1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колку се сигурни производите кои ги јадеме?

А.Шубиќ / агенции
7 јуни 2019

Денешниот ден на безбедност на прехранбените производи на СЗО е посветен на борбата против расипана храна. Каква храна јадеме?

https://p.dw.com/p/3K217
Gammelfleisch -Symbolbild-
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Добар апетит“ на 15 јазици

Светската здравствена организација наведува дека повеќе од 400 илјади луѓе секоја година умираат како последица на јадење расипани производи. Секој десетти жител на планетава барем еднаш годишно се разболува затоа што изел нешто расипано. „Расипано“ е секојдневен израз за биолошката реакција на разградување: има сѐ повеќе бактерии, вируси и паразити кои ги разградуваат производите и кои потоа доаѓаат во човечкото тело. Важна е и хигиената, бидејќи тука спаѓа и салмонелата, разните опасни ензимски бактерии или габи кои може да се најдат и во некои расипани овошја и зеленчуци, пилешко и житарки.
„Ова е единствена прилика да се допре до свеста во владата, државата, производителите, транспортерите и потрошувачите за опасностите од расипана храна", изјави претседателот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. „Од земјоделските поседи па сѐ до чинијата - сите чинители мора да помогнат за нашата храна да остане чиста."

Погодени се сиомашните, но и богатите!

Богатите земји и потрошувачи имаат добри ладилници, кај нив дури е проблем што голем број исправни производи се фрлаат во отпад бидејќи имаат пари да купат нови производи уште кога нешто ќе им се види сомнително. Но, во Европа годишно 23 милиони луѓе се разболуваат од труење со храна, а околу 5 илјади и умираат како последица од тоа. СЗО тврди дека реалната бројка е веројатно многу поголема бидејќи не секој оди на лекар заради таквите тегоби предизвикани од расипани производи. Исто како што претседателот на СЗО апелира на сите ланци во прехраната, така токму тие се обидуваат да го „протнат" расипаниот производ до потрошувачот. Тоа почнува со баналниот и не толку опасен обид на продавачката меѓу здравото овошје на пазар да стави и расипано, а некои трговци се обидуваат и да ја препакуваат храната за да го скријат рокот на траење. Рестораните се посебна приказна: угостителот нерадо ќе фрли храна која веќе ја купил, а не ја продал. Понекогаш на готвачот му наредуваат „малку да го отсече“ она што веќе видливо не чини, а на остатокот да стави повеќе зачин. Повеќе пари за угостителот остануваат и ако се користи старото масло во фритезата на пример.

Symbolbild Fleischindustrie Deutschland
Ако е замрзнато во текот на транспортот, месото ќе остане исправно, но што ако ладилникот се расипе?Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Брзи пари со расипано месо

А, тука се и „големите" измамници кои им се познати и на потрошувачите на Балканот, но расипаното месо се појавува и во други делови на Европа. Најчесто измамата е сосема едноставна, светската цена на говедско месо актуелно е околу 3,5 до 4 евра од килограм, свинското помалку од 2 евра. Но, секогаш се случува на бродот или шлеперот да се расипе ладилникот и замрзнатото месо да почне да се одмрзнува. Во тој момент тоа веќе не е сигурна храна и штетата ја надоместува осигурувањето. Но, некој ќе биде подготвен и да купи такво месо. Секако, неговата цена ќе биде неколку центи, трговецот и превозникот ќе бидат среќни да добијат и толку оти ги чека трошокот на отстранување на отпадот, можеби и стерилизација на ладилникот. Така купеното месо е лотарија, нешто можеби не се одмрзнало и не почнало да се расипува, но измамникот верува дека и такво месо може да искористи за преработени производи кои тогаш ќе ги води како „посебна понуда". Тука има смисла и апелот до владите на државите, зашто таква храна морала да пројде и контрола на надлежните тела за надзор на безбедноста на храната.

#DE_Facto: Како се хранат Германците?

Секако дека опасната расипана храна е многу поголем проблем во сиромашните земји. Треба да се има предвид дека и натаму околу две милијарди луѓе немаат пристап до чиста вода и кој би фрлал во такви услови храна, па дури и да не е исправна? Апел за исправна храна е и прашање на планетарната соработка и солидарност, а што се однесува до нас „Еден оброк лесно може да биде од состојки од повеќе континенти и нивната исправност зависи од меѓународната соработка", потсетува Сузана Јака, директор на СЗО за Европа. Затоа и овој ден треба да биде поттик за владите да ги проверуваат сигурносните механизми за заштита на состојките на сите подрачја.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема