1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Колку вода му е потребно на нашето тело?

Гудрун Хајзе
11 јуни 2022

Човекот може да издржи триесет дена без храна, но само три дена без течност. Без вода во нашето тело не оди ништо. Водата е наш животен еликсир.

https://p.dw.com/p/4BnLD
Glasflasche für Trinkwasser
Кога е топло, треба да се пие повеќе водаФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Осумдесет проценти од телото на едно новороденче се сочинети од вода. Процентот на водата со текот на стареењето се намалува на 60%.

Масните клетки имаат помала содржина на вода од другите телесни клетки. Тоа значи дека луѓето со прекумерна тежина имаат помалку вода од витките луѓе. Процентот на вода во телото на жените е помал од оној кај мажите. Но, за сите нас од витално значење за нашиот опстанок е редовно да го снабдуваме нашето тело со течност.

Некои органи содржат екстремно многу количество на вода. Тука се вбројуваат нашите очи, на пример. Стаклестото тело на окото се состои до 99 проценти од вода. Мускулите имаат исто така висок процент на течност - околу 80 проценти. За да го снабдиме нашето тело со доволно течност, можеме да правиме пред сѐ едно: да пиеме, да пиеме и да пиеме!

Пиењето вода е апсолутно задолжително

Нашето тело секојдневно губи околу два литри течност, пред сѐ преку кожата, која ја регулира температурата во телото. Ова особено важи кога е топло. Но, влијание има и сувиот воздух од парно греење. Бубрезите, кои го ослободуваат нашето тело од токсините, ја исфрлаат течноста во форма на урина. Ако не сме испиле доволно течност, нашата урина има интензивно жолта боја. Доколку стане кафеава, тоа е сериозен предупредувачки знак дека нешто не е во ред. Течност преку столицата се излачува и од цревата, а вода губиме и кога дишеме, во форма на ситни капки.

Ваквите загуби мора да ги надоместиме и затоа секојдневно треба да пиеме околу 1,5 до два литри течност. Потребата се зголемува при физички напор, спорт, високи температури, треска, повраќање и дијареја. Сепак, течноста која ја внесуваме не мора секогаш да биде вода. Супи, овошје или разни видови зеленчук се исто така добри за телото и помагаат за полнење на залихите.

Тоа е апсолутно неопходно, бидејќи нашето тело покажува први симптоми веќе при загуба од еден од два процента течност. Кога загубата е од 7% нагоре, веќе сме загрозени - на тоа укажуваат забрзан пулс или збунетост, бидејќи за сите хемиски реакции и процеси во телото е неопходна течност. Недостаток од дванаесет проценти може да доведе до компликации, во најлош случај до состојба на шок, па дури и кома.

Edler Tropfen aus der Tiefe: Wassersommelier
Секојдневно треба да се пијат околу 1,5 до два литри течностФотографија: picture-alliance/dpa/T. Weller

На нашиот мозок му треба течност за да се заштити

И нашиот мозок и 'рбетниот мозок не можат да работат без течност. Човекот има околу 140 милилитри нервна или мозочна вода, медицински: Liquor cerebrospinalis. Тоа е проѕирна течност во која нашиот мозок, така да се каже, лебди во черепот и која го штити од удари. Секој ден се формира околу половина литар од оваа течност, која потоа повторно се разградува и секако треба соодветно да се замени.

Првите знаци дека на нашето тело итно му е потребна вода се главоболки и вртоглавица, сува слузница во устата и грлото, а можеби и отежнато голтање. Чувствуваме замор, млитави сме, но тоа во прв момент не го поврзуваме со недоволно течност во телото.

При горештини и дополнителното губење на течности преку потење, ова може да доведе до откажување на нашата циркулација и едноставно паѓаме. Телото недвосмислено ни кажува дали е крајно време да се напиеме нешто, бидејќи и нашиот крвен притисок се зголемува. Без доволно течност, нашата крв се згуснува и не може веќе лесно да ја одржува циркулацијата на крвта.

Колку е човек постар, толку помалку чувствува жед

Колку сме постари, толку помалку чувствуваме жед. Не е невообичаено постарите луѓе едноставно да заборават да пијат доволно течност. Ова може да доведе до вртоглавица, конфузија, нарушена свест или губење на свеста. Доколку има екстремен недостиг на течности, лекарите преку инфузија мора да внесат соодветни количества во телото.

- повеќе: Ни снемува ли чиста вода?

Glasflasche für Trinkwasser
Фотографија: Burakova Irina/Zoonar/picture alliance

Сепак, некои постари луѓе свесно се воздржуваат да пијат доволно течност, бидејќи во староста многумина веќе не можат да го контролираат својот нагон за мокрење како помладите. Од страв да не се измократ несакајќи, или за да не мораат пречесто да одат во тоалет ноќе, тие пијат премалку течност, или воопшто не пијат. Но, да се пие помалку или речиси ништо не е решение во ниту еден случај и на која било возраст.

Кога ни е потребно многу течност?

Ако имаме дијареја или повраќаме, на нашето тело му треба повеќе од минимумот од 1,5 литри дневно. Ако рамнотежата на водата не се врати што е можно побрзо, телото се суши. Последица може да биде колапс или бессознание. Многу течности се потребни и при земање одредени лекови, како што се на пример диуретиците.

- повеќеВодата за пиење е основно човеково право

И премногу течност е штетно

Опасно по живот е и доколку испиеме пет или повеќе литри течност во рок од неколку часа. Тоа може да резултира со таканаречена хиперхидратација. Бубрезите тогаш веќе не се во можност да ја регулираат и излачуваат големата количина течност. Во најлош случај, може да дојде до мозочен едем.

Вода од меури

Алкохолот го дехидрира телото

Колку течност консумираме е важно и кога станува збор за алкохолот. Тој има диуретично дејство. Бубрезите се обидуваат да ги исфрлат токсичните материи од телото, па често мораме да одиме во тоалет за да се ослободиме од урината.

- повеќеКако да се пие водата од морињата?

Алкохолот го инхибира ослободувањето на таканаречениот васопресин во хипоталамусот. Васопресинот е хормон кој го регулира балансот на водата во бубрезите. Ако телото нема доволно количество од овој важен хормон на располагање, нашите бубрези лачат премногу вода. Тоа го пореметува количеството на вода во телото.