1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога на Москва ќе ѝ дојде преку глава...

Дирк Кауфман/ Жана Ацеска6 август 2014

ЕУ ги заостри санкциите против Русија поради украинската криза. Во меѓувреме, последиците се чувствуваат во Москва. Сега е прашање како Кремљ ќе одговори, од таму стигнуваат закани за контра-санкции.

https://p.dw.com/p/1CpRZ
Фотографија: picture alliance / ZUMA Press

Пред еден месец рускиот министер за економија Алексеј Уљукајев настапи полн самодоверба-санкциите на Западот нема да го клекнат руското стопанство на колена. Тој призна дека расте опасноста од рецесија и се намалуваат даночните приходи, но во целина, Русија не треба да стравува од ЕУ-санкциите.

Во меѓувреме, очигледно тој е демантиран, поради санкциите на ЕУ во неделата (03.08.2014) руската авионска компанија Добролот, во сопственост на државната руска Аерофлот, прекина со продажба на билети. Добролет истакна дека е ставен под „беспримерен притисок“. Некои од европските партнери веќе не сакале да ги извршуваат своите обврски за одржување и осигурување на руските авиони.

Московскиот дневен весник „Комерсант“ коментираше дека тврдењата на политиката според кои Русија без проблеми може да ги преброди санкциите, „се покажале како големи фалби. На ЕУ првпат и‘ успеа да ја демонстрира ефикасноста на своите санкции“.

Правото на надлетување како средство за притисок

Како против-мерка, сега Русија може на западните авионски компании да им ги одземе досега важечките права за прелет. За ваквите размислувања во руските надлежни министерства пишува московскиот весник „Ведомости“. Тоа на европските авиокомпании може да им предизвика сериозни проблеми во конкуренцијата со азиските авиокомпании и да ги чини до една милијарда евра.

Но, од ваква мерка повратно би страдало и руското воздухопловство. Поради прекинот на работата на Добролет, акциите на компанијата основач, Аерофлот, на почетокот на оваа недела паднаа до 7,8 проценти. Ако европските авионски компании, за возврат на санкциите на ЕУ, не смеат, на пример, да го надлетуваат Сибир, Аерофлот ќе има дополнителни загуби: таксите за правото на прелет се важен извор на приходи за државната авиокомпанија.

Russland Billigflieger Dobrolet Airline
Првата „жртва“ на ЕУ-санкциите: нискобуџетната авиокомпанија „Добролет“Фотографија: picture-alliance/dpa

Нафтата и гасот како оружје

Натамошно средство за притисок во рацете на Русија се нејзините суровини. Околу една третина од увозот на нафта и гас, од кои земјите на ЕУ се зависни, доаѓаат од Русија. Тоа може да го наведе Кремљ својот извоз на нафта и гас да користи како оружје. Но,и тоа не е толку едноставно, вели експертот за енергија Клаудија Кемферт од Германскиот институт за економски истражувања во разговор за Дојче веле:

„Прашање е дали Русија може да бара повисоки цени, зашто постојат важечки договори“. Овие договори имаат повеќегодишен рок и во нив цените на гасот се цврсто утврдени.

Покрај тоа, оваа можност, од аспект на Русија, е меч со две острици: Кремљ може значајно да и‘ наштети на економијата на западна Европа, но ќе засече и во сопствено месо. Зашто, убедливо најголем дел од своите приходи Русија ги остварува од продажбата на своите суривини. Евентуалниот прекин на бизнисот со нафта и гас со Западот, би бил тежок удар за руската економија.

Единствено од „хигиенски причини“

Во една област Русите веќе докажаа дека не само што имаат желба, туку и се во состојба да вратат „мило за драго“: на пример моментно не смее да се продава овошје и зеленчук од Полска во Русија. Полјаците економски тоа можат да го преболат, а Русите нема да треба да гладуваат, но тоа ја покажува подготвеноста и желбата на Москва да се брани.

putin moskau russland präsident kreml
Што ќе реши Владимир Путин?Фотографија: dpa

Поучното од ