1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово пред прагот на ЕУ

Бахри Цани/сн27 октомври 2015

Како последна земја од југоисточна Европа, Косово денеска го потпишува Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Но патот до конечната цел- членство во ЕУ, ќе биде многу долг.

https://p.dw.com/p/1Guhm
Фотографија: DW/A. Beqiraj

„За нас е ова историски момент, историски чекор. Со тоа Косово го започнува неповратниот пат кон членство во ЕУ“, нагласува косовскиот министер за европски интеграции Беким Чолаку за ДВ. Заедно со косовскиот премиер Иса Мустафа тој денеска (27.10) го потпишува Договорот за стабилизација и придружување со Европската унија. Целта на тој договор е да се создадат услови за почеток на пристапните преговори. Косово се обврзува да ги спроведе неопходните реформи, додека ЕУ ја презема обврската за континуирана поддршка на земјата.

Косовската влада е свесна дека тој прв чекор е поврзан со многу предизвици, посебно по блокадата и насилството во парламентот на Косово во последниве недели, каде опозицијата во неколку наврати употреби солзавец. Опозицијата сака да ја принуди владата да се повлече од договорот постигнат со посредство на ЕУ, кој се однесува на поголема автономија и права за српското малцинство и договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора. „Или владата ќе се повлече од овие договори, или владата мора да се повлече“, гласеше мотото на неодамнешните насилни протести на националистичката опозиција.

Kosovo Bekim Collaku EU Minister
Kосовскиот министер за европски интеграции Беким ЧолакуФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Владата ги отфрла ваквите барања. „Никој не може да гарантира спроведување на реформи, ако продолжат блокадите и безредијата. Но ние ќе сториме сѐ што е можно да се стабилизира ситуацијата и реформите да продолжат“, вели министерот Чолаку.

За закони е потребна правна држава

И заменикот косовски премиер Бранимир Стојановиќ е огорчен поради насилството во парламентот. „Тоа е голем срам и се срамам што сум во таков парламент. Добро е што огромно мнозинство од пратениците и од населението е против таквото однесување“, вели Стојановиќ за ДВ.

Од војната на Косово во 1999 година, а посебно по прогласувањето на независноста во 2008 година, Косово усогласи бројни закони со стандардите на ЕУ. „Косово има многу модерни закони. Проблем е нивната имплементација, зашто само правна држава и безбедна правна инфраструктура овозможуваат странски инвестиции. А странски инвестиции се неопходни“, укажува претседателот на Стопанската комора на Косово, Сафет Герџалију.

Kosovo Parlament Tränengas
Солзавец во косовското собрание.Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Сиромаштија и безнадежност

Официјалните податоци на Светска банка покажуваат дека просечниот бруто приход по глава на жител на Косово во 2014 изнесувал 2.900 американски долари, а официјалната стапка на невработеност и натаму е висока- 35 насто. Преминот од планско во пазарно стопанство е извршен со приватизација на бројни државни претпријатија. Меѓутоа приватизацијата е спроведена и со многу неправилности и е оптоварена со корупција. Во минатата година Косово забележа економски раст од 3 проценти.

И покрај напредокот остварен по стекнувањето на независноста, економијата и натаму е слаба. Повеќе од 90 насто од сите стоки на Косово доаѓа од странство. Екстремната сиромаштија односно стапката на луѓе кои живеат со помалку од еден долар дневно, изнесува 18 проценти. И околу 15 насто од Брутодомашниот производ го сочинуваат дознаките од дијаспората. Бирократијата е премногу гломазна и ја одразува историјата на централно планирање. Едни од најголемите предизвици на Косово и натаму се корупцијата и организираниот криминал, за кои се смета дека досегаат до високите политички кругови.

Belgien Treffen Isa Mustafa, Federica Mogherini und Aleksandar Vucic
Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини со премиерите на Косово, Иса Мустафа и на Србија Александар ВучиќФотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Србија се противи

Сепак, Гарџаклију смета дека Косово е во состојба да се справи со сите овие предизвици: „На Косово му е потребно независно судство и спроведување на постоечките закони, кои често служат само како украс. Верувам дека партнерството со Европската Унија ќе ги зајакне напорите за владеење на правото и пазарната економија, бидејќи алтернатива не постои.“

Косово во моментов нема целосна поддршка од ЕУ. Земјата која во 2008 година прогласи независност досега ја имаат признато 111 земји, од кои 23 членки на Европската унија. Иако го поддржуваат Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, Шпанија, Словачка, Кипар, Грција и Романија одбиваат да ја признаат независноста на земјата. Посебен товар во процесот на интеграција на Косово во ЕУ, претставуваат односите со Србија, која цврсто се противи на независноста на Косово. Српскиот премиер Александар Вучиќ барањето на ЕУ за целосна нормализација на односите меѓу Србија и Косово го оцени како „страшно“.