1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово - најскапиот српски збор

Драгослав Дедовиќ/ Превод: Александар Методијев20 април 2013

Србија и Косово сакаат да ги нормализираат своите односи 14 години по завршувањето на војната. Сепак, договорот означен како историски може да биде само прв чекор, смета Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/18JrG
Фотографија: AFP/Getty Images

„Косово“ е најскапиот збор, напиша еден национално инспириран српски поет во 1989 година. Со тоа е точно опишано она што повеќето Срби и ден денеска го мислат – Косово не е само едно парче земја, туку збирен поим за сите српски историски надежи и фрустрации. Некој вид на српски Ерусалим. „Српско Косово“ е неразделив дел од воспитувањето, часовите по историја и популистичкиот политички дискурс. Реално Косово, во кое во меѓувреме околу 90 проценти од населението говори албански и со векови негуваниот српскиот национален мит, во последните децении многу се разијдуваат. Во Белград, порано или подоцна, мораше да падне одлука – или повлекување од речиси мистичното преобразување на поимот Косово или, пак, од политичката реалност. Тогашната радикално-националистичка елита во Белград се одлучи, водена од европско-политичките ограничувања, за делување блиску до реалноста.

Таквата промена на мислењата во српската политика не се случи без причина. За време на НАТО бомбардирањата на Србија во 1999 година дојде до масовни протерувања на албанското население од страна на српската полиција. Кога НАТО ги потисна српските сили од Косово, албанските герилски трупи се вратија на Косово и протераа голем дел од српското население и многу неалбански жители. Со исклучок на еден мал дел на северот, Србија ја загуби контролата над таа област. Интеграцијата на косовските Албанци во српскиот политички систем беше незамислива.

Deutsche Welle Serbisch Dragoslav Dedovic
Драгослав ДедовиќФотографија: DW/P. Henriksen

Политички национално ориентираните Срби, кои како мантра повторуваа дека Косово е српско, што од 2008 година стои и во српскиот Устав, немаа одговор на едноставно прашање – дали можат да ги замислат борците на албанската герила Тачи и Харадинај како министри за одбрана на Србија? Ако кажат не, со тоа одбиваат политичко учество на косовските Албанци во српската држава и даваат аргументи за одвојување. Ако кажат да, тогаш би морале да ја доверат одбраната на еден омразен противник за време на војната. Тоа го знае и Ивица Дачиќ, поранешниот портпарол на партијата на српскиот автократ Милошевиќ. Како актуелен премиер на Србија, Дачиќ потпиша „историски договор“ со својот поранешен воен непријател Хашим Тачи, кој сега е премиер на Косово. Можеби тоа е и една добра вест.

Веста за постигнатиот договор сигурно дека припаѓа на стандардните медиумски претерувања. Тој „историски ден“, трезвено гледано, навистина е само прв чекор на патот кон можното решавање на споровите. Секојдневната заемна недоверба е прилично голема. Србија, окована во корупција и национално исфрустрирана, што се однесува до преговорите за членство во ЕУ, и натаму е несигурен кандидат. Со својата економија и семејните кланови како вистински центри на моќ зад демократски издигнатата фасада, Косово останува дом на сиромаштија во Европа.

Во односот меѓу Приштина и Белград во моментов нешто може да се реши од горе надолу и да се спречи избивање на насилства, доколку властите ги држат под контрола тврдокорните. Белград мора да ги смири косовските Срби, а исто така и на Приштина националистичката опозиција и’ тежи на вратот. Дури и ако се совладаат првите тешкотии, долгорочниот мир се’ уште не е обезбеден. Кога не се преземаат сериозни инвестиции во економијата и инфраструктурата, кога не се работи на вистинско помирување по пат на храброста наспроти вистината и тоа од двете страни – тогаш албанскиот и српскиот свет на Косово и натаму ќе бидат две планети кои кружат една околу друга, но сосема одвоени една од друга.

За многу Срби од Косово Белград се’ уште останува нивен главен град. Тие се’ уште веруваат дека нивните албански соседи се способни да им мислат лошо и дека сакаат да протераат од Косово се’ што е српско. За многу косовски Албанци нивните српски сонародници остануваат само немоќни претставници на поранешниот српски режим. Тој националистички танц може да потрае уште некое време. Тоа моравме да го примиме на знаење и по историски наречените договори во Северна Ирска или Израел и Палестина.