1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово останува приоритет на патот на Србија кон ЕУ

Марина Максимовиќ/ А.Трајковска20 ноември 2014

Комесарот Јоханес Хан за Србија има пофалба за значаен напредок на европскиот пат и поддршка за продолжување на реформскиот процес. Сепак тој не може да процени кога и со кое поглавје Србија ќе ги почне преговорите.

https://p.dw.com/p/1DqDb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Србија е првата земја во процесот на евроинтеграции во која во својство на комесар за преговори за проширување на Европската унија во посета е Јоханес Хан. Доаѓањето во Белград на самиот почеток на мандатот, Хан го ценува како сигнал за важноста која ЕУ продолжува да ѝ ја дава на политиката на проширување.

Истовремено во бриселските дипломатски кругови во моментов токму Србија се смета за „најдобар ученик“, односно лидер во процесот на приближување кон Унијата. Во последните две години Србија, според оценката на официјален Белград го забрза европскиот чекор преку дијалогот со Приштина и почетокот на преговорите за членство со ЕУ. Во Брисел потврдуваат дека на патот на Србија кон ЕУ е постигнат „значаен напредок“, и додаваат дека ваквата стекната „нова позиција“ отвора нови можности, но и обврски за земјата.

Токму „можностите и обврските“ кои Србија ги има на својот европски пат ќе бидат предмет на разговорите на Јоханес Хан со српските политичари: „Србија мора да продолжи да ги исполнува своите обврски, а брзината на преговорите ќе зависи од напредокот на реформите во клучни области, како и од продолжување на нормализацијата на односите со Косово“, најави Хан пред доаѓањето во Белград. Тој истовремено изрази очекување дека Србија што поскоро ќе ги отвори првите преговарачки поглавја и така ќе го задржи постигнатиот елан во преговорите за членство.

Меѓутоа ниту самиот комесар за преговори за проширување во овој момент не може да одговори на прашањето кога тоа би можело конкретно да се случи. И додека од една страна Србија вели дека е „подготвена“ за отворање на првото поглавје во преговорите за членство, во Европската унија сѐ уште не постои консензус кога и кои поглавја би можеле да бидат отворени.

Прво Бриселскиот договор, па отворање на поглавја?

Од 35 поглавја од преговарачката рамка, Србија до сега го приведува до крај скринингот на 22. Најдалеку се стигнало во подготовката за отворање на поглавјето 32 (финансиска контрола), каде е во тек усвојување на преговарачката позиција во Советот на Европската унија. Истовремено, новиот пристап на ЕУ подразбира меѓу првите во преговорите за членство се отвораат некои од најтешките поглавја, кои се однесуваат на владеењето на правата и слободите (23 и 24), а во случај на Србија и поглавјето 35 (односите со Косово).

Токму Германија инсистира поглавјата во преговорите со Србија да се отворат откако ќе дојде до напредок во примената на Бриселскиот договор, поконкретно, Берлин на прво место бара имплементација на договорот за формирање заедница на српските односи на Косово.

„Кога отворате преговори за членство, тогаш во 'пакет' морате да ги имате сите 28 земји членки. Ако Германија тоа го гледа како прашање од национален приоритет, тогаш ние мораме да го почитуваме нивниот став“, објаснува членот на Европскиот парламен од Велика Битанија Чарлс Танок. „Од почеток се залагам за подобри односи меѓу Белград и Приштина. Во моментов имаме проблеми на Косово. Германците имаат свој став, други држави членки свој, но можеме само да работиме по принципи на консензуз. Британската влада е флексибилна кога станува збор за тоа прашање“, вели Танок. Во Брисел истовремено ги отфрлаат шпекулациите дека прашањето за отворање на преговарачки поглавја со Србија е условено со односите на Белград со Москва, односно неусогласувањето на Србија со надворешно-политичките и рестриктивни мерки на Европската унија кон Русија.

Charles Tannock Porträt Großbritannien Europaabgeordneter
Чарлс ТанокФотографија: William Lavender

Односите на Белград и Москва не се услов, но се сигнал

„Секоја земја има своја историја и одредени односи кон други земји. Затоа и постојат преговорите за членство, за време на кои постепено се разговара. Не можат европските стандарди само да се копираат, туку целокупното општеството треба да тргне кон ЕУ, а политиката е она што произлегува од заедничкото општествено разбирање. Затоа е важно преку интензивна соработка со Србија да се движиме кон ЕУ, а тоа ќе има влијае врз надворешната политика на земјата. Во моментов имаме различни ставови, но за тоа разговараме и убеден сум во позитивен исход“, порачува комесарот за преговорите за проширување.

Хан со тоа ја потврдува официјалната политика на ЕУ по која земјата кандидат за членство својата надворешна политика може постепено да ја усогласува со европската надворешна и безбедносна политика. Тој меѓутоа и ја нагласува важноста од „испраќање вистински сигнали“ од Србија која „самата ќе одлучи колку брзо ќе се движи во преговорите за членство“.

Не е тајна дека во Брисел надворешно-политичките активности на Србија, „како прва меѓу кандидатите за влез во ЕУ“, се набљудуваат со посебно внимание. И додека Белград ја добива сета европска поддршка и пофалби за „улога на лидер“ во областа на соработката во регионот, фактот дека во Србија во чест на рускиот претседател се организира воена парада, и дека на Путин и Москва се „гледа како на одреден пример“, секако не се од помош во остварување на она што српската влада го дефинира како прв надворешно-политички приоритет на земјата, а тоа е членство во Европската унија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема