1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово гласа под засилен надзор

9 јануари 2011

Во Косово во тек е прегласување во неколку изборни единици, во кои беа утврдени нерегуларности на парламентарните избори одржани на 12. декември. Гласањето се одвива под засилен надзор на меѓународните нaбљудувачи.

https://p.dw.com/p/zvSq
Фотографија: AP

Околу 185 гласачки места беа отворени во седум часот наутро. Право на глас имаат околу 100 илјади лица. Гласањето е под надзор на сто набљудувачки тимови составени од претставници на меѓународни организации и на дипломатските мисиии во Приштина.

„Тие ќе ја следат секоја фаза од изборите на денот на гласањето“, соопшти канцеларијата на шефот на мисијата ЕУЛЕКС, Питер Фејт.

Без влијание врз конечниот исход?

Покрај странските набљудувачи, изборите ги следат и 500 домашни набљудувачи организирани од „Демократија во акција“, група од локални невладини организации. Таа ги повика политичките партии да демонстрираат политичка одговорност и да водат фер и демократска изборна трка.

Wahlen im Kosovo, Hashim Thaci
Демократската партија на Хашим Тачи најверојатно и натаму ќе остане победник на изборитеФотографија: AP

Валдете Дека, претседателка на изборната комисија, пред новинарите изјави дека процесот на гласање се одвива добро.

Набљудувачите предвидуваат дека денешното гласање ќе има мал ефект врз вкупниот исход на првите парламентарни избори на Косово од прогласувањето на независноста и оти Демократската партија на Косово на Хашим Тачи ќе остане најголемата партија во новиот состав на парламентот.

Предвремените избори производ на политичката криза

Според прелиминарните резултати во декември, Демократската партија на Косово (ПДК) има освоено 33,5 насто од гласовите, додека Демократската лига на Косово, предводена од Иса Мустафа, е на второто место со 23,6 отсто. Радикалното движење „Самоопределување“, предводено од Албин Курти, кое првпат учествуваше на избори, е на третото место со 12,2 отсто од гласовите.

Инаку вршителот на должноста претседател на Косово, Јакуп Красниќи ги распиша предвремени парламентарни избори за да се надмине долготрајната владина криза. Политичката криза во Косово се интензивираше по оставката од 27. септември на претседателот Фатмир Сејдиу. Тој се повлече од функцијата, откако Уставниот суд одлучи дека го прекршил Уставот, задржувајќи ја позицијата шеф на Демократската лига на Косово по изборите за претседател.

Автор:СН/ТТ/ртре/макфакс

Редактор: Трајче Тосев