сретна со ЕУ амбасадорите во Приштина и апелираше да се забрзаат процедурите за одлучување по барањата за азил, за да се обесхрабрат потенцијалните мигранти. Вината за случувањата тој ја префрли врз шверцерите: „Тоа се криминалци кои профитираат од несреќата на косовските граѓани“.