1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово не може и натаму да остане заложник на развојот во Србија

Јерг Пас23 јануари 2007

Косовските Албанци и меѓународните претставници во покраината вршат притисок за брзо решавање на прашањето за статусот

https://p.dw.com/p/Adgg
Јоахим Рикер, шеф на УНМИК
Јоахим Рикер, шеф на УНМИКФотографија: UN

Пратеникот на ОН за решавање на статусот на Косово Марти Ахтисари ќе го поднесе својот предлог на 2-ри февруари. ЕУ се надева дека по изборите во Србија ќе биде формирана проевропска влада, што би го олеснило претстојното решение околу идниот статус на покраината. Но, во самото Косово веќе сега расте нетрпението.

ЕУ може да се надева на подобри времиња во односите со Србија, но не и многумина од косовските Албанци, кои сметаат дека со изборниот резултат во никој случај не стана поедноставно решението на прашањето за статусот: “Српските политичари и натаму играат на факторот време. Ние бараме од ЕУ да не се впушта во тоа, бидејќи доколку се случи такво нешто, тогаш луѓето овде ќе излезат на улица. Тие едноставно тоа веќе нема да го прифатат”. “Сигурен сум дека Србија поради Косово премногу ќе одолговлекува со составувањето влада . Но, ние Албанците ќе бидеме доволно мудри да не дозволиме да бидеме провоцирани со тоа. Оти, веќе не смее да се повтори такво нешто како во март 2004-та”.

Тогаш албански екстремисти уништија српски куќи, цркви и манастири, имаше многубројни мртви и ранети. Во моментов на Косово е во голема мера мирно, но непредвидливо е дали и до кога ќе трае тој мир, вели генерал Роланд Катер, командант на меѓународните трупи КФОР: “Ние веќе забележуваме една лесно зголемена нервоза – по седум години помалку или повеќе протекторат од страна на ОН и несигурност околу иднината, луѓето сега сакаат решение, сакаат да знаат како понатаму ќе одат работите на Косово. Тоа е причина поради која јас, од мојата одговорност за безбедноста како командант на КФОР, велам дека сега навистина ни е потребно решение колку што е можно побргу”.

За брзо донесување решение притиска и претседателот на Косово Фатмир Сејдиу: “Мора да се разликуваат работите: Косово не може и натаму да остане заложник на развојот во Србија. Во однос на тоа јасно се искажа и меѓународната заедница. Ахтисари најави дека сега многу бргу ќе го обелодени својот предлог. Што прават Србите со својата влада е нивна работа. Но, за нас е неприфатливо тоа да се поврзува со прашањето за статусот на Косово”.

Шефот на мисијата на ОН во Приштина, Германецот Јоахим Рикер, се надева дека веќе напролет Советот за безбедност завршно ќе се занимава со идниот статус на Косово. А тогаш, вели Катер, ни Русија - и покрај силните зборови од претседателот Путин на викендот по средбата со германскиот канцелар Ангела Меркел - нема да се спротивставува на некое решение: “Сметам дека мора да се види оти Русија не е само еден од петте постојани членови на Советот за безбедност, туку и важен член на Контакт-групата и дека ги поддржа сите нејзини важни чекори за да се реши статусот на Косово. Јас тргнувам од тоа дека Русија има и голем интерес да биде решен статусот на Косово, да биде внесено и тоа последно делче од мозаикот на Балканот” – вели Јоахим Рикер.