1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Заробени во сопствената земја

Елизабет Ве (ДЛФ) / К. Краљевска2 август 2015

Две третини од населението во Косово е помладо од 30 години - поголемиот дел е невработено. Политичарите ги нарекуваат иднина на земјата, што е речиси цинично. Средба со младина која реално нема на што да се надева.

https://p.dw.com/p/1G6ui
Две третини од населението во Косово е помладо од 30 годиниФотографија: Getty Images/AFP

Пешачка зона во Приштина - тоа е шеталиште долго еден километар, преполно со кафулиња и продавници. Кафулињата секогаш се полни, продавниците главно - празни. Шопингот и онака е споредна работа - шеталиштето тука се користи за купување сладолед во попладневните часови, нешто да се напиеш во вечерните часови и без да се завртиш да поминеш покрај трговците кои нудат јагоди од своите бавчи, пластични очила за сонце од Кина, балони за деца или стари книги. Оваа пешачка зона е епицентар на Приштина, цело Косово во ореова лушпа. Ова е се’ што сака Косово да стане: вистинска земја со модерен главен град и европски начин на живот. Оваа пешачка зона, сепак, открива и што навистина е Косово.

Заминување и враќање

Тоа е најмлада држава во Европа и тоа не само затоа што прогласи независност пред седум години - Косово има и најмладо население. Две третини од граѓаните се помлади од 30 години и тој факт политичарите го повторуваат како мантра, како младината да е клучна квалификација која треба да обезбеди светла иднина.

На корзото е и 34-годишниот Диртон. „Работам како обезбедување на царината, од осум наутро до четири попладне. Заработувам по 140 евра месечно.“ Тоа не е толку лошо, според проценката на Светска банка дури 70 отсто од младите во Косово се невработени. Од Диртоновата плата треба да се одбијат 90 евра, колку што ја плаќа станарината. Со преостанатите 50 евра не може да живее, без оглед на тоа што пиво во кафуле чини едно евро, а оброк може да се најде и за три евра. Притоа, овој млад човек не бара многу: семејство, перспектива, да живее навистина.

Неговите родители, браќа и сестри се во Германија. „Тие знаат дека од ова не можам да преживеам.“ Некогаш преку банка му праќаат пари. Семејството добило азил во близина на Пасау кон крајот на деведесеттите, кога во Косово беснеела војна. Диртон бил во Германија пет години, се‘ уште малку зборува германски. Но, кога наполнил 21 година, немал работа, а и не се запишал на факултет, по што бил протеран од Германија - единствен во семејството. Се обидувал да се врати. „Тоа чини од две до три илјади евра. Илегално е. И тоа не е решение.“

Само оваа година, на ваква идеја дошле десетици илјади Косовци: со автобус низ Србија и пеш, илегално, во Унгарија, па потоа понатаму. Диртон еднаш завршил во затвор во Србија. Втор пат тргнал со автомобил. „Платив такси, бидејќи сакав да одам на сигурно. Потоа и воз - до Франција.“ Без документи и право на азил се вработил на градилиште во Белгија. „Два пати поднесував барање. Ми рекоа дека не оди, дека во Косово сега е мирно.“

Потоа Диртон се обидел да стигне во Германија и да го види брат му. На железничката станица во Ахен влегла полиција. Затвор. Повторно протерување во Косово. И еве го сега, на приштинското шеталиште, дел од платата троши на пијалоци, се надева дека ќе запознае некоја девојка. Но, вели тој, тие обично ги гледаат момчињата со повеќе пари.

Symbolbild Kosovo Armut Perspektivlosigkeit
Само годинава неколку десетици илјади Косовци дошле на идеја да минат низ Србија со автобус или пеш, а потоа илегално да влезат во УнгаријаФотографија: AFP/Getty Images/A. Nimania

Suny Hill“ (Сончев Рид)

Повеќето од оние кои не добиваат азил во западноевропските земји, се враќаат во своите домови. „Во мал број случаи, луѓето продаваат се’ што имаат и кога ќе се вратат немаат ништо“, вели министерот за внатрешни работи, Скендер Хисени. „Во тие случаи државата помага. За жал, не сме во можност да издвоиме многу пари за повратниците. Косово е политички сигурна земја. Но, економијата...тоа не оди баш најдобро. Затоа и луѓето си одат.“

Токму политичарите, како Хисени, често со задоволство говорат за помладата генерација во Косово, како таа да е семеен накит, кој може да се претвори во пари. Изгледа политичарите не можат да разберат зошто младите ја напуштаат земјата наместо да градат напредно Косово. Притоа, знаците на безнадежност се насекаде: невработеност, корупција, дискриминација на малцинства, перење пари, трговија со дрога.

