1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово треба да стане држава што функционира

Коментар на Фабијан Шмит29 ноември 2008

Агентите на БНД кои беа уапсени на Косово под сомневање за вмешаност во нападот врз канцеларијата на ЕУ во Приштина, се повторно на слобода. Според судот - за обвинувањата нема докази.

https://p.dw.com/p/G5Pi
Тројцата уапсени агенти пред истражен суд во ПриштинаФотографија: AP

Вревата околу тројцата уапсени агенти на БНД на Косово јасно покажа дека е крајно време за почеток на мисијата Еулекс. Зашто, на земјата очигледно и‘ е потребна помош при создавањето на професионални и независни истражни и судски органи. Тешко е да се сфати што трите лица, и покрај замаглената состојба со доказите, беа затворени повеќе од една недела, зашто според сите досега јавно презентирани информации, нивниот единствен престап е што вршеле истрага без за тоа да имаат лиценца. Вообичаено, вакви случаи, меѓу пријателски држави се решаваат дипломатски елегантно и без возбуда во јавноста.

Јавноста на Косово е со Германија поврзана со длабока благодарност поради воениот и цивилен ангажман на Берлин и таа размислува пријателски. Оттука, не треба да се стравува дека односите меѓу двете држави поради овој случај ќе се влошат. Германија им припаѓа на државите кои бргу го признаа Косово како независна држава.

Сепак, случајот покажува дека создадената доверба може да биде ставена на проба многу лесно. А, најтешката проба за односите на меѓународната заедница и Косово е поврзана токму со Еулекс. Зашто, од една страна, владата и парламентарците на Косово на мисијата на ЕУ и‘ посакуваат добредојде, а од друга страна, Еулекс не може да ги исполни очекувањата на косовските Албанци.

Што очекуваа, а што добија косовските Албанци?

Тие се надеваа дека Еулекс ќе го обезбеди суверенитетот на државата. Но, токму тоа е она што Еулекс, според заклучокот на Советот за безбедност, не смее да го прави. Еулекс мора да се однесува неутрало и нема да биде активен на север од Косово, кој е населен претежно со Срби. Освен тоа, на централната влада на Косово и‘ е практично земен дел од моќта. Оттука, речиси сите косовски Албанци во ваквиот аранжман гледаат цементирање на поделбата на нивната земја.

Токму затоа, на тежина добива тоа што вревата околу осомничените Германци го одвлече вниманието од истрагата на останатите траги поврзани со нападот. Поради разочарувањето на многу косовски Албанци, сега за стравување дека радикалните групации, кои УНМИК и Еулекс ги сметаат за колонијални режими, ќе добијат поттик.

За чудење е што оваа група чекаше две недели за да го напише соопштението со кое ја презема одговорноста за нападот. Но, независно од тоа дали се работи само за лица кои сакаат да се возат на сметка на други или не, нападот покажува колку е итна изградбата на функционална државност. Токму тоа треба да го обезбеди Еулекс.

Криминалот не познава етнички граници

Прашање е, сепак, дали сите моќници на Косово имаат интерес од правосудство кое функционира. Организираниот криминал без сомневање сака да си остави слободен простор за дејствување, во кој и натаму ќе може да се одвива шверц, трговија со луѓе и дури и илегална трговија со органи. Ваквите мрежи не познаваат етнички или национални граници.

Темна страна на сегашното решение е и тоа што тоа ја продолжува и несигурноста, затоа што на север ќе продолжат да постојат паралелните структури, контролирани од Белград. Тоа, пак, создава добра клима за работа на организираниот криминал. Сепак, на косовската влада треба итно да и‘ се советува да не дозволи тоа да ја закочи во нејзината работа. Таа треба да ја искористи шансата која и‘ ја нуди Еулекс. Дел од таа шанса е владата да има консеквентен став и јавно да им се спротивстави на радикалните групации.