1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и портретот на Милошоски – теми на денешниот печат

31 август 2006

Во прегледот на печатот денеска се осврнуваме на две работи – статусот на Косово и дали тој може да биде решен до крајот на годинава, и за тоа како во весникот Зидојче Цајтунг е претставен новиот македонски министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

https://p.dw.com/p/Ae65

Весникот “Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ , во текстот со наслов “Решавачки недели“, на тема Косово, пишува:

“Финскиот посредник на ОН, Марти Ахтисари, во наредните денови во Виена, на членовите на Контакт групата за Косово ќе им даде извештај за досегашниот тек на преговорите што се водат од февруари досега. Можеби дипломатите ќе чујат и предлози на Ахтисари за решение на прашањето на статусот и со тоа ќе биде создадена основа за формулирање на соодветна резоуција на Советот за безбедност на ОН. Најдоцна на средбата, која е планирана за средината на септември, ќе се покаже дали предлозите на Ахтисари и неговите советници ќе бидат глобално прифатени во главните градови, а тука од значење е особено контроверзниот став на Москва. Русија досега се согласуваше со заедничките изјави на Контакт групата од кои меѓу редови се читаше застапување на идејата за независност на Косово. Но, руските врвни политичари, пред кои преднички рускиот претседател Путин, повеќепати се изјаснија против решение кое предвидува одвојување на Косово од Србија, чијшто дел, меѓународно правно и е.

За да ги обелодени своите предлози, Ахтисари треба неколку дена по отворањето на нвото генерално собрание на ОН, на 18 септември во Њујорк, да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите од Контакт групата. Прашање, е сепак, дали како што Ахтисари најави на почетокот на преговорите во февруари, Советот за безбедност ќе решава за статусот уште годинава. Се чини, на такво решение се противи пред се Русија, а и во другите земји предност имаат Блискиот исток или Конго, кои се чини го потиснаа Косово во позадина на меѓународната кризна ранг листа.

Белград, во меѓувреме, со денови води политичка кампања против претпоставената од српска страна, пристрасност на Ахтисари. Но, можно е кампањата на Белград воопшто да не е толку сериозна колку што Ахтисари мисли. И покрај тоа што досега не стои воопшто никаков датум, политичарите во Србија околу косовското прашање аргументираат како изборната кампања да е веќе почната. Затоа се стеснуваат од секаква најава на некаков компромис при преговорите за идниот статус. Коштуница неодамна изјави дека не само неговата, туку секоја идна српска влада ќе го третира Косово, на кое живеат повеќе од 90% Албанци, како составен дел на Србија. И, притоа не се работи само за зборови. Припадноста на Косово кон Србија треба со големи букви да биде запишана во новиот устав на земјата, вели Коштуница. Други српски политичари веќе предложија едно независно Косово да биде третирано како окупирана територија“, пишува денеска ФАЦ.

Угледниот “Зидојче Цајтунг“,пак, во текстот со наслов “Од гласноговроник до дипломат“, го претставува новиот македонски министер за надворешни работи. Портретот на Антонио Милошоски, освен најважните биографски податоци, ги содржи и следниве елементи:

“Милошоски не е непознат во неговата земја. Тој беше гласноговрник на владата во 2001 година, кога избија борби меѓу Албанците и македонските безбедносни сили, кои можеа да бидат запрени само со посредство на НАТО и ЕУ. Оттогаш, тој очигледно бележи развој од националистички позиции кон ЕУ – ориентација. На тој начин станува пример за неговата партија, за која вели дека станала модерна христијанско-демократска партија на десниот центар. Основачот на партијата, Љубчо Георгиевски, кој од западот се излоираше себе си со националистички испади, во меѓувреме се одвои од ВМРО ДПМНЕ.

“Милошоски е зоон политикон“, вели еден негов колега на универзитетот Дуизбург-Есен. Тој “политичкото сушстество“ од Балканот го опишува као “доверлив, но и флексибилен“. На универзитетот Милошоски работеше на еден истражувачки проект за надминување на конфликти преку европеизација меѓу Грција, Турција и Македонија. Неговиот докторски труд е пред завршување. Претходно, стипендистот на фондацијата Конрад Аденауер студираше во Центарот за истражување на европските интеграции во Бон. “

Во последниот дел од портретот, се вели:

“Кога бунтовниците почнаа со својот бунт, Милошоски рече дека неговата земја е жртва на големоалбанска агресија од протекторатот на ОН, Косово. Пред склучувањето на Охридскиот договор, кој стави крај на конфликтот со тоа што и се дадоа поголеми права на албанската четвртина од македонското население, Милошоски критикуваше дека има соработка на меѓународните посредници со бунтовниците и НАТО го нарече “пријател на нашиот непријател“. Подоцна, како стипендист во Бон, Милошоски го фалеше меѓународниот кризен менаџмент како прв пример на успешна надворешна и безбедносна политика на ЕУ. И новата влада сака земјата што е можно побргу да стане дел од НАТО и ЕУ“.