Дури откако и ако воопшто се избори со тие проблеми, Косово ќе може да смета на трговски и визни олеснувања од ЕУ. И, конечно да очекува преговори за членство во ЕУ. Дури 95 отсто од граѓаните сакаат да влезат во ЕУ - таква поддршка не постои на друго место. Особено младата генерација се надева на европска перспектива. Зошто? Бидејќи не постои друга перспектива.

„Тешко е“, вели 24-годишна Штројера, која неодамна дипломирала економија. „Можеби ќе се обидам да се вработам во некоја меѓународна организација. Не знам, можеби ќе ме земат. Можеби ќе основам и своја организација.“

ОН, ЕУ и НАТО се меѓу најголемите работодавачи во Косово. Нивни соработници од цел свет живеат во Приштина како под стаклено ѕвоно, во куќи кои личат на оние од богатите американски предградија, во населби како што е приштинската „Sunny Hill“ (Сончев Рид). Таму се наоѓаат и продавници со био-храна. Прашање е само каде ќе работат сите тие млади и образовани луѓе, како Штројера, кога еден ден меѓународните организации ќе го подигнат сидрото?

Kosovo Hauptstadt Pristina
Инвеститори од Европа со задоволство би дошле, но се жалат на лоша бизнис клима и корумпирано судство во КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Гревовите на Европа

Угледот на ЕУ донекаде се наруши кога Веби Катази откри корупција токму меѓу оние кои би требало да се борат против неа - во редовите на Еулекс. „Довербата во Еулекс исчезна, бидејќи нe ја исполнија мисијата поради која дојдоа“, вели Катази, новинар во весникот „Коха Диторе“. „Организираниот криминал не е ништо поинаков. А по овој скандал, никој не му верува на Еулекс.“

Според истражувањето на новинарот, европската мисија за воспоставување правна држава е полна со корумпирани судии и обвинители, кои ги стопираат процесите во замена за пари. Во еден случај, еден италијански судија, наводно, зел цели 300.000 евра. Истрагата трае, а Катази неодамна дури доби и награда од ЕУ за истражувачко новинарство. Изгледа како во Брисел да сакаат да се искупат за своите гревови. „Досега ништо не се случило, ниту пак ќе се случи. Ќе се забошотат случаите“, убеден е новинарот.

Според индексот за корупција на Транспаренси Интернешнал, Косово е на 110. место, зад Молдавија или Џибути. И сето тоа, иако разбивањето на корупција е еден од условите за напредок кон ЕУ. Една од причините, поради која нема подобрување се и лидерите на најголемите партии, кои од униформа на ОВК директно скокнаа во функционерските фотелји.

Инвеститори од Европа со задоволство би дошле, но се жалат на лоша бизнис клима и корумпирано судство. Претставници на фирми и банки нерадо говорат пред микрофон, но кога не се снима велат дека не се сигурни оти можат да ги оправдаат своите инвестиции и да остварат профит во Косово. Во мешавината од резигнација и очај, сите посочуваат со прстот кон некој друг. И младите Диртон и Штројера бараат промени. Но, кој ќе ги покрене?

Гарсониера

Назад на корзото. Наскоро завршува смената на Шкодор во кафулето „Пола и пола“. Потоа се подготвува за летување - следната недела оди во Турција и тоа не првпат. Без виза Косовците можат да патуваат само во неколку земји: Турција, Албанија, Србија и Македонија. Многу тешко добиваат виза за други земји. Шкодор тоа го споредува со живот во гарсониера. Се надева дека политичарите во Приштина ќе успеат да договорат визна либерализација. Малку веројатно, се‘ додека пет држави од ЕУ не го признаат Косово.

Во соседниот бар се гледа фудбал. Оваа вечер Албанија ја победи Франција на пријателски натпревар. Сите се среќни. Се радува и Диртон, кој повторно дојде на шеталиштето по смената. И тој сонува дека еден ден ќе може без виза да замине во Германија за да го посети семејството. Но, што ако наскоро од тоа не биде ништо? „Не знам“, вели тој. Кога го исклучив микрофонот, рече дека повторно ќе се обиде нелегално да влезе во ЕУ. Без оглед на тоа што два пати завршил во затвор. Не верува во подобрување на економската ситуација во Косово.

Кога на големите екрани не се прикажува фудбал, на шеталиштето во Приштина не е многу интересно. Тоа е шеталиште за губење време. Мала прошетка, испиено кафе, со верување дека живееш во светска метропола - тоа ги држи младите Косовци над вода. Исто како и сонот за Европа. Се чини дека тоа се само две илузии.