1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Косово е посебен случај“

3 декември 2009

Во Меѓунардниот суд за правда во Хаг продолжува расправата за легалноста на прогласувањето независност на Косово. Своите ставови вчера (02.12.09) ги изложи Албанија, а потоа и Германија.

https://p.dw.com/p/Kp2w
Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: dpa

Албанскиот претставник, амбасадорот во Холандија, Газменд Барбулуши го бранеше прогласувањето независност на Косово.

„Населението на Косово беше изложено на најголемото етничко чистење од крајот на Втората светска војна, кое кулминираше во 1999 година со протерувањето од нивните домови на околу едеипол милион луѓе, од кои околу 700 илјади побегнаа во Албанија“, изјави тој.

Денеска, според Барбулуши, Косово е независна, слободна, мултиетничка и демократска држава во која се почитуваат правата на сите граѓани и која придонесува за стабилноста на регионот.

Држава која придонесува за стабилност

Независност на Косово е легално решение, изјави претставничката на Германија Сузане Васум Рајнер:

„Декларацијата за независност на Косово е во согласност со меѓународното право. Владата во Берлин е уверена дека Декларацијата ги зацврсти стабилноста и мирот во регионот“, изјави Сузане Васум Рајнер.

Германија, според неа, ги гледа и Косово и Србија како идни партнери во ЕУ.

„Меѓународното право не содржи одредба која би забранувала декларации за независност“, подвлече германската претставничка, напоменувајќи дека народот на Косово го искористи своето право на самоопределување преку своите избрани претставници во Собранието.

Декларацијата, според својата природа беше еднострана, но следеше по процесот на барање мирно решение под покровителство на ОН, по што беа исцрпени сите можности.

„Косово не може да биде преседан“

Германија оценува дека со Декларацијата за независнсот на Косово не е нарушен територијалниот интегритет на Србија, бидејќи тој принцип се однесува само на односи меѓу државите, но не и на народите кои имаат право на самоопределување.

Негирајќи дека со декларацијата е прекршена Резолуцијата 1244 од Советот за безбеднист на ОН, Рајнер подвлече дека таа резолуција не забрануваше независност на Косово и не го предвиде конечниот статус на покраината.

Internationaler Gerichtshof in Den Haag
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Сузане Висум Рајнер истакна дека едностраното прогласување на независноста на Косово е единствен и посебен случај и затоа не може да биде преседан во меѓународните односи. Државата Косово е сега факт кој не може да биде игнориран.

Како елементи кои случајот Косово го чинат посебен, претставничката на Германија ги наведе долгогодишната репресија на која беше изложено албанското мнозинство, која кулминираше во политиката на масакр и раселување во 1999 година, потоа долгото присуство на меѓународните органи во покраината и фактот дека преговорите не донесоа договорно решение.

Во таква ситуација, единствено решение беше државата Косово, изјави Рајнер.

Пред Меѓународниот суд на правдата своите аргументи ќе ги изложат 28 земји, по што ќе биде донесено советодавно мислење, кое не е обврзувачко за државите.

Автор: ЖА/БГ/Бахри Цани/бета

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска