1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно и државите да смеат да одат во стечај!

Дирк Кауфман/сн6 август 2015

Државите кои не можат да си ги отплатат долговите имаат банкротирано. Но, за нив не постои регулирана стечајна постапка. Економскиот институт од Келн сака тоа да се промени. .

https://p.dw.com/p/1G9W9
Фотографија: picture alliance/chromorange

„Потребен ни е Закон за инсолвентност бидејќи грчкиот пример покажа дека немаме сигурна и адекватна постапка“, вели Јирген Матес од Институтот за германска економија. Со тоа тој ја допре болната точка, која ја предизвика дискусијата за излез на Грција од еврозоната. „Толку далеку во Грција не смееше да се отиде. Најголем дел од долговите Грците ги имаат кај јавните доверители. Тоа во иднина мора да се спречи.“

Во стопанството е во детали регулирано се’ она што на нивото на држави не е. Доколку една фирма на подолг временски рок троши повеќе пари отколку што заработува, автоматски има проблем. Доверителите и купувачите кога-тогаш ќе изгубат трпение и последица е дека фирмата ќе мора да покрене стечајна постапка.

Се утврдува неликвидност на фирмата, а управувањето со неа го презема стечаен управник. Тој мора да се погрижи никој од клиентите да не го извлече подебелиот крај и да се наплатат што е можно повеќе побарувања. Понекогаш тој е во состојба да најде решение за фирмата да може да продолжи со работа и да не ги отпушти сите работници.

Таквиот модел во Германија постои повеќе од 10 години и за приватни лица. Ако некој е презадолжен, може да започне постапка за т.н. приватен стечај, што е шанса за нов почеток. По три години доаѓа до „ослободување на остатокот од долгот“ и инсолвентниот поединец може да почне да стопанисува од почеток.

Symbolbild Grexit Eurokrise Griechenland Euro EZB Eurogruppe
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

ЕСМ во фокусот

Кај регулираната стечајна постапка за држави се поставува прашањето кој утврдува неликвидност. Јирген Матес вели дека вообичаена постапка изгледа вака: „По правило државата поднесува барање до Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ), со што доаѓа до анализа на носивост на долговите.“

„За продолжување на процедурата уште нема регулиран процес“, додава тој. Уште не е регулирано што треба да се случи кога една земја веќе не е во состојба да се носи со долговите, кога е анализата за таа земја негативна и кога се утврдува дека постои презадолжување. Поради тоа, вели овој економист, „треба да имаме јасна регулатива, која налага дека во такви случаи се започнува стечајна постапка.“

А тогаш една друга институција, а не погодената држава, би морала да утврди инсолвентност. Матес како последна можност, значи „ултима рацио“, предлага тоа да биде Европски механизам за стабилност . „Овој механизам би морал да добие можност со големо мнозинство да донесе одлука за започнување стечајна постапка за презадолжената држава.“

Deutschland Schuldenlast Privatleute Illustration
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Прво реформи, а потоа штедење

Првиот дел од постапката би требало да се состои во тоа презадолжената држава во наредните три години да преземе обврска да спроведе реформи. Таа би морала повторно да воспостави конкурентност на економијата, да ги зголеми приходите и да ги намали давачките. Ако таа програма, вели Матес, не покаже резултати, тогаш автоматски мора да се започне стечајна постапка.

А тогаш на министрите за финансии во еврозоната би паднала најважната задача: „Тие би морале да ја убедат дадената земја да се согласи и да даде своја согласност за стечајна постапка и тоа сосема сигурно е голем предизвик.“

А тука треба да се земе предвид дека не може да се смета на неподелена подготвеност на богатите земји од северот на Европа да дадат согласност за стечајна постапка. Стравот оти Законот за инсолвентност на несериозните политичари кои мораат да се грижат за буџетот би можел да им даде лажна сигурност не е без причина и не може туку-така да се отфрли. Поради тоа, вели Матес, „мора да се спречи државите толку длабоко да се задолжуваат“. „Бидејќи во стечајната постапка тие можат да се ослободат од долговите, без тоа премногу да ги заболи“, констатира тој.

Symbolbild Griechenland Schuldenkrise
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

И покрај се’, веруваат

И покрај се’, стручњаците од Институтот за германска економија се плашат дека регулираната постапка за земјите кои банкротирале, би ја охрабрила конкретната земја-кралица на долгот да продолжи со трошење пари, бидејќи за тоа би било доволно да се поднесат планови за спроведување на реформи. Тоа презадолжената држава би ја водело во насока на губење на сувереноста. А тој губиток на сувереност е политички скап. Владите за него нема да се одлучат толку лесно.