1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово – една година по немирите

16 март 2005

Иницијална каписла беше еден глас: се удавија албански деца во река во поделената Косовска Митровица и за тоа, се велеше, одговорни се Србите. Дојде до демонстрации кои бргу се претворија во безредија: 19 лица беа убиени, голем број домови и православни цркви уништени, а меѓународните сили за безбедност долго не дејствуваа. Тоа се случи пред една година на 17 и 18 март.

https://p.dw.com/p/Acte
На 17 март 2004 гореа повеќе срспки цркви
На 17 март 2004 гореа повеќе срспки црквиФотографија: AP

Големата истрага за немирите во голем дел ги разјасни настаните, но на судска одговорност не беше повикан никој. Место, тоа сите страни се колнеа дека никогаш веќе нема да дозволат такво насилство. Какви лекции извлекоа Албанците и Србите на Косово, како и УНМИК и КФОР?

Претставниците на Албанците, Србите и на меѓународната заедница сметаат дека нема да дојде до повторување на безредијата од 17 март минатата година. Трупите на КФОР, полицијата на УНМИК, како и косовските сили за безбедност презедоа се да спречат евентуални насилнички демонстрации. Германскиот Бундесвер на Косово испрати дополнителни 600 војници и многу подобро е подготвен за настап против насилници. Командантот на мултиетничката бригада Југо-запад, германскиот генерал Рихард Росманит не остава никаков сомнеж во готовноста да се интервенира:

„Нема да толерирам никакво насилство. Ако и покрај моите очекувања и наспроти реакциите на луѓето во последниве денови сепак дојде до безредија, ќе настапам против тоа„.

Билансот на дводневните крвави безредија од 17 и 18 март минатата година е катастрофален: 19 мртви, околу 950 уништени домови и повеќе од 30 унишетни српски православни цркви. Повеќе илјади Срби избегаа од страв пред насилството.

Косовската влада презеде многу работи за да ги поправи овие штети. Министерот за култура Астрит Харачија, кој е одговорен и за обновата подвлекува дека повеќе од 90 проценти од уништените домови се обновени. Меѓутоа, политичките штети за Косово во албанско-српските односи се поголеми, вели министерот:

„Она што се случи пред една година не беше вистинската слика за Косово. Политичките и економските последици беа преголеми. Тоа го знаат сите Косовари и претставниците на меѓународната заедница„.

По крвавите немири се прекина дијалогот меѓу Албанците и Србите околу таканаречените технички прашања. Дури по скоро една година вчера беа обновени. Додуша во минатите денови повторно можеше да се почувствува затегнатост. Од оставката на премиерот Рамуш Харадинај и неговото доброволно заминување во судот во Хаг, силите за безбедност се ставени во состојба на готовност. Во втроникот се случи и обид за атентат врз косовскиот претседател Ибрахум Ругова во Приштина. Во српското село Батуше дојде до протести поради слабото снабдување со струја. Сепак, министерот за култура е убеден дека веќе никогаш нема да дојде до крвави немири како пред една година:

„Не верувам дека Албанците ќе ја направат двапати истата грешка. Извлековме лекција од грешката. Убеден сум дека Косоварите ги отворија очите и нема да дозволат да бидат манипулирани од грст губитници„.

И претставникот на српските пратеници во косовскиот парламент Оливер Ивановиќ е убеден дека на Косово веќе нема да има насилнички немири:

„Причини за вакви немири и етнички мотивирано насилство има се помалку. Албанското политичко раководство не профитираше од насилството, зашто меѓународната задница многу јасно ги осуди немирите. За Албанците тоа беше голем шок зашто не се навикнати на такви критики. Второ: меѓународната заедница исто така извлече лекција. Мислам дека меѓународните сили ќе реагираат многу поенергично. Конечно, и Србија научи нешто: презеде многу посилна дипломатска иницијатива„.

Во наредните денови дури не се очекуваат ниту големи мирни демонстрации, иако економската ситуација е полоша од лани. Невработеноста достигна околу 60 насто. Односите меѓу Србите и Албанците и натаму се многу лоши, мнозинството српски пратеници го бојкотираат парламентот и, да не се заборави: Косово од оставката на Харадинај нема премиер. Во јуни меѓународната задница треба да реши дали се исполнети бараните демократски и правни стандарди. Потоа би можел да започне дијалогот за иднината на Косово.