1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Андреас Бекер
9 септември 2020

Кои би биле економските последици доколку гасоводниот проект биде запрен, како европска реакција поради атентатот врз рускиот опозиционер Алексеј Навални?

https://p.dw.com/p/3iDEj
Deutschland Mukran | Rohre für Nord Stream 2 Pipeline
Фотографија: Imago Images/D. Sattler

Без оглед што германската канцеларка Ангела Меркел одамна го тврди спротивното – гасоводот „Северен тек 2“ никогаш не бил чисто економски проект.

Секако, постојано се истакнувани економски аргументи: рускиот гас треба да ја избалансира опаднатата експлоатација во Норвешка, Холандија и други европски земји и освен тоа да го овозможи германското енергетско преориентирање, по откажувањето од атомска енергија и јаглен. Но, на Русија ѝ е важен превенствено директен пристап до Германија, без зависност од транзитни земји како Украина или Полска. 

Низ гасоводот тече гас веќе девет години. Сега дискутираниот гасовод „Северен тек 2", за чие комплетно завршување недостигаат уште 100 километри, треба да го удвои капацитетот на 110 милијарди кубни метри. 

Но, дополнителниот гас не е вистински потребен. „'Северен тек 2' не е незаменлив за енергетската сигурност на Германија и на Европа", вели Кристоф Вебер, професор за енергетика и економија на Универзитетот Дуизбург-Есен. „Постои пристап до гас од различни извори, сеедно дали од Норвешка, САД или Северна Африка", вели Вебер за Дојче веле.

„Непотребен, штетен, нерентабилен!"

И Марк Оливер Бетциге, директор на Енергетско-економскиот институт на Универзитетот Келн, не гледа проблем во снабдувањето со гас ако му се стави крај на „Северен тек 2".

Напротив, позитивните ефекти на гасоводот, доколку биде довршен, би биле ограничени. Цените на гасот во Европа во таков случај би паднале „видливо, ако не и драматично", истакна Бетциге за „Франкфуртер алгемајне цајтунг", и тоа за околу пет проценти. 

Повеќе:

Меркел и Путин: Не се пријатели но затоа се партнери

Трамп го санкционира Северен тек 2

Северен тек: Кој се сака, тој се тепа за моќ

Кавгата за Северен тек 2 штотуку стана „валкана“

Тоа е оценка на група експерти од Енергетско-економскиот институт на Универзитетот Келн, во студиска пресметка финансирана од „Северен тек 2" а објавена во април.

Уште попогубна е оценката на енергетските експерти од реномираниот германски Институт за економски истражувања, ДИВ. „Северен тек 2" е „економско-енергетски излишен, политички и еколошки штетен и економски нерентабилен", тврди Клаудија Кемпферт, коавтор на студија од 2018 година. Дури и руски аналитичари се сомневаат во исплатливоста на проектот за рускиот концерн „Газпром".

За разлика од „Северен тек 1", каде учествуваат европски фирми како „Еон" од Германија или „Енџи" од Франција, „Северен тек 2" стопроцентно му припаѓа на „Газпром".

Infografik Energie-Importe Deutschlands DE
Од каде Германија увезува енергија

Дали даночните обврзници ќе го платат цехот?

Но, тоа не значи дека крајот на гасоводот ќе му нанесе штета само на „Газпром". Пет европски снабдувачи со енергија учествуваат со по десет проценти во вкупните трошоци од околу десет милијарди евра: од Германија – „Унипер" (порано „Еон") и „Винтерсхал ДЕА“, „Ројал Дач Шел" (Холандија и Велика Британија), „ОВМ" (Австрија) и „Енџи" (Франција).

„За фирмите се поставува прашањето дали ќе си ги повратат веќе инвестираните суми. Веројатно тие ќе се обидат нив да ги побараат кај политичарите одговорни за запирање на проектот", вели Вебер. Тогаш на крајот ќе треба да плаќаат даночните обврзници.

Како би реагирала Русија на запирање на проектот е исто така отворено прашање. „Русија би ја истакнувала својата досегашна доверливост како лиферант, а потоа би ја довела во прашање доверливоста на Германија", вели Вебер.

Дали постои опасност Русија да ги искористи своите останати лиферувања на енергија како средство за притисок? Тим Келер, раководител на енергетското здружение „Иднина на земниот гас", не го исклучува тоа. „Уделот на руски гас во енергетската потрошувачка на ЕУ изнесува околу 40 проценти", вели тој за весникот „Ханделсблат". „Овие количини не можат толку брзо да се заменат." Во Германија рускиот гас покрива дури половина од вкупната потрошувачка.

Прашање на вредности

Како да се постапи тогаш во ситуацијава? „Политиката има задача да донесува одлуки во вакви деликатни ситуации. Какви сојузи се важни?", истакнува експертот Вебер. „Како научник човек може да го согледува секогаш само делумниот аспект."

Како чисто приватна личност, Вебер има разбирање за барањата за стопирање на „Северен тек 2". „Јас лично мислам дека Германија и Европа како заедница на вредности треба да ги бранат тие вредности. Во екстремни случаи, во тоа би спаѓала и една таква одлука."

Но, во политиката тоа е аргумент кој традиционално добива мало значење. Откако новинарот Џамал Кашоги во 2018 година беше убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, Германија само накратко го прекина извозот на оружје во оваа земја. За тоа, како казна, да не се купува веќе нафта од Саудијците, воопшто не се ни дискутираше.