1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово е жежок костен

12 декември 2007

На Косово почнаа консултациите за состав на новата влада, под водство на Хашим Тачи, кој вчера доби мандат од косовскиот претседател, Фатмир Сејдиу. Светот, пак, наголемо дискутира како со Косово.

https://p.dw.com/p/CaVb
Хашим ТачиФотографија: AP

САД и Италија ја делат загриженоста по прашањето на Косово. По средбата во Вашингтон на претседателите на двете земји, Џорџ Буш и Џорџо Наполитано, италијанскиот претседател рече дека двете земји ја делат загриженоста, особено за Косово, поради чекорите кои мора да се направат за да се оствари независност, водејќи притоа сметка за сите фактори.

Грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, оценува дека е сеуште рано да се зборува за независност на Косово и за евентуално признавање на таа независност. Бакојани вели дека треба да му се даде време на времето и дека дискусијата за Косово и натаму е отворена. Тоа што немало напредок на преговорите за статусот, според грчката министерка, не значи дека не може да се дојде до некакво решение.

Романскиот министер за одбрана, Теодор Мелешкану, во Белград, пак, рече дека Романија е за договорно решение кое ќе го прифатат двете страни и кое ќе биде прифатено во ОН. Околу можноста за еднострано прогласување независност. Малешкану оцени дека за тоа прашање потоа би се изјаснувале парламентите на земјите членки на ЕУ и додаде дека познавајќи ги приликите во романскиот парламент, не верува дека тој би ја поддржал таквата одлука.

Внатрешните проблеми би станале меѓународни

Германскиот експерт за меѓународно право, Ханс Јоаким Хајнце, зборувајќи за можното отцепување на Косово, во интервју за Дојчландфунк оцени дека промени на границите, според меѓународното право се можни, само ако страните се подготвени на тоа:“Во практиката на државите досега не се случило вакво нешто, а во многу случаи сме биле соочени со големи повреди на човековите права, но тоа немало за последица една територија да се оддели. Стравувам дека ако тоа навистина се спроведе, дека ќе мора да се постави, се разбира, прашањето – кои повреди на човековите права оправдуваат одделување на една територија? Дали сакаме одделување на Дарфур од Судан? Дали сакаме одделување на Чеченија од Русија? Стравувам дека на тој начин би имале синџир без крај, зашто многу народни заедници се незадоволни од нивната положба во постоечкиот систем на држави. Мислам дека решение би било да се воведат правила за автономија и тоа широки правила за автономија, кои на народните заедници ќе им овозможат останување во државата. Прогласување независност на една територија не значи дека таа територија потоа не мора да живее со своите соседи. Сигурен сум дека ќе ги имаме истите проблеми меѓу Косово и Србија доколку двете страни не бидат вклучени во решението и доколку не се земаат предвид оправданите барања на двете страни. Тогаш, како последица би имале – внатредржавните проблеми што ги имаме во моментов, би станале меѓународни проблеми, но нема да бидат решени.“