1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-потрес

23 март 2020

Растечкиот број на жрви од пандемијата ја потресе Европа исто толку силно како земјотресот во Лисабон пред 256 години. Светот е потсетен на смртта и се соочува со тешки фундаментални прашања, смета Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/3Ztkt
Italien - Bergamo - Coronavirus
Фотографија: Imago/S. Agazzi

Сликите од северна Италија се ужасни и делуваат многу страшно: доцна навечер во воени камиони се носат ковчези со жртвите од корона-епидемијата надвор од Бергамо – местото на ужасот деновиве. Дел од нив се носат и во стотици километри оддалечени градови, бидејќи локалниот крематориум веќе не успева да ги кремира починатите. Дури и смртта го преоптовари регионот.

Секојдневно од Италија пристигнуваат нови ужасни бројки на жртви: 427, 627, 793. Се губат стотици животи дневно. Цели старечки домови останаа празни поради смртта на стари лица, преполовени се и дел од селата под Алпите. Умираат и доктори и медицински сестри, а меѓу жртвите има и десетици црковни свештеници кои биле покрај болничките кревети. Смртта беснее во земјата која е летен сон за многу Европејци. И тие се сомневаат или пак стравуваат дека големата стапка на смртност ќе продолжи и понатаму. Она што се случува во Италија делува како предупредување.

Клучното прашање е „Зошто?“

Италија е во смртоносна борба, Европа и светот во шок и страв. Во медиумите гледаме слики и работи кои само до пред две недели би ни изгледале незамисливи. Постојат неколку историски споредби што би ми паднале на ум: тоа е цунамито во Јужна Азија од 2004-та, кога загинаа најмалку 230.000 лица

alt - bitte stattdessen 43309813 verwenden
Кристоф ШтракФотографија: DW

Веројатно заради необичноста на настаните во тоа време, ова силно потсетува и на земјотресот во Лисабон од 1755 година со 60.000 жртви. Иако потоа светот продолжи по патот на Модерната, вербата во прогрес исчезна, а оптимизмот во таа ера му го отстапи местото на очајот. Многумина потоа се мачеа да најдат одговор на прашањето -  „Зошто?“. Лисабон беше епохална пресвртна точка за многу историчари, филозофи, писатели, теолози.

Ако се земе предвид таа 1755 година, тогаш и ние, исто како и луѓето тогаш ќе треба промислено да се увериме што ни е важно, на нас самите, нашите принципи и тоа што сме го земале здраво за готово, во нашата солидарност, и нашите крајни граници. И секој кој зборува за овие ужаси како божја казна, се враќа кон обичната традиција, односно кон фундаментализам.

Смртта е тука

Воените камиони од ноќта во Италија како слика која нѐ прогонува. Секој е потресен. Разбирливо е дека италијански доктори и германски политичари имаат слични апели #ОстанетеДома! И #НамалетеЈаКривата! Тргајте си се од патот! Замрзнете го секојдневието! Забавете го заразувањето! Тоа се слики и сцени кои предупредуваат: сфатете го секој апел сериозно. И сето тоа е исправно. И тоа е суштински исправното сѐ додека медицината е беспомошна.

Но, таквото зборување го одвлекува вниманието од самата драма (која никој не може да исклучи дека може да има сличен исход во Шпанија или која било друга европска земја, во Иран или пак во САД). Смртта е тука. Смртта која ние на Западот ја потиснувавме во времиња на неограничени можности, на златни фасади и постојано нови рекорди.

Сеќавањата ќе бидат предизвик

Воените камиони полни со ковчези се симбол за тоа дека една земја се чини е во војна со непознат непријател. Жртвите се често стари и изнемоштени лица. Кој го знае италијанскиот начин на живот се потсетува на пријателски настроени, ведри ликови од кои зрачи радост и животна приказна, понекогаш исполнета со маки.

И најмалото селце има свои гробишта и на верски начин и со семејството ја одбележува смртта и сеќавањата.

Сега веќе се умира осамено и исто таков е и погребот, едвај со името на мртвиот. Сеќавањата, ако некогаш дојде крај на КОВИД-19, ќе бидат предизвик за земјата и со болката можеби ќе ја префорсираат. И во зависност од тоа како ќе се одвиваат нештата, можеби ќе бидат предизвик за цела Европа.

427, 627, 793 животи. Секоја бројка е релевантен живот. Во различни земји се пренесуваат бројките, недела за недела. Ќе мора да издржиме сите заедно и заеднички да се заштитиме. Мора наново да ја научиме вредноста на животот. Ако деновиве некогаш во медицински, некогаш во економски контекст се зборува за системска релевантност, веќе насетуваме зошто. Негувателите, докторите, пекарите, продавачите - системски релевантни животи, чии системи неретко се загрозени од младите на слободниот пазар. Тоа не треба да го заборавиме во и по актуелниот потрес на нашите системи.