1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово ја очекува независноста

10 февруари 2008

Дипломати од повеќе европски земји му потврдиле на весникот ВАЦ дека Косово ќе прогласи независност на 17 февруари,а мнозинството држави од ЕУ, меѓу нив и Германија, ќе ја признаат новата држава на 10 март

https://p.dw.com/p/D5BG
Приштина се подготвуваФотографија: picture-alliance/dpa

Според ВАЦ, конечното сценарио на признавањето на Косово треба да биде договорено на безбедносната конференција во Минхен.

Радио Телевизија Косово пак објави дека од Брисел е добиена потврда дека косовското собрание на 17 февруари ќе усвои намера за прогласување независност,а независноста ќе биде прогласена на почетокот на март. На 18 февруари ЕУ би донесла одлука за испраќање мисија на Косово.

Косовските полтичари во офанзива

Косовскиот премиер Фатмир Сејдиу е постојано на пат за да придобие што повеќе сојузници за независност. Во Рим беше кај Папата , кој , како што вели му подарил златно пенкало со која ќе ја потпишел одлуката за независноста. Потоа следуваше посета на Турција. Сејдиу е сигурен оти работата е завршена.

„Се ќе оди многу брзо. Сакаме во наредните неколку дена работата да ја приведеме кон крајот. Потребно е да се направат уште неколку разговори, и потоа ќе ставиме точка на се“

Сепак е присутен страв , и тоа главно кај косовските Срби. Има такви кои се плашат од насилство, судири меѓу Албанците и Србите . Премиерот Хашим Тачи се обидува да собере поени кај српското население. Пред ТВ камерите се претставува како добар чичко кој си игра со децата на српските семејства , кои ги повикал на гости. Неговата порака гласи дека косовските Срби немаат од што да се плашат.

„ Ќе работиме добро за сите граѓани на Косово, без оглед на националната припадност. Косово ќе биде татковина на сите. Сите ќе имаат исти права и ќе се води сметка за заштитата на националните малцинства“

Премиерот Тачи настојува да го спречи егзодусот на преостанатите Срби:

„ Косово е земја за сите оние што се подготвени за соработка. Нашата иднина во никој случај не смее да се заснова на горките искуства од минатото. Горд сум на тоа дека овде можат да растат сите деца без оглед на нивното потекло“.

Србија останува на своите позиции

Речиси истовремено со овие изјави на Тачи во посета на Косово беше на српскиот министер за Косово и Метохија, Слободан Самарџиќ . Тој таму порача дека Србија нема да го признае независно Косово, но подоцна истакна дека владата во Белград , добива се повеќе релеватни информации дека властите во Приштина ќе прогласат независност во недела на 17 февруари. Самарџиќ на Косово најави дека Србија и натаму ќе ги помага косовските Срби и ќе инвестира во здравствениот систем.

Косовскиот министер за култура Скендер Хисени смета дека не е никаков проблем тоа што Србија најавува вложувања на Косово:

„Сите балкански земји мора да соработуваат , за да се исполнат условите за влегување во ЕУ“.