1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи околу сеќавањето на холокаустот

Кено Ферзек/Б. Георгиевски25 јануари 2014

Унгарската влада ја прогласи 2014. за година на Сеќавање на холокаустот. На овој начин таа сака да ги отфрли обвинувањата за антисемитизам. Еврејските организации го критикуваат планот.

https://p.dw.com/p/1AwX8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повод за прогласувањето на година на Сеќавање на холокаустот е 70. годишнина од почетокот на геноцидот врз Евреите во Унгарија: од март 1944. до јануари 1945. година околу 600 илјади Евреи биле депортирани и убиени во германските логори на смртта. Во соработка со еврејските организации на еврејската држава, годинава се планирани бројни активности. Освен бројните меморијали и реновирањето на синагоги, централна точка на сеќавањето е изградбата на нов споменик и Центар за сеќавање на холокаустот на поранешната железничка станица во Будимпешта.

Гестот на владата на Орбан позитивно изненади многу унгарски Евреи, но дел остануваат скептични. Нивната скепса со текот на времето доби и потврда. Така на пример, раководителот на владиниот историски институт Веритас, Шандор Шакали неодамна ја релативизираше одговорноста на Унгарија за холокаустот. Во интервју за агенцијата МТИ, тој оцени дека Евреите во Унгарија „забележале значителни загуби“ дури по германската окупација на земјата во март 1944. година. Претходните депортации на Евреите од страна на унгарската држава тој ги оправда со податокот дека тоа биле Евреи кои немале унгарско државјанство.

Протест на еврејските организации

Најголемата контроверза ја предизвика планираниот споменик, кој ќе ја симболизира германската окупација на Унгарија. Поставен на централниот плоштад во Будимпешта, споменикот го прикажува „германскиот орел“ кој го напаѓа Архангелот Габриел- симболот на Унгарија. Тој им е посветен на сите жртви во периодот од март 1944. до крајот на војната во април 1945. година. Според интерпретацијата на владата, која стана и официјален дел од преамбулата на унгарскиот Устав, унгарскиот суверенитет завршил на 19 март 1944. година. Унгарската држава, според тоа, има само ограничена или никаква одговорност за холокаустот врз унгарските Евреи.

JWC/Jüdischer Weltkongress - Ungarn/ Orban
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Reuters

Унгарските еврејски заедници остро протестираат против споменикот, и бараат од владата да не го открива. Претседателот на организацијата на Евреите, Андраш Хајслер изјави дека доколку владата не ја запре промоцијата на споменикот, а раководителот на Веритас не поднесе оставка, тие ќе го откажат учеството на манифестациите.

Портпарол на владата во Будимпешта ја нарекува дебатата околу споменикот „хистерија“. И премиерот Виктор Орбан застана во одбрана на споменикот. Во писмо до Хајслер, Орбан пишува дека постојат сили кои сакаат политички да ја уништат манифестацијата, но тој тоа нема да го дозволи.

Историски фалсификат

И бројни еминенти унгарски историчари го критикуваат споменикот, меѓу нив и Кристијан Унгвари. „Овој споменик е груб и тенденциозен историски фалсификат. Унгарија формално беше окупирана, но остана важен сојузник на Германија“, вели Унгвари. Тој потсетува и колку ревносно унгарските власти учествувале во депортацијата на Евреите. Доколку тие се придржувале до германските барања, околу 200 илјади унгарски Евреи би биле спасени, пишува Унгвари во последната книга посветена на владеењето на про-фашистичкиот режим на Миклош Хорти, кој ја раководеше државата до март 1944. година.

Ungarn Land und Leute Budapest Wallenberg Memorial Park Tabakgassen-Synagoge Denkmal
Меморијалниот парк на холокаустот во БудимпештаФотографија: J. Sorges

Во расправата се вклучи и израелскиот амбасадор во Унгарија, Илан Мор кој оцени дека „повеќе енергија било вложено во уништување на Евреите, отколку во нивното спасување“.

Контроверзите околу Сеќавањето на холокаустот и изградбата на споменикот, според историчарот Унгвари, се корисни предизборни алатки за владејачката партија Фидес.

„Секоја критика тие ја претставуваат како напад врз унгарскиот суверенитет. Кај голем дел од нивниот електорат кој е крајно десничарски, тоа добро минува“, вели Унгвари.