1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Дел Понте се дел од коментарите на германските весници

31 јануари 2007

Решението околу идниот статус на Косово и денеска е тема на написи во дел од германските весници, кои ја коментираат и работата на главната хашка обвинителка Карла Дел Понте која најави заминување од функцијата.

https://p.dw.com/p/Ae4b
Дел Понте си заминува од функцијата
Дел Понте си заминува од функцијатаФотографија: AP

Авторот на коментарот во весникот “Франкфуртер алгемајне цајтунг” по наслов ”Кој народ или која држава имаат право на одлука за самостојност” смета дека евентуална независност на Косово би можела да има многу негативни последици по меѓународното право. Во текстот се вели:

“Доколку Советот за безбедност овозможи одвојување на Косово од рамките на Србија, која има гарантираната сувереност преку Резолуцијата 1244 на ОН, Србија фактички ќе биде претворена во меѓународно правен плен. Тоа би било за првпат во историјата, еден народ и една држава да бидат поделени спротивно на вољата на мнозинството - и тоа еднострано од орган на ОН. Ваквото мешање во суверенитетот на некоја држава нема никаква основа во меѓународното право. Така во иднина може да се очекува народи кои сакаат да се отцепат, намерно да инсценираат конфликт за да може во целата ситуација да се вмеша и Советот за безбедност на ОН и потоа да си ја наплатат цената за пролеаната крв. Историјата ни покажува дека одлуките за отцепување водат кон траен мир само ако почиваат врз основите на меѓународното право, и кога се донесени со цел да изградат доверба и да ги смират судрените страни”, се вели во коментарот на “Франкфуртер Алгемајне Цајтунг”.

Во весникот “Зидојче цајтунг” по наслов протест против планот за Косово пишува дека косовскиот премиер Агим Чеку ги предупредил своите сонародници да не започнуваат протестни акции против евентуалното разочарување од текот на преговорите за иднината на провинцијата. “Секоја закана за мирот и безбедноста би била фатална за нас, изјави Чеку во неделното обраќање до населението предупредувајќи дека не треба да одговараат на повиците на поединци или групи. Такви акции претходно најави движењето за “Самоопределување” на Албин Курти, како и здружението на инвалиди и ветерани на УЧК. Нови акции Курти најавил за 10 фебруари, а ветераните ќе почекаат да видат дали предлогот на Ахтисари предвидува и целосна независност”, пренесува “Зидојче цајтунг”.

Весникот “Ноје Цирихер цајтунг” ја коментира одлуката на главната обвинителка на Хашкиот трибунал годинава да ја напушти функцијата и констатира дека Дел Понте не е одушевена од идејата на претседателот на судот Покара процесите кои се во тек да се забрзаат преку скратување на обвиненијата:

"Жртвите немаат разбирање кога во Хаг повеќе не се зборува за некои масакри. И Дел Понте веќе беше критикувана дека одделни процеси не се водат во Хаг туку во Босна и Херцеговина. Наспроти тоа, според Дел Понте, Трибуналот постигнал многу во изминативе години. Според неа се работи за историска заслуга. Високите воени команданти и политичари мора да одговараат за своите недела. Но, според Дел Понте никој од обвинетите или казнетите не покажал вистинско жалење за сторените злодела. Дури и Биљана Плавшиќ ја признала вината само за да добие помала казна”, се вели во текстот на “Ноје цирихер цајтунг” во кој се констатира и дека Трибуналот имал важен придонес во помирувањето на народите на Западниот Балкан и дека овој процес ниту од далеку не е завршен.