1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Корона-криза: Навалица во продавниците за велосипеди

Мирјам Бенеке
19 мај 2020

Долги редици, испразнети продавници: ни најоптимистичните трговци со велосипеди не очекуваа ваква навалица. За врема на корона-кризата велосипедите се побарани од кога било досега.

https://p.dw.com/p/3cSpJ
Deutschland Corona-Pandemie Fahrrad | München
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Седумгодишниот Матс гордо се качува на својот нов велосипед, исто толку блескаво син како и кацигата која цврсто стои на главата на детето. „Вистински полициски велосипед“, вели Матс и со весели извици „Тату-тата“ вози еден круг низ продавницата за велосипеди.

Матс имаше среќа. Детските велосипеди во многу келнски продавници моментно се дефицитарна стока. И возрасните, кои бараат одредени модели или резервни делови, мора да сметаат на долг рок на испорака. Зашто, побарувачката е голема. „Никогаш нема да го заборавам понеделникот кога повторно ја отворивме продавницата“, вели Кристоф Хоп од велосипедската продавница „Радлагер“. „Беше слично на пукање на брана.“

Deutschland Fahrradkauf in Köln
Седумгодишниот Матс се радува на својот нов велосипедФотографија: DW/M. Benecke

Со недели специјализираните велосипедски продавници во Германија беа затворени поради пандемијата на коронавирус. И тоа токму во момент кога обично почнува големата пролетна продажба. „Во мигот кога првите кокичиња ги подаваат своите главчиња од земјата, луѓето посакуваат да се качат на велосипед“, вели Хоп. Секоја година е така. „Поради принудното затворање годинава се создаде застој“, вели продавачот. Сега навалата е едноставно „луда“. Луѓето не ги тера да побараат велосипед само убавото пролетно време и акумулираната желба за купување.

Сообраќајно средство број еден

„Поради короната, велосипедот е сообраќајно средство во тренд“, вели Давид Ајзенбергер од Здружението на велисипедска индустрија за Дојче веле. „Тоа се забележува не само на улиците, туку и преку навалицата на продавниците за велосипеди.“ 

Некои седнуваат на велосипед за да побегнат од седењето дома и да останат во форма. Други пак ги одвратува обврската за носење заштитна маска во јавниот сообраќај. „Затоа, моментно многу луѓе се решаваат да возат велосипед, или се преориентираат оние кои порано до работа стигнувале со метро". Во повеќе германски метрополи се проширени и велосипедските патеки.

Deutschland Fahrradkauf in Köln
Кристоф Хоп: „Повторното отворање на продавницата беше како да попуштила брана“Фотографија: DW/M. Benecke

Има и такви кои не купуваат, туку изнајмуваат велосипеди. „За жал, со мојот пресно изнајмен велосипед не можам да возам до работа, за мене уште е задолжителна работа од дома", вели Инес од Келн. Бидејќи спортскиот курс на младата 28-годишна жена уште паузира, таа планира да вози долж Рајна.

Да се купи или да се изнајми?

Во фирмата „Свапфитс“ во Келн муштериите можат да изнајмат велосипед за 20 евра месечно. Поправките се бесплатни и во секое време. Освен тоа, изнајмувањето може да се откаже секој месец. „Не знам уште колку долго ќе останам во Германија, затоа овој концепт ми одговара", вели Инес.

Повеќе:

Како коронавирусот се пренесува преку воздухот

Се повеќе докази дека и здрави луѓе го пренесуваат коронавирусот

Како ќе се патува со авион во време на корона?

Велосипедите на „Свапфитс“ се препознатливи со своите сини предни тркала. На улиците на Келн во меѓувреме ги има околу 3.500. Во изминатите недели бројот на корисници доживеал голем скок. „Во месеците март и април годинава забележавме вистински бум, што не е резултат само на убавото време и почетокот на велосипедската сезона“, вели Андре Илмер, шеф на „Свапфитс“ во Германија.

За да го објасни бумот, фирмата изминатите седмици спровела анкета меѓу 741 нов корисник. 42 проценти од новите муштерии изјавиле дека на нивната одлука да се префрлат на возење велосипед влијаела пандемијата на коронавирус. 45 проценти сметаат дека возењето на две тркала моментно е подобра алтернатива, посебно што претпријатијата од јавниот сообраќај делумно мораа да редуцираат дел од своите услуги.

Сеедно дали купени или изнајмени – бизнисот со велосипедите оди добро. Трговците сега треба да ги надокнадат загубите од повеќенеделното затворање на продавниците и намаленото производство. „Мислам дека сепак ќе се извлечеме, ќе поминеме само со модрица на окото, но само ако летото биде топло и сончево и ако не дојде втор бран инфекции", вели Давид Ајзенбергер.