1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово гласа, излезноста ниска

ЕМФ/дпа/бета8 јуни 2014

Првпат по прогласувањето независност на Косово, за нов состав на парламентот се гласа на целата територија на државата. Но, одзивот на избирачите е разочарувачки.

https://p.dw.com/p/1CEaM
Фотографија: DW/B. Shehu

Излезноста на избирачите на предвремните парламентарни избори на Косово е неочекувано ниска. Според податоците на Централната изборна комисија, до 15 часот на гласање излегле само 26,5% од речиси 1,8 милиони граѓани со право на глас.

Демократската партија на Косово соопшти дека врз основа на информациите од општинските штабови на оваа партија, процесот на гласање, освен помали технички проблеми, се одвива во најдобар ред.

Алијансата на ново Косово соопшти дека во Приштина, но и во други населени места се забележани активисти на други партии кои со себе носеле пропаганден материјал, што е во спротивност со законот.

За новиот состав на парламентот на предвремените избори се гласа во 38 општини. Првпат парламентарни избори се одржуваат во четири општини во северниот дел на Косово. Помош и поддршка во одржувањето на изборите во тој дел на државата пружа Организацијата за безбедност и сорбаотка (ОБСЕ).

На изборите за 120 места во парламентот се борат 30 политички субјекти од сите национални заедници. Од 120 пратенички места, 20 се гарантирани за припадниците на малцинските заедници. Од 20-те гарантирани места, 10 и‘ припаѓаат на српската заедница.

За да влезат во парламентот, партиите мора да го минат цензусот од 5% освоени гласови од бројот на оние кои излегле на гласање, додека коалициите треба да освојат најмалку седум проценти гласови. Тоа не важи за партиите и коалициите од малцинските заедници, на кои им припаѓаат гарантирани места. За да ги добијат тие места не постои долна граница на добиени гласови.

Wahl im Kosovo 08.06.2016
Фотографија: DW/B. Shehu

Шефот на мисијата на ЕУ на Косово, Самуел Жбогар, оцени дека е важно Србите да излезат на избори, затоа што своите интереси можат да ги заштитат само во рамки на институциите. Тој рече дека денешниот ден е значаен и дека луѓето треба со својот глас да одлучат за тоа кој ќе биде нивен претставник во институциите на Косово.

Предвремените парламентарни избори на Косово ги следат повеќе од 2.000 домашни и меѓународни набљудувачи, меѓу кои и набљудувачката мисија на Европската унија, која на Косово дојде на повик на претседателката Атифете Јахјага.