1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чини лекот за осаменоста на старите лица?

Милчо Јованоски8 јануари 2015

Македоније нагло старее. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на стари над 60 години е зголемен. Потребата од домови за стари луѓе расте, како и феноменот на осаменост кај лицата од третата доба.

https://p.dw.com/p/1EGbS
Фотографија: imago/Gerhard Leber

Македонија од пред четири години има Национална стратегија за стари лица. Таа го помина прагот на демографската старост. Со 15% старо население над 60 години на пописот во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12 проценти, пишува во стратегијата. Психолозите отворено зборуваат дека старите лица, кога доаѓаат кај нив, најмногу се жалат на осаменоста и отуѓеноста и дека наместо лексилиум најчесто на пациентите им треба само убав збор.

Елена Ангелоска влегла во осмата деценија од животот, ја среќавам на нејзината омилена клупа во паркот во Охрид. Ја прашав и сосема отворено призна дека долго е осамена и дека: „ Дозата лек против осамата ја земам преку читањето книги, особено поезија, пишувањето. Но најтешко е кога е студено и во зима, осмата тогаш најмногу боли. Други жени кои ме познаваат, ме сметаат за силна и бараат помош со кафе – муабет да ја скратиме осамата,“ вели Елена. Се чини празниците се најтешки за осамените, за тие кои животот ги шибал од сите страни. Ни парите не се доволни да се реши овој проблем. Најчесто старите ја чувствуваат осаменоста и потребата да бидат згрижени и да имаат со кого да ја споделат и тагата и радоста. Државата се обидува да стимулира отворање на приватни домови за стари, но освен во Скопје, каде бројот е поголем, во внатрешноста на Македонија нивното постоење е реткост. Сликата на овој план допрва се очекува да се промени на подобро.

Altersheim in Ohrid
Пензионерскиот дом во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

Домовите за стари лица се потреба

Претседателот на Здружението на пензионери на Општините Охрид и Дебарца Ѓорѓи Трпчески вели дека години наназад постојано апелираат да се изгради нов современ Дом за стари лица во Охрид кој би опслужувал еден поголем регион. Општината градењето на ваков капитален објект го има во приоритетите, но градбата не е започната. Во Домот би биле згрижени 100 лица. Сегашниот Дом, граден во седумдесеттите од минатиот век, во тоа време бил еден од најатрактивните. Апартманите во него не биле замислени да се издаваат за постојано живеење, туку да се користат за одмор и рекреација, особено преку лето. Тој начин е напуштен и во осум од нив живеат лица од најранливата социјална категорија. Во просек секој од нив плаќа од 1300 до 1800 денари во месецот. Бројот на згрижените и за приликите во Охрид е симболичен . На прашањето како се справуваат со феноменот на осаменоста, Трпчески одговара: „За пензионерите кои можат да доаѓаат организираме излети, средби, ангажман во секциите за фолклор и спортски активности. За жал, голем е бројот на пензионери кои се оставени сами на себе, децата ги напуштиле, отишле надвор од градот и во странство и тие навистина се осамени. Доколку добиеме информација дека некој е болен, а осамен, го посетуваме, му помагаме. Се надеваме дека ќе заживее волонтерството и дека ќе се појават луѓе кои ќе сакаат да помагаат. Засега тоа го правиме преку Активот на жените – пензионерки и Црвен крст.“ Нова година и Божик пензионерите од Охрид традиционално заедно ги слават, особено оние, на кои здравјето и финансиите им го дозволува тоа.

Altersheim in Ohrid
Пациенти во Одделението за геријатрија во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

Осаменоста е потешка од планина

Благица Бошеска живее во Домот, заедно со сопругот, цели 14 години. Признава дека самотијата ги довела тука, а одговорот е едноставен, мораше да биде така. „Јас немам деца, по маж ми имам двајца синови, од кои едниот е во Белгија, а другиот живее во куќата од сопругот. И нам и ним вака ни е помирно,“ вели Благица и додава: „Тука ни е убаво, имаме друштво, се дружиме, пиеме кафе, излегуваме, се шетаме. Кога се слободни, не‘ посетуваат синовите и внуците, а празниците засега заедно ги славиме. “

Но велат, секој човек, различна судбина. Лефка Николоска е од Кичево, живее во Домот. И нејзината приказна е слична како и на останатите станари. Нема никого, ниту подалечно семејство. Откако и вториот сопруг и‘ починал, останала сама. „Ништо не е тешко ако се прифати реалноста, јас ја прифатив и позитивно се однесувам во животот. Не обвинувам никого, не очекувам од никого ништо. Комуницирам, се дружам со луѓе. Проблем единствено ми е пазарењето, плаќањето сметки, се движам тешко. Сирак сум и самотијата ја прифатив како нормален дел од животот.“

На заминување со филџан во рака и понуда за скоро заедно да пиеме кафе кај нив, ми рекоа: „Неопходно е да се гради нов Дом за стари. Населението старее и се чини најзасегнати се старите кои живеат по селата. Младите се ’ почесто ги забораваат родителите“.

Сам човек, и да е здрав, ќе се разболи

Геријатриското одделение во Охрид е единствено во регионот, но и тоа одамна е претесно да ги прими сите. „Време е проблемот со старите лица и нивното згрижување да го сфатиме сериозно и да вложиме максимален напор за да го решиме,“ ни рече доктор Љубен Арнаудов, директор на Општата болница – Охрид. Одделението за продолжено лекување има капацитет од само 30 кревети. Очекувањата на згрижените и нивните семејства се преголеми и тешко е кадарот во исто време да им помогне на сите подеднакво. Со повеќе донаторски акции одделението е целосно реновирано, но Арнаудов признава: „Се обидовме условите за живот да се пристојни. Во 21 век се бара интима, во една соба да има најмногу двајца, а во Одделението, сега во една соба дури има по пет или седум кревети. Освен болеста, кај згрижените голема улога игра и психичкиот момент и неможноста пред сите, со најблиските да си ја отворат душата. Повеќето се во депресија. Не е доволно пациентот да легне, да му се дадат лекарства , инфузија или да руча. Таму луѓето живеат и социјализацијата е најбитен елемент. Моето искуство покажува дека на човека најважно му е да има со кого да разговара. Ако тоа човекот го изгуби и да е здрав, сам по себе ќе се разболи. Се трудиме колку што е можно да им помогнеме, но мора да признаеме дека сме далеку од тоа што со стручни кадри, како треба тоа да се прави.“ Директорот Арнаудов ни откри дека по контактите и донацијата од Социјалното друштво „Св. Наум Охридски “ од Мелбурн – Австралија сериозно мислат на изградба на павилјон со 80 до 100 кревети за кои ќе се потребни над 250 000 евра.

Symbolbild Hände
Фотографија: Fotolia/Robert Kneschke
Symbolbild Rentner in Frankreich
Осаменоста е најтешкаФотографија: Philippe Huguen/AFP/Getty Images

Дали во проектите од типот „Грижа за стари лица во домашни услови“ е лекот?

Црвениот крст на РМ во 2011 година започна со Проектот „Грижа за стари лица во домашни услови“ со поддршка на Австрискиот црвен крст и Австриската агенција за развој. „Од ноември 2013. година тој е поддржан од ЕВН Македонија и се спроведува преку Црвен крст на град Скопје и општинските организации на Црвен крст од Велес, Крива Паланка, Кичево и Дебар. Од март годинава во поддршката се вклучи и UNIQA – Австрија. Вкупно 80 волонтери и 8 медицински сестри континуирано обезбедуваат социјални и здравствени услуги за 240 стари лица во домашни услови. Со поддршка на Европската унија, Црвениот крст на РМ од јануари годинава го спроведува и проектот ’Грижа на стари лица во заедницата’ преку општинските организации на Црвен крст од Прилеп, Кичево и Гостивар, во соработка со единаесет граѓански здруженија од овие општини. Во рамките на проектот од месец јули 2014. година опфатени се' уште 180 стари лица на кои им се испорачуваат социјални и здравствени услуги во домашни услови. За обезбедување на услугите за старите лица ангажирани се вкупно 60 волонтери и 6 медицински сестри. Со проектните активности опфатени се 420 стари лица, на кои им се испорачуваат социјални и медицински услуги во нивните домови од страна на 140 волонтери и 14 медицински сестри во Скопје, Велес, Крива Паланка, Прилеп, Кичево, Гостивар и Дебар. Секое старо лице од страна на волонтер и медицинско лице е посетено еднаш во неделата, а по потреба и повеќе, “ вели Националниот координатор Љупка Петковска.