1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: стандарди или статус или обратно?

23 март 2004
https://p.dw.com/p/AdGW
Фотографија: AP
Пред пет години на 24 март НАТО ги започна нападите врз Југославија. Целта беше да се принуди Слободан Милошевиќ да ги прекине акциите на армијата и полицијата против косовските Албанци и да се спречи хуманитарна катастрофа. По 80 дена бомбардирање конечно властодржецот во Белград попушти. Во изминатите пет години е многу направено: Косоварите избраа претседател и парламент, формирана е влада, а освен тоа постојат косовска полиција и судство. За косовските Албанци најважниот проблем е прашањето за конечниот статус на Косово. По крајот на војната Обединетите нации ја усвоија резолуцијата 1244 во која станува збор за "субстанцијална автомонија на косовскиот народ" и за тоа дека Косово се става под меѓународна управа. За Албанците е јасно: тие сакаат целосна независност од Белград. Поранешниот шеф на УНМИК германецот Михаел Штајнер како прв започнувањето на преговорите за конечниот статус на покраината го стави во зависност со исполнувањето на конкретни демократски стандарди, Тој ја внесе формулата "Стандарди пред статус":
"Јас дефинирав осум критериуми. Сите се основа за функционално општество. Тоа значи: функционални институции, слобода на движење, ефикасна економија, но и функционален полициски и правен систем. Кон тоа и фер, постојан и соодветен третман на помалите етнички групи, што значи на Србите, Бошњаците, на сите што ги има тука. И секако враќање на оние што во 1999 и подоцна го напуштија Косово".
Претставниците на косовските Албанци сепак притискаат прашањето за статусот бргу да се разјасни. Тие поставуваат контра-барање: "Прво статусот - потоа стандардите". Претседателот на косовскиот парламент Неџат Даци тоа вака го формулира:
"Истакнатите стандарди се еден куп желби. Има многу идеали што ние теоретски сакаме да ги достигнеме, но за какви дури и скандинавските земји или и земјите на Западна Европа можат да сонуваат. А, јас мислам дека ние треба да ги исполниме оние стандарди што се нормални за една демократска земја".
Сегашниот шеф на УНМИК Хари Холкери во почетокот на декември минатата година ги конкретизираше бараните стандарди во текстот под наслов; "Стандарди за Косово" во кој ги именува условите во контекстот на оние што ги спомнува Штајнер. Ако тие бидат исполнети до средината на идната година, меѓународната заедница ветува започнување на преговорите за конечниот статус на Косово. Српската влада и Србите на Косово страхуваат дека со поставувањето на стандардите и на рокот за исполнување независнота станува неизбежна.
Албанците напротив го поздравија тоа што конечно постои датум за почеток на дебатата за статусот, во тој тон и косовскиот премиер Бајрам Реџепи:
"Тоа е доста големо достигнување, зашто резолуцијата 1244 на Советот за безбедност е компромисна формула и не определува рок за исполнување на стандардите и за почетокот на преговорите за конечниот статус. Со објавувањето на овој текст за првпат е определен рок како документ". Затегнатостите меѓу Албанците и Србите на Косово и пет години по војната се видливи. Никој не очекуваше безредија што избувнаа во Косовска Митровица и во други градови кон средината на овој месец во кои загинаа 28 луѓе, а 850 беа повредени. За да се обезбеди мирен соживот сегашните напори на УНМИК, као и на Албанците и Србите на Косово не се доволни.