1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комесарот Хан доаѓа со нов „стент“ за Договорот од Пржино

Катерина Блажевска19 октомври 2015

Најмалку со пет нереализирани обврски од Договорот од Пржино, партиската „четворка“ денеска ќе го дочека во Скопје еврокомесарот Јоханес Хан.

https://p.dw.com/p/1GqEC
Фотографија: MIA

Во период од пет месеци, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денеска по четврти пат ќе пристигне во Скопје. Четирите партии кои во негово присуство ставија потпис на Договорот од 2 јуни/15 јули денеска ќе го дочекаат со куп нереализрани обврски. Избрани се само плововина од 14-те обвинители што ги предложи специјалната обвинителка Катица Јанева. По еднодневни преговори, „четворката“ завчера преку министерот за правда упати писмо до Советот на обвинители, со кое се бара тој да го прифати целиот тим во согласност со законот. Но, неизвесно е дали ќе се случи тоа денеска. Не се договорени ни реформи во медиумите, пред се во однос на функционирањето на јавниот радиодифузен сервис, за што краен рок беше 15 октомври. Не е формирана ни собраниската Анкетната комисија, која требаше да го третира случајот со прислушуваните разговори, нивната содржина и начинот на кој се стекнати. Рокот за нејзино формирање истече на средината на септември, а првиот извештај таа требаше да го поднесе во ноември. До 20 октомври се очекуваше да бидат усогласени и законите против злоупотреба на „бомбите“ и за заштита на „свиркачите“, но според дипломатски извори, и тие сега паѓаат во втор план.

Премиерот Груевски ја обвини опозицијата дека со своето однесување ја изнудила посетата на еврокомесарот Хан.

„Тоа го изнуди СДСМ со вештачко блокирање на разговорите по неколку закони. Овие закони за кои што тој сега ќе дојде, практично можевме самите да ги поминеме“, обвини премиерот.

Министрите ќе ги чекаат обвинителите

Една од поважните обврската за која притиска рокот 20 октомври, е денот кога треба да биде именуван нов министер за внатрешни работи по предлог на СДСМ, во консултација со владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. По предлог на СДСМ треба да биде назначен и нов министер за труд и социјална политика, како и заменици-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. На предлог на ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат назначени заменици -министри во МВР и во ресорот труд и социјална политика. Според Договорот „замениците-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во нивните министерства во сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите“.

Премиерот Груевски завчера изјави дека од СДСМ нема добиено предлог-име ниту за министер, ниту за заменик-министер.
„Се обидуваат да не стават во цајтнот, во последен момент, да нема многу време за размислување, за избор. Тоа е прилично груба манипулација не само со мене, туку и со целата јавност, бидејќи тие ќе бидат министри на сите граѓани, а не само на Никола Груевски“, рече премиерот.

Се уште не сме доставиле предлог, но не без причина, изјавија синоќа од СДСМ.

„Чекаме прво да биде прифатен комплетниот тим предложен од специјалната обвинителка, чие преполовување беше причина да се повлечеме од преговорите. Второ, пред да бидат предложени министри и заменици, треба прво да го усогласиме законот за избор на заменици-министри, со оглед дека ова не е редовен, туку ад-хок избор, само за овој, т.н. транзициски период“, објаснуваат од СДСМ. Според опозициската партија, вчеравечер се уште траело усогласувањето на овој, но и на измените на Изборниот законик. Ако таа постапка целосно заврши, можно е денеска да влезе во собраниска процедура.

Mazedonien Skopje Club der Parlamentarischen Repräsentanten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во однос на Изборниот законик договорени се изборот и начинот на гласање во ДИК, гласањето на дијаспората и прочистување на Избирачкиот список. Членовите на ДИК ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, што значи по тројца претставници од власта и од опозицијата и тројца експерти што ќе се изберат во Собранието. Одлуките ќе се носат со апсолутно мнозинство. Дијаспората ќе гласа во една изборна единица, со пропорционален модел, а ќе се избираат тројца пратеници. Избирачкиот список ќе се прочистува комбинирано, со теренска проверка и со вкрстување на податоците од институциите.

Клучот е во Советот

Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов вели дека со внимание ги следи сите настани околу исполнувањата на политичкиот договор.

„Се надевам дека сè ќе оди како што е предвидено и дека утрешната посета на Хан е само потврда дека стоиме до она што е договорено, за да можат сите политички актери да бидат одговорни за сето она што го презеле и да го реализираат. Затоа што роковите течат и договорот мора да се исполнува“, рече Иванов.

Но, според дипломатски извори, доаѓањето на еврокомесарот не е мотивирано од реализацијата на договореното, туку од неговата нереализација, односно од бавната динамика и лабавата посветеност кон обврските, за што во Брисел постоела евидентна разочараност. Тие не исклучуваат дека еврокомесарот Хан „многу отворено“ ќе ги соопшти таквите забелешки. Според нив, „одредени активности покажуваат дека наместо енергијата да се наочи кон темелно спроведување на Договорот, таа се дисперзира за меѓусебни обвинувања, но и за други активности кои не се поврзани со општествениот интерес, туку исклучиво со партискиот, што не е во духот на договореното“.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Очекувањата се дека „клопчето“ треба да почне да се одмотува со потегот на Советот на обвинителите. Хан денеска лично ќе се увери дали има волја за тоа.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, неодамна предупреди дека ако не се испочитува политичкиот Договор од 2 јуни и ако нема целосна посветеност на итните реформски приоритети, може да се случи Македонија да не ја добие препораката за членство во Европската Унија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи