1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конкретна, а не вербална поддршка за Западен Балкан

Силвера Падори-Кленке27 август 2014

Со Самитот за Западен Балкан (28. август), политички Берлин сака да порача дека е подготвен не само формално, туку и конкретно со економски проекти да го поддржи консолидирањето и вклучувањето на регионот во Унијата!

https://p.dw.com/p/1D1Xd
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Западен Балкан е повторно во фокусот на германската политика. Своевидна „увертира“ на Самитот за Западен Балкан што в четврток (28 август) на иницијатива на канеларката Ангела Меркел се оддржува во Берлин, беше и вчерашната конференција во фондацијата Фридрих Еберт. Неколкумина експерти од регионот и германски парламентарци дискутираа дали Западен Балкан се доближува или оттуѓува од Европа? Колку е значајна економијата за стабилизирање и интегрирање на регионот во Унијата и конечно - зошто проширувањето се одолговлекува и кој профитира од ваквата стратегија?
„Иницијативата на Западниот Балкан преку економијата да му се понуди европска перспектива е многу важна од едноставна причина што не може да се инсистира на расчистување на политичките прашања, а да не се отвораат работни места. Од друга страна, исто така не може да се бараат решенија за стопанството, а да не се менуваат политичките процеси и односи. Двете работи се поврзани, што значи дека за да може стопанството нормално да се развива, потребно е да постојат дефинирани општетсвено-политички рамки. Со други зборови кажано - сите политички прашања се значајни за нормалното функционирање на економијата“, смета Јосип Јуратовиќ, пратеник на СПД во Бундестагот според кого важно е што тежиштето и на Самитот кај Меркел ќе биде сконцентриран на развојот на инфаструктурата во регионот. И тоа не само поврзувањето долж Јадранот од Хрватска, преку Црна Гора до Албанија, туку и централно во континенталниот дел преку оската Загреб - Белград – Скопје.

Josip Juratovic
Инфраструктурното поврзување основа за регионалната стопанска соработка! Јосип Јуратовиќ.Фотографија: DW/A. Slanjankic

Одолговлекувањето и ризиците

Учесниците на Конференцијата се согласија дека има многу анализи, многу ветувања и зборувања, но не и конкретно делување за вклучувањето на Западен Балкан во Унијата. Се слушнаа забелешки на адреса на ЕУ за нејзиното инсистирање за исполнувањето на политичките критериуми и демократизацијата. Според некои дискутанти демократизацијата би требало да биде метод на интеграција, а не цел на земјите од регионот!
„Би сакал Македонија и сите земји од Западен Балкан веќе да се во ЕУ! Јас сум заговарач на брзото членство во ЕУ, зашто сметам би имало многу побрз напредок на земјите кога се дел од ЕУ, отколку кога во некаков статус го чекаат членството. Некои чекаат 25 години, а кога го гледам македонскиот случај со грчката блокада, не се гледа некоја блиска преспектива. Кај сите кои долго чекаат на членството во ЕУ доаѓа до негативни тенденции. Односно до затворање, до изолација, еден вид нервоза која се одразува врз целиот политички простор. Видовме дека не само во Македонија, туку и во други земји, доаѓа до обнова на политиката на идентитетот, дека многу се говори за минатото, дека етничките проблеми не се до крај разрешени - иако за среќа нема конфликти. Но, секогаш е некако напрегнато. Мислам дека сево ова е последица на толку долго чекање на члентво. ЕУ мора да ја промени својата политика. Мора повотрно да ги разгледа критериумите за членство во ЕУ и мора да има предвид дека станува збор за земји кои се поинакви од една Финска или Австрија, кои и историски имале помалку проблеми и економскиот развој бил поинаков. Доколку ЕУ навистина ги сака овие земји, мора да прилагоди некои од критериумите, но ова не значи дека земјите не треба да се трансформираат. Пред нив е долг пат, така да мора да го искористат процесот на приклучување во ЕУ на позитивен начин да се реформираат “, подвлече и Дејан Јовиќ, раководител на отсекот за меѓународна политика и дипломатија на Универзитетот од Загреб.

FES Konferenz Europa und der Westliche Balkan 26.08.2014 Berlin Dejan Jovic
Долгото чекање за членство во ЕУ носи негативни тенденции. Дејан Јовиќ.Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Влијанија и интереси

Германската поддршка за регионот на Западен Балкан се повторува подолго од деценија. И покрај замореноста од проширувањето која последниве години на секој чекор се повторува, Унијата за сега се' уште останува атрактивна за сите земји од регионот. Во едно опкружување на конфликти во блиското соседство ЕУ кое овие месеци го доживуваме, многумина со право се прашуваат дали Унијата е расположена и моќна да ги прифати земјите од Регионот. Дали конференцијата во Берлин ќе биде вистинска пресвртница за Балканот или само уште една формална средба на највисоко политичко ниво?
„Состојбата во Европа се менува. Европска унија не е повеќе единствена можност, опција за сите земји, особено за оние кои се на маргините на Европа. Зашто едноставно се појавуваат и други актери. На работ на Европа се заканува биполарност - ако се смета само на влијанието на ЕУ и на Русија, односно би рекол и мултипоралност - ако се имаат предвид влијанијата на Америка и Турција. За земјите кои сега се дел од ЕУ, нема можности за поголеми политички промени или други влијанија. Но, за другите кои чекаат, Европската Унија мора да го динамизира процесот на натамошното проширување и да ја искористи приликата, додека може, да се прошири со земјите од Западен Балкан. Инаку, не сум сигурен дека ЕУ сега може да достигне до Украина или во други делови од истокот“, коментира Дејан Јовиќ.

Тајминг за акција!

Случувањата во светот секако дека имаат влијание врз позициите на Германија кон Западен Балкан, иако Самитот е закажан практично во екот на драматичните случувања меѓу Русија и Украина. Целта на конференцијата е повеќекратна. Најпрво Германија сака фокусот да го сврти кон земјите од регионот кои со различен интензитет се движат кон ЕУ. Второ – самитот треба да биде замаец за реформите. Третта не помалку важна цел е да се разгледаат можностите за регионалното поврзување кое е основа за заедничкиот развој, за премрежување и поедноставно исполнување на критериумите за членство. Од друга страна факт е дека и Германија има и свој интерес да биде присутна во регионот - сака да влезе со свои инвестиции и ноу хау во инфраструктирни проекти. Или, како што вели еден познавач на регионот, ова би било „рандеву на задоволство на двете страни“. Германија би обезбедила со тоа и поголемо влијание, кое регионот би го дочекал со раширени раце.
Според извор на ДВ во политичкиот дел на самитот ќе се направи обид дискретно да се истисне терминот „проширување на ЕУ“ и истиот да се замени со „консолидација на ЕУ“. И ова не само како формално вербална категорија, туку како и фактичка. Ова значи дека сите критериуми кои се предвидени за членството и натаму остануваат, но идеја е земјите да добијат вистински замаец, нов елан , економски да се зајакнат, да се консолидираат и така да се доближат и да станат дел од ЕУ.
Самитот за Западен Балкан кој е централен политички настан во престолнината, започнува в четврток (28 август) претпладне со двата панели за енергетиката, инфраструктурата, вработувањата и инвестициите на така именуваната „Економска конференција за Западен Балкан“, чиј домакин е вицеканцеларот Зигмар Габриел. На овој дел од Самитот ќе учествуваат македонскиот вицепремиер Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири. Во блокот за надворешната политика (регионална соработка, ЕУ, отворени прашања) што ќе биде в четврток поладне зад затворени врати ќе учествува шефот на дипломатијата Никола Попоски.
Едновремено во 15:30 часот во германската влада канцеларката Меркел ќе ја има главната пленарна седница со премиерите на земјите од регионот вклучувајќи ги Словенија и Хрватска, на која ќе учествува премиерот Никола Груевски. И овие разговори се затворени за јавноста, но ДВ дознава дека ќе биде дискутирано за политички теми: односно ситуацијата и проблемите од регионот.
„Спорот со името меѓу Македонија и Грција официјално нема да е тема на конференцијата,. Но, можеби за ова ќе се проговори во паузата или неформално. Зашто на сите им е јасно дека без јасна политичка рамка, ќе биде тешко да има добар екононмски развој“, изјави за ДВ социјалдемократот Дитмар Нитан, осврнуваќи се на престојниот политички настан во Берлин.
На Самитот кој како формат треба да прерасне во годишна конференција за Западен Балкан во рамките на ЕУ ќе учествува и актуелниот престедател на Европската комисија Барозо, како и првата политичка гарнитура на Австрија (премиер, министер за надворешни и за економија) која идната година ќе биде организатор на собирот. Гостин е и Франција, која ќе ја претставува Ален Ришар, советник на министерот за надворешни работи задолжен за регинот. Самитот ќе финишира со работна вечера која ја приредува канцеларката Меркел и која има повеќе свечен карактер. Тогаш учесниците уште еднаш ќе ја резимираат еднодневната работа и разговори. Некакви големи заклучоци и документи не се предвидени, освен позитивната порака преточена во конкретен ангажман за економски развој на Западен Балкан.

Großer BDA-Preis an Axel Schultes verliehen Kanzleramt
Првиот самит за Западен Балкан во германската влада, треба да прерасне во годишна конференција во рамките на ЕУ.Фотографија: Gallup/Getty Images