Кого штити Уставниот суд - граѓаните или урбаната мафија?
30 април 2018Расчистувањето на урбанистичкиот хаос по промената на локалната власт предизвикува нов хаос. Долгоочекуваниот процес на ревизија на деталните урбанистички планови кои дадоа дозвола за обезличување на цели општини во Скопје уште во самиот старт наиде на институционален ѕид. Бројните иницијативи веќе со месеци стојат нечепнати во Уставниот суд, кој во актуелните услови е единствената правна инстанца за решение на проблемите. Докази за нерегуларности има, но постапки за оценување на уставноста сѐ уште нема.
Ваквата состојба само дополнително ги крева тензиите на терен, каде активностите не само што не запираат, туку и се прошируваат. Граѓаните стануваат сѐ погласни во револтот кој е пред кулминација: „Институциите кои треба да нѐ штитат, со години забораваат дека народот е тој што ги плаќа и за којшто треба да работат. Предметите се толку едноставни и јасни, потврдени се доказите и од општината, но сепак се заборавени во нечии фиоки. Прашуваме зошто? Кога ги поднесовме иницијативите ни рекоа дека просечно време за процесуирање е околу 4 месеци. Но оттогаш поминаа веќе 8 месеци. Зградите тогаш немаа темели, а сега стигнаа до 5 кат. До кога треба да чекаме, додека не се изградат сите, па тогаш нашето добиено право да биде за потсмев?“, прашуваат од граѓанската иницијатива во Карпош, една од скопските општини со бројни проблеми.
Повеќе: Граѓанска борба за зеленило: Карпош ќе дише
Граѓанската иницијатива од оваа општина бара Уставниот суд да се произнесе за уставноста на 4 детални урбанистички планови. Станува збор за планови кои минатата власт ги донесе во контроверзна постапка:
„Уставните судии не работат согласно нивната функција да го штитат Уставот, туку работат и штитат нечии други интереси. Во нормална земја овие судии не би биле судии и правото да судат и носат правда би им било трајно одземено. Она што како граѓани можеме да направиме е да го кажеме јавно нашето несогласување со ваквото крајно арогантно и криминално однесување на судиите и да побараме сите предмети веднаш да бидат ставени како точка на дневен ред веќе на следната седница. Од Владата бараме во најбрз можен рок да спроведе соодветни измени на законите каде уставните судии нема веќе да се недопирливите, каде нивната работа ќе подлежи на контрола, со јасни казнени одредби, каде ќе има рокови во кои ќе мора да одлучат по примените предмети, каде судијата може да биде разрешен“, реагираат од граѓанските здруженија кои на 4 мај својот револт преку протест ќе го изразат пред Уставниот суд.
Дека имаат право, констатирале и во локалната власт:
„Како локална самоуправа манифестиравме волја за целосна соработка со Уставниот суд на полето на урбанистичкото планирање. Доставивме конкретни докази, како изводи од архивата на содржини објавени на веб-страница, каде што се гледа дека одлуките за неспроведување на стратегиска оцена за ДУП Градска четврт З 05 и ДУП Градска четврт З 04 не биле објавени на веб-страницата на Општина Карпош. Повторно апелираме на брз одговор и произнесување од страна на Уставниот суд, во однос на поднесените иницијативи“, велат за Дојче веле од Општина Карпош.
„Законите се криминализирани и произведуваат метастази“
Чуму тогаш институционалниот молк? Зошто и покрај прекршените процедури затајува правото? Од Уставниот суд велат дека нема ништо спорно во целата постапка и најавуваат дека предметите наскоро ќе бидат ставени на дневен ред. Но кога точно и зошто толку долго се чека на ова, немаат конкретен одговор. Експертската јавност не е изненадена од ваквите состојби, кои според нив влечат корени од правниот хаос озаконет во изминативе години:
„Уставен суд во Република Македонија не постои, иако тој е единствениот кој може да укине и поништи одредена постапка за која е констатирана повреда. Но таа група луѓе таму зема плата и освен овие нови двајца коишто сега се именуваа, останатите се криминалци. Тие не ги поништуваа плановите уште кога се носеа. Јас бев тој што поднесував бројни иницијативи и потоа се откажав. Реалноста е дека таму е една банда која работи за своите работодавачи. Таа е истата структура од минатото. Ништо не е сменето“, предупредува универзитетскиот професор Мирослав Грчев.
Настрана Уставниот суд, дополнителен, но и клучен проблем, според Грчев, се законите кои во изминатите години безброј пати се носеа, прекројуваа и дополнуваа:
„Нема закон, нема пропис или уредба која што не е криминализирана за овие 12 години. Сите закони се криминализирани и произведуваат метастази. И сѐ уште се на сила. Ова е длабоко криминализирано општество од страна на претходната власт. Тоа е потполно еден друг свет што е напишан внатре. Јас се обидувам веќе неколку месеци, подготвувам предлог промени и одам по министерствата. Но таму се вработени луѓе што не знаат за друг свет. Тие мислат дека тоа што го правеа 12 години е тоа и не постои друго. И сега кога барате од нив промена велат - тоа не може да се менува. А станува збор за очигледни малоумштини“, предупредува Грчев.
Не смее да се губи време
Грчев е еден од оние кои активно работат на корекција на законите кои ќе овозможат средување, но и корегирање на затекнатиот хаос. Предлог верзијата за нов закон за просторно и урбанистичко планирање е готова, но допрва треба да ја изоди процедурата на разгледување, носење и усвојување. Она што е клучно, според него, е да не се губи време, односно целата операција да добие предзнак на итност:
„Со нормална постапка, владеење на право, ќе поминат година или две и ќе видиме дека немаме шанси за промени со метастазирани умови. Ова сѐ што е проблематично ќе станат градби кои нема да можат да се урнат затоа што биле со 'закон' изградени. Затоа, во услови на малигност на канцерот кој е животно загрозувачки, итно е потребна масовна обнова. Како што се прави по катастрофа - прво се чистат последиците и се прави огромен оперативен зафат. Тоа би имало резон ако го прави цело општетство и цело ниво на власт. Ако го направи и Парламентот. Не може регуларни процедури, мора итен закон“, реагира Грчев.
Повеќе: Може ли некој да и застане на патот на урбаната мафија во општините?
Во отсуство на конкретна и оркестрирана институционална реакција, поединечните од типот на двојниот мораториум во општина Центар создаваат дополнителен хаос. Процесите таму се запрени, што предизвикува задоволство кај засегнатите граѓани, но револт кај инвеститорите. Од друга страна, пак, во општина Карпош, која чека одговор од Уставниот суд, состојбата е спротивна. Сликата на терен во делови е дури и трагична. Се издигнуваат објекти кои значат повреда на основните права за хуманост во урбанистичкото живеење. Ваквата состојба, според упатените, само дополнително ги усложнува работите и продуцира дополнителен правен хаос кој може да чини многу пари. Пред сѐ на име отштета од засегнатите инвеститори, кои во ваква или онаква процедура, сепак добиле градежни дозволи.