1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово, првиот голем испит за новата српска влада

16 мај 2007

Изборот на новата српска влада го коментира Сања Благојевиќ

https://p.dw.com/p/Adf4
Воислав Коштуница
Воислав КоштуницаФотографија: AP

Кој вели дека србите не се трпелив народ. Па само на оваа влада чекаа цели 114 денови. И ја дочекаа во целата своја големина. Со претседател, потпретседател, 22 министри и еден министер без ресор. Резултатот од речиси четири месечните преговори во некоја површна анализа би можел да се окарактеризира како напредок. Барем кога станува збор за бројките. Бидејќи од дваесет, новата влада се зголеми на 25 членови, а доби дури и нови министерства како она за Косово и Метохија.

Се чини дека во новата распределба секој успеа да го пронајде своето место, што е добро бидејќи можеше да заврши и поинаку, судејќи според тоа како започна. Пред повеќе од една недела преговорите дефинитивно влегоа во ќорсокак. Таблоидите најавуваа коалиција меѓу Демократската партија на Србија и Радикалите. Дури и Томислав Николиќ отпатува во Хаг на средба со шефот.

Конечно во вторникот, на 8 мај, Српската радикална партија, со помош на другарите од партијата на Воислав Коштуница и неизбежните социјалисти, го избра Томислав Николиќ за претседател на парламентот. Момент, кој Србија вртоглаво ја врати во мрачните деведесети години, барем во главите на мнозинството нејзини граѓани. Дежаву, шок, кој мораше да ги раздрма и најтврдокорните.

Дали е поважна сопствената суета и фотеља, или судбината на еден народ? Изгледа дека дури и кај некои српски политичари за среќа проработи совеста. Потегот на Коштуница за поддршка на Николиќ, аналитичарите го оценуваат како тактички добар. Но не треба да се отфрли и можноста дека некои работи тој ги правел и од сопствено убедување, бидејќи зошто на некој друг не му падна на памет да го поддржи Николиќ? Зошто тоа не го направи претседателот Тадиќ, или третиот коалиционен партнер Г17 плус?

На сите ни е познато дека на Коштуница не му е премногу непријатно да соработува со претставниците на поранешниот режим. Минатата влада успеа да се одржи толку долго бидејќи токму партијата на поранешниот диктатор Слободан Милошевиќ ја даваше неопходната поддршка. А и по големината на националните чувства и нивното јавно искажување Коштуница веќе одамна се помести кон десно.

Како и да е, дури овој потег на Коштуница ја погоди целта и добро ја раздрма српската и светската јавност. По реакциите, засилените притисоци однадвор, веројатно и по некое ветување, едноставно доаѓа до договор. Она што преговарачите не успеаа да го постигнат за 109 дена, се решава буквално преку ноќ. И тоа во ноќта помеѓу четвртокот и петокот, со што Томислав Николиќ станува претседател на собранието со најкраток мандатот во историјата на српскиот парламентаризам.

Николиќ веројатно ја научи својата лекција. Коштуница навистина не треба да се потценува. Во својата амбиција да остане на власт тој очигледно е подготвен на се`. Колку и да се труди да делува незаинтересирано и дека ништо не знае, овој политичар во повеќе наврати покажа дека безобзирно и со сите сртедства се бори за власт.

Сепак Србија доби нова влада која сега треба да ја докаже својата демократска ориентираност. Уште со првите најави за демократска коалиција во петокот, мнозинството важни европски политичари ја потенцираа европската иднина на Србија. Се разбира под услов да се спроведат економски и социјални реформи, борба против корупцијата и организираниот криминал и конечно, целосна соработката со хашкиот трибунал. За чудо овие исти реченици се меѓу приоритети на новата влада на чело со старо новиот премиер. Би се рекло, Србија конечно мисли исто како Европа. Но само додека не се спомне Косово. Токму прашањето Косово ќе биде првиот голем испит за новата српска демократска влада.