1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и натаму стои меѓу Албанија и Србија

12 март 2010

Посетата на шефот на албанската дипломатија Илир Мета на Белград, во Србија се гледа како знак за ново отворање во односите меѓу двете земји. Посетата можеби не е историска, но е многу значајна, се оценува во Белград.

https://p.dw.com/p/MREb
Затоплување на односите меѓу Белград и Приштина? Илир МетаФотографија: AP

Посетата на албанскиот министер Илир Мета на Србија е многу важен настан, како за односите меѓу двете земји, така и за регионот, вели за Дојче веле Симеон Побулиќ, потпретседател на Форумот за меѓународни односи. Односите меѓу двете земји никогаш не биле прекинати, но се одржуваа на далеку пониско дипломатско ниво. Иако во Албанија посетата беше окарактеризирана како историска, Побулиќ вели дека не треба да се очекува со едни разговори да се решат сите отворени прашања, но важно е тие да се решаваат во директни разговори.

„Важно е на одговорен начин да се објаснат ставовите за сите актуелни проблеми во билатералните односи, оние кои се однесуваат на регионот, особено за Косово. Од таквото изнесување на ставови секогаш има корист, бидејќи на тој начин се доаѓа до заеднички точки на интерес и потоа врз таа основа се градат решенија. Во секој случај, ова е добар настан за Србија и Албанија, за регионот и за Европската унија.“

Според очекувањата, по средбите со претседателот Борис Тадиќ и шефот на дипломатијата Вук Јеремиќ, прашањето за Косово беше наведено како клучна разлика во ставовите на двете земји. Оттука, акцентот е ставен на подобра економска соработка, заедничка борба против организираниот криминал и меѓународниот тероризам.

Постојат и други теми, освен Косово

Karte von Kosovo Serbien Albanien und Montenegro
Фотографија: AP GraphicsBank/DW

Албанската политичка елита, поради внатрешните односи, мора да води сметка какви ставови ќе заземе во однос на Косово, забележува Побулиќ, а слична е состојбата и во Србија. Но, сосема е сигурно дека и оваа посета, на некој начин, ќе биде вовед во пошироки разговори за Косово, на кои тема, нема да биде само статусот на Косово, туку и некои далеку попрактични прашања.

Тоа особено се однесува на економската соработка, бидејќи двете земји паметат далеку подобри времиња во стопанската соработка. Побулиќ вели дека посетата на Мета е шанса да се укаже дека проблемот во регионот не е само стабилноста, туку и меѓусебната соработка во надминувањето на кризата.

„Стабилноста може и да се подобри, но тоа не е единствениот проблем за регионот. Ние сите имаме проблем на економска стабилност. Секако, главна причина е кризата, но проблем е и што нашиот процес на транзиција не одеше онака како што треба. Според тоа, имаме многу теми за разговори, кои се однесуваат на економијата и нашите односи“.

Автор: Ивица Петровиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска