1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе се исламизира Турција?

Нина Нибергал/Ж.А.27 април 2016

По предлогот на претседателот на турскиот парламент за верска реформа на Уставот, во Турција се разгоре политичка дебата. Претседателот Ердоган во меѓувреме се дистанцираше од предлогот.

https://p.dw.com/p/1IdH6
Фотографија: Getty Images

„Можни се два принципа наместо одвојувањето на државата и религијата,“ претпоставува исламологот Катрин Ајт од Универзитетот Хале. „Можно е утврдување на исламот од сунитски правец за државна религија, а шаријатското, традиционално исламско право, како основа за одредени правни области.“

Раководителот на фондацијата Фридрих Еберт во Истанбул претпоставува дека зад иницијативата на претседателот на турскиот парламент Исмаил Караман се крие политички пробен балон. „Во владејачката Партија на правдата и развојот, АКП, постојат сили кои стремат кон исламска ориентација не само на партијата, туку и на целата Турција“, смета Ханс-Георг Флек. Тој смета меѓутоа дека голем дел од партијата не сака почеток на оваа дискусија, „сега, кога на дневен ред се сосем други прашања.“

Претседателот на парламентот Караман на една конференција во Истанбул предизвика внимание со својата изјава за исламска реформа на Уставот: „Ние сме муслиманска земја, затоа ни е потребен исламски устав“, истакна тој. Со оваа изјава, со која проби едно долгогодишно политичко табу, Караман ги шокираше кемалистите во земјата, кои веруваат во државниот секуларизам.

Зашто, во преамбулата на Уставот досега стои: „Верските чувства не смеат да играат апсолутно никаква упога во државните работи и политиката.“ Тоа е еден од основните столбови на Републиката, која ја основаше Кемал Ататурк во 1923 година.

Младата турска држава консеквентно ги спроведуваше принципите на секуларизмот во 1930-те и 1940-те години: забранети беа аџилак кон Мека и верска настава, од јавноста беа протерани шамиите. Стриктното раздвојување меѓу државата и религијата во Турција, општо земено, се‘уште важи за неприкосновено.

Исламизам наместо секуларизам?

Türkei Ankara Demonstration für Säkularisierung aufgelöst
Протести на секуларистите во АнкараФотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Караман сега очигледно гледа можност за унапредување на исламот на политичката бина. Откако Партијата на правдата и развојот во ноември минатата година сакаше да ги добие парламентарните избори со апсолутно мнозинство, претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган и неговите приврзаници заговараат реформа на уставот.

Политички спротивен ветар

Веднаш стигна критика од шефот на опозицијата Кемал Киличдароглу: „Секуларизмот е еден од принципите на социјален мир“, пишува шефот на Републиканската народна партија на Твитер. „Не треба да не зачуди што оние на кои одамна нашиот социјален мир им е трн в око, го игнорираат овој принцип.“

И во сопствените редови предлогот на Караман веднаш наиде на одбивање. Политичарот од АКП и раководител на Уставната комисија, Мустафа Сентоп, изјави дека и по новиот предлог ќе биде задржан секуларзимот како темел.„Претседателот на парламентот е независен, тој не зборува од името на партијата.“

Пат кон „нова Турција“

Османлиска претседателска палата, помалку алкохол и повеќе шамии на турските улици, исламот полека се прикрадува во турската јавност. Дали културната преобразба ќе биде забетонирана во уставот?

„Многубројни гласачи на АКП се на мислење дека државата мора да го почитува верскиот корен на своите граѓани“, вели Ханс-Георг Флек од фондацијата Фридрих Еберт. „Кога Караман вели дека Турција има верски определено население и затоа е потребен религиски акцентиран устав, тоа сигурно не е сосем погрешно“. Но, тоа не значи, истакнува Флек, дека е потребно укинување на кемалистичкиот државен принцип.

„Расцеп во општетсвото“

Исламизирачки тенденции, истакнува Флек, постојат во сите можни општествени сегменти. Она што почна во 2012 година со делумното повлекување на забраната за носење шамија за студентките, пратеничките во Парламентот и адвокатките, продолжува со построгите закони за алкохол и цигари, изградбата на џамии и отворање верски училишта за изучување на коранот.

За исламологот Катрин Ајт ваквиот развој крие значителни опасности. Иако Турција тешко дека ќе стане исламска република по примерот на Иран, таа предупредува од поларизација: „Во општеството гледам длабок расцеп меѓу западно ориентираното граѓанство, кое денес очигледно е во дефанзива и едно мнозинско милје, кое се залага за еден вид традиционално-исламски начин на живот.“