1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово повторно во коментарите на германските весници

26 јануари 2007

Коментарторите на денешните германски весници се занимаваат со Косово, корупциската афера во Сименс и пресудата во случајот на поранешниот шеф на кадровската служба во Фолсфаген, Петар Харц.

https://p.dw.com/p/Ae4e
Приштина
ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

“Помирувањето меѓу Белград и косовските Албанци и понатаму останува проект на иднината во рамките на идното европско уредување”, пишува денеска коментаторот на весникот “Визбаденер куриер” и продолжува:

“Проектот, долгорочно гледано е можен само во рамките на суштинско приближување меѓу Белград и ЕУ. Србија е се уште меѓу европската интеграција и тврдоглавиот одбивачки став и потрага за помошник во старата алијанса со Москва. Тркалото на историјата во случајот на Косово се врти наназад”, се заклучува во коментарот на денешен “Визбаден куриер”.

“Бадише тагблат” пишува дека големата стапка на невработеност во Косово, од дури 80% и оди во прилог само на корупцијата и стопанството засновано на роднински врски. Весникот наведува дека регионот е богат со суровини и дека експертите гледаат добра шанса за извоз во енергетскиот и рударскиот сектор. Ако се занемари стопанската поддршка, тогаш ќе биде потребно многу трпение за да се придобијат Албанците и Србите да се почитуваат меѓу себе. Европејците, пак мора да помогнат во смирување на тензијата во оваа земја, но и на Балканот”, констатира “Бадише тагблат”.

Една од темите кои се најдоа во коментарите на денешните весници е корупциската афера во концернот “Сименс”.

“Никој не може да ме запре”, гласи пораката на шефот на Сименс, Клајнфелд со која го започнува денешниот коментар весникот “Зидојче цајтунг”, додавајќи дека со тоа тој се ставил во опасност. Постои можност за оптоварување на целиот концерн. Кај 475 000 вработени во Сименс, кои речиси отсекогаш одеа на работа со доза на опуштеност, сега од ден на ден расте неизвесноста. Доколку сака да остане на чело на концернот, Клајнфелд на патот по кој сака да оди ќе треба да ги вклучи и останатите вработени. Бегање напред би можело да го чини фотељата”, смета коментаторот на весникот “Зидојче цајтунг”.

Весникот “Берлинер куриер” пак ја коментира пресудата во случајот на поранешниот шеф на кадровската служба во Фолсфаген, Петар Харц

“Падот на Харц е висок, но приземјувањето меко. Тој до самиот крај се коцкаше со милиони евра. При тоа има толку многу пари на контото, што можеше да си ја купи слободата, со што е деградирана една од најголемите демократски вредности. Обичните граѓани имаат впечаток дека не се сите еднакви пред судот”, пишува “Берлинер куриер”.