1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку земјите на Балканот ги ускладуваат ставовите со Брисел?

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска 26 март 2014

Иако ЕУ очекува од сите земји на Западниот Балкан да ѝ се приближат во ставот за Украина, во Брисел сметаат дека украинската криза нема да има влијание како врз евроинтеграциите, така и врз стабилноста на регионот.

https://p.dw.com/p/1BVto
Фотографија: picture-alliance/dpa

Брисел очекува од земјите на Западниот Балкан во процесот на евроинтеграција што повеќе да бидат во склад со ЕУ, меѓу останатото и во областа на надворешната политика и меѓународните прашања. За таа цел со сите земји од регионот е остварен билатерален контакт поради ситуацијата во Украина и објаснување на европската позиција по тоа прашање.

„Европската унија повикува трети земји да ѝ е придружат во позициите кои ги усвојуваат 28. членки на Унијата, Тоа важи и во контекст на ситуацијата во Украина и конкретно санкциите кои се усвоени“, објаснува за ДВ портпаролката на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Маја Коцијанчиќ: „Тоа е особено важно за земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Одлуката е нивна, но земјите кои имат Спогодба за стабилизација и придружување имаат и обврска за ускладување на позициите на надворешната политика на ЕУ. Амбицијата е ускладувањето со европските ставови да биде што поголемо“, додава Коцијанчиќ.

Од земјите на Западниот Балкан, ставот на ЕУ во врска со ситацијата со Украина го поддржале Албанија и Црна Гора. Македонија не се изјасила, додека Белград „балансира“ меѓу Брисел и Москва. Во БиХ ниту по тоа прашање нема консензус, при што претседателот на Република Српска Милорад Додик вели дека го поддржува „демократскиот израз на волјата на народот на Крим“.

Брисел следи колку Западниот Балкан ги поддржува нејзините одлуки

Иако во Брисел нагласуваат дека земјите кои претендираат на членство во ЕУ немаат формално-правна обврска да поддржат таква одлука на земјите членки на Унијата, истовремено се предупредува дека обврските од Спогодбата за стаблизација и асоцијација „будно се следат“ и дека ќе има „свои ефекти“ врз годишните извештаи за напредокот на секоја земја поединечно во процесот на евроинтеграцијата. Европските аналитичари меѓутоа оценуваат дека украинската криза нема да донесе промени во односот на ЕУ кон евроинтеграциите на Западниот Балкан.

„Усогласувањето на надворешните политики на земјите од западниот Балкан со ЕУ е пожелно, но во овој момент тоа не е неопходно, ниту одлучувачко прашање“, вели за ДВ директорот на групата на Независни дипломати, Николас Вајт.

Дипломатски извори во Брисел велат дека ЕУ сепак очекува дека земјите кои претендираат на членство ќе и‘ се приближат што повеќе во ставот кон Украина, додавајќи дека ја сфаќа и „тежината на позицијата“ за Србија или БиХ. Од една страна, од БиХ се очекува да „ги реши своите интерни процедури“, додека од Белград се очекува „малку појасен став“ и некриење зад сѐуште неформираната влада.

„Србија според мое мислење, веројатно ќе биде првиот кандидат за следна членка на ЕУ, пред Црна Гора или Албанија. Во овој момент тука не гледам каква да е промена како резултат на кризата во Украина“, цели за ДВ аналитичарот од Центарот за европски и политички студии во Брисел, Мајкл Емерсон.

Нема поврзување на ситуациајта во Украина и Република Српска

Познавачите на балканските прилики во Брисел оценуваат дека не постои опасност за дестабилизација на Западнот Балкан како последица на „кримското сценарио“. По повод изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, дека во Република Српска „добро се следи она што се случува во светот“ и дека ќе се „работи на примерот на најдобрите светски искуства, кога за тоа ќе дојде време“, во Центарот за европски политички студии велат дека Унијата не би требало да коментира ниту да прави каква било врска меѓу изјавата на претседателот Додик и ситуацијата во Украина. „Не мислам дека таквата порака од Република Српска ќе биде земена за сериозна од страна на ЕУ ниту од Србија или Хрватска“, оценува Емерсон за ДВ.

Аргументите за „самоопределување и референдум можеа да се слушнат и порано“ потсетува Николас Вајт и дополнува: „Република Српска статусот не го промени ниту кога Црна Гора стана независна, ни кога Косово прогласи независност, ниту кога тоа го стори Јужен Судан. Ако сега нешто станало јасно, тоа е реакцијата на ЕУ која покажа дека секоја врста на промена на границите не се толерира во меѓународните односи“.

Вајт вели дека од различни делови на Балканот последните денови можеа да се слушнат различни толкувања за тоа дека „Русија сега покажа дека е на нивна страна“. Во прашање е „претеран оптимизам“, вели Вајт. „Тоа едноставно не е вистина бидејќи Русија е само на руска страна и на ничија друга“, заклучива Вајт во разговор за ДВ.