1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголем напредок во реформите - подобри односи со Германија

Милчо Јованоски24 август 2015

Германија ја спушти оценката за билатералните односи со РМ, долго немало контакти на високо ниво - директен повод за интервју со министерот за надворешни работи Никола Поповски. Тој зборува и за други актуелни прашања.

https://p.dw.com/p/1GKSn
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Дојче веле: Бегалската криза е во фокусот и се’ друго е ирелевантно. Какви дипломатски сигнали добивате и што барате од ЕУ-дипломатијата како држава?

Никола Попоски: Најголем недостаток во моментов е што нема заеднички сеопфатен одговор на бегалската криза. Се работи повеќе на префрлање на топката од аспект на проблемите. Јасно е дека голем број на мигранти, над 100.000, веќе имаат поминато преку Балканската рута од почетокот на годината и јасно е дека тој бран нема да се намали на краток рок. За да биде решен овој проблем мора да има европски договор. Во моментов и на ниво на ЕУ има различни видувања во однос на тоа како треба да се реши кризата. Дали да има или не квоти, дали треба да се затвораат границите или не. Нашиот став е јасен и ЕУ би требало да го поддржи. Сакаме сеопфатен одговор, а ние максимално ќе се ангажираме со нашите постојни ресурси за регистрирање на сите мигранти кои доаѓаат кај нас, да ја имаат опцијата да аплицираат за азил или да продолжат во рок од 72 часа натаму. Хуманата димензија е најбитна. Во Македонија тоа го имаме многу пати докажано - дека сме знаеле да одговориме на многу хуман начин. Веројатно сме земја по глава на жител која има примено најмногу бегалци во изминатите дваесетина години. И тоа во посебно критични периоди на територија на поранешна Југославија и сме имале ситуации во кои една четвртина од населението во Македонија биле на ниво на бегалци кои сме ги примиле. И во овој момент ги правиме сите напори, но нема да има трајно решение додека нема европски договор за тоа како ќе се решава кризата и се разбира се' до мигот додека во него не бидат вклучени и земјите кои не се членки на ЕУ. Во овој момент бегалците влегуваат кај нас од земја членка на ЕУ, а тоа е Грција.

Каква е комуникацијата со Вашите колеги од опкружувањето или со земјите низ кои продолжува транзитот на бегалците?

Имаме интензивна комуникација. Со она со што се соочуваме ние како проблем, веројатно се соочуваат и Грција и Србија. Заеднички се соочуваме со нагло зголемен бран бегалци. Потешкотиите со кои ние се соочуваме... прашање на време е кога со нив ќе се соочат Србија или Унгарија и покрај тоа што се поголеми земји. Ги координираме напорите и директно имаме побарано од Унгарија и Австрија кои начелно позитивно одговорија на барање за помош во контролирање на граничните премини, помош во регистрирањето и при други услуги потребни за мигрантите. Разговарав со мојот австриски колега околу таа конкретна помош. Она за што се согласивме е дека е неопходно на европско ниво да има одговор на кризата. Се обративме до Европската Комисија и порачавме дека е неопходно во програмите за помош на земјите членки да се предвиди соодветна финансиска помош за земјите кои не се дел од ЕУ.

Конкретно што и‘ недостига на Македонија?

Во овој момент имаме недостаток од аспект на ресурси. Бидејќи тоа е сериозен финансиски издаток за луѓе, храна, вода, медицинска помош, особено за жените и децата. Бегалците во многу случаи помошта ја очекуваат од земјата на чија територија се наоѓаат. Контрола на границата, систем за регистрирање, таква конкретна помош ни е потребна од ЕУ.

Во јуни годинава германското МНР ја спушти оценката за билатералните односи со Македонија на задоволително или двојка како што велат тие. Претходно власта во Македонија беше оценета како авторитарна од страна на официјален Берлин, а и одамна немало средба на високо ниво. Меркел беше на Балканот и ја избегна Македонија. Се работи за заладување на односите меѓу двете земји и што сметате - зошто оваа оценка е таква каква што е?

Потребно е да бидеме прецизни дека се работи за описен текст кој ги опишува односите со определна земја. Не би се согласил дека нашите билатерални односи се доволни двојка, ниту би се согласил дека нашата амбиција треба да биде да добиеме описна оценка - покажува особен интерес и успех, што беше една од оценките кои сме ги користеле во минатото. Но наша цел е реалната соработка, реалното разбирање со Германија да биде на највисоко можно ниво.Тоа се мери преку фактот што Германија е далеку најважен трговски партнер за РМ. Една третина од нашата трговска размена се одвива со Германија. Во топ-петте инвеститори во Македонија е и Германија, со најверојатно највисоката стапка на пораст последниве години. Германија како најголема земја членка на ЕУ има и свој интерес од аспект на постигнување на стандарди во РМ како земја кандидат за членство во ЕУ, особено по поуките кои се извлечени по претходните проширувања и тоа е нешто на што треба да работиме ние во Македонија, било да се работи за нивото на политичка култура, стандардите во медиумите, политичката комуникација или дијалог внатре во земјата. Ова се работи врз кои Германија ќе не‘ оценува, многу построго од оние кои влегле во претходните проширувања. Наша цел е ова да го зајакнеме, да опстоиме со високо ниво на економска соработка и со подобрувањето на севкупните стандарди да ги убедиме нашите германски партнери дека Македонија треба да биде час поскоро во ЕУ.

Побаравте ли од Вашиот германски колега или пак од германската амбасада во Скопје толкување на оценката?

Мислам дека не би требало да се фиксираме на текстот кој би бил описен. Реков, целта ни е да имаме реални позитивни односи со Германија, а тоа ќе го направиме преку економијата и преку подигнување на политичките стандарди во РМ. Германија ќе очекува поефикасно судство, ќе очекува повисоко ниво на политичка комуникација меѓу партиите, ќе очекува повисока медиумска култура, како земја која е една од клучните земји кои одлучуваат во ЕУ. Тоа ќе зависи од нас. Колку ќе постигнеме напредок во реформите, толку ќе ни бидат подобри односите со Германија во политичкиот дел.

Некои медиуми и опозицијата недоаѓањето на Меркел во Македонија го поврзаа со наводното нејзино незадоволство од постигнатото во областите кои ги нотиравте?

Не би се согласил со тоа. Еве, веќе во четврток имаме конференција на која ќе имаме можност да разговараме и со германските партнери за тоа што се гаранциите кои ги нудат земјите членки на ЕУ од аспект на наша интеграција и што е тоа што ние го нудиме за да ги убедиме нив дека е добро да сме час поскоро во Унијата. Можеби мигрантската криза е еден од примерите за кој и тие треба да се убедени дека стоиме на бедемот на европските вредности. Она што ние се обидуваме и го правиме е да спречиме определен проблем на неорганизиран начин да има негативни консеквенции во Германија.

Ја споменавте претстојната конференција за Западен Балкан во Виена. Какви се очекувањата од неа? Што успеа реално Македонија да заврши меѓу двете собирања?

Еден од главните сегменти ќе биде подобрување на инфраструктурата. Тоа беше лански заклучок. Во тој дел интензивно работиме на Коридорот 8, кој е дефиниран како еден од приоритетите. Долго разговараме за енергетската поврзаност, а трет приоритет секако ќе биде бегалската криза. Со сигурност ќе разговараме и за издржаните очекувања за еден календар за интеграција во кој би добиле гаранции дека Македонија во одреден период ќе стане дел од ЕУ. Тоа е за нас значајно, бидејќи Македонија на некој начин е жртва на немање консензус во ЕУ и шест години чекаме на отворање на преговорите. Виенската конференција ќе има еден посебен сегмент за билатералните спорови, во кој целта е да се упати порака тие спорови да не бидат користени како пречка за процесот за ЕУ интеграцијата. Фактот што Германија, Австрија, Франција и Италија се заинтересирани да бидат дел од таканаречениот Берлински процес е добра гаранција дека ова нема да остане само на хартија.

Грција заглавена во сопствени проблеми, Македонија чека. Ќе успее ли ЕУ да ја притисне за работите да се придвижат?

Грчките маки не се нешто што нас треба да не‘ радува. Ни на економски ни на политички план немаме интерес проблемите да продолжат, ниту смееме да размислуваме дека е тоа нешто што нам ни оди во прилог. Носењето издржани решенија во поглед на грчката криза би ни оделе и нам во корист. Предолго време само ние плаќаме цех за отсуство на визионерско одлучување во рамките на ЕУ. И многу од тие работи кои се извор за загриженост кај европските партнери не би се случиле доколку ние не бевме изложени на долготрајна и долгогодишна блокада во евроинтеграциите. Но ова не треба да биде причина ние да чекаме некој да се свести и да ја промени таа политика на блокади. Треба да биде мотив повеќе да се посветиме на реформите и со сопствени сили да докажеме дека сме кадарни да опстоиме на тој пат. Од друга страна, оваа состојба треба да биде поттик за дискусија во ЕУ за тоа кои политики треба да бидат поддржани по принцип на солидарност и дали блокадата на европската перспектива на една земја треба да биде блокиран поради нелогични и наметнати билатерални спорови кои впрочем излегуваат и надвор од меѓународното право.

По јунскиот договор Вие сте вклучен во преговорите и политичкиот дијалог. Од Вашата сфера посебно интересен е делот околу гласањето на дијаспората на парламентарни избори.

Ставовите на политичките партии по овој дел од изборниот процес се доволно елаборирани. Од аспект на национален интерес јас како министер за надворешни сметам дека имањето директно избрани претставници во законодавниот дом на РМ на еден значаен дел од македонските граѓани кои живеат во дијаспората е интерес на целата држава, бидејќи нивното влијание во Македонија е прилично значајно и од друга страна дава можност за споделување на видувањата од луѓе кои се дел од дијаспората на непосреден начин. Има различни модели прифатени во некои земји од Европа, но моделот имање директно избрани претставници од дијаспората во Собранието има додадена вредност во самата дијаспора која во македонскиот случај е прилично значајна.

Начинот на гласање, добивањето право на глас и оддалеченоста на гласачките места тераат на размисла - како за следните избори?

Факт е дека начинот на гласање не е идеален и остава простор за многу подобрувања од аспект на пристапноста до нашите дипломатско-конзуларни претставништва кои ги немаме во секој град каде што имаме дијаспора. Но охрабрувачки делува зголемениот интерес на дијаспората за гласање за пратеници. Нормално е проблемите да се надминуваат при секој нов изборен циклус.

Што Ве очекува пред Виена?

На почетокот од неделава е амбасадорскиот совет на кој ги поканив да присуствуваат и министрите за надворешни на Албанија и Бугарија. Со шефовите на дипломатските претставништва ќе разговараме околу ЕУ и НАТО приоритетите и односите со соседите кои за секоја земја, па и за нас, се најбитни. Во Виена, покрај на министерско ниво, ќе има и премиерски формат и билатерални средби, а ќе се сретнат и министрите кои ги координираат економските политики. Нашиот интерес е за партнери да ги имаме Германија, Франција, Австрија и Италија и другите во Европа, како и нашите соседи што е можно поблиску.