1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово - прво огнено крштевање

Тони Гламчевски21 јануари 2008

Борец против франкизмот, историчар и политичар, член на ПС на СЕ од влегувањето на Шпанија во оваа организација во 1983 година, Луи Мариа де Пуч е новиот претседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/CvYd
Palais de l'Europe in Strasbourg, Gebäude des Europarates in Strasburg

„Вие избравте претседател кој верува во Европа. Јас сум убеден Европеец, кој е оптимист за иднината на нашите институции,“ изјави веднаш по изборот Луи Мариа де Пуч, новиот претседател на парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

Својот мандат де Пуч сака да го стави во служба на граѓаните. Тој мисли дека улогата на Собранието, во кое се претставени праламентарци од 47 земји членки на Советот на Европа, е да даде придонес за Европа, која се создава за Европејците.

Избор со недоразбирања

Шпанскиот сенатор Луи Мариа де Пуч, роден на 29 јули 1945 година во Баскара на местото 24-ти по ред претседател на ПС на СЕ доаѓа по мандатот на Холанѓанецот Рене ван дер Линден. Тој има право максимум на два мандати со траење од по една година. Де Пуч е третиот Шпанец кој е избран на оваа функција во Стразбур. Изборот не помина без недоразбирања, бидјеќи руската делегација очекуваше избор на свој кандидат, кој поради договорената ротација меѓу политичките групи во ПС на СЕ, не се реализира.

Де Пуч се надева да ги развие односите со другите актери на европската политика, посебно со Европската Унија. Тој смета дека Европската Унија треба да ги користи подобро искуствата и инструментите на Советот на Европа.

Новиот претседател на паневропската асамблеа, нема намера да направи револуција во работата на најстарата европска институција. Тој немаше поминато ниту еден час на новата функција, а веќе се соочи со горливи прашања, како прашањето со статусот на Косово.

Внимателност околу прашањето за Косово

„Ќе бидам внимателен при донесувањето на одлуката на ПС на СЕ, кое ќе гласа по извештајот на Расел Џонсон. Мнозинството од собранието веќе гласаше еднаш за извештајот, кој повеќе или помалку го поддржуваше предлогот на Ахтисари. Се надевам дека Собранието ќе биде мудро.“

„Лично се надевам дека се ќе помине во рамките на меѓународното право и ако е можно со договор и консензус. Ако тоа не е можно, тоа треба да биде во рамките на меѓународните норми, без да се создаваат драматични ситуации. Не сакам ниту една одлука да доведе до насилство. Сите одлуки треба да бидат во рамките на меѓународното право!“ – нагласи во врска со Косово новоизбраниот претседател на ПС на СЕ Луи Мариа де Пуч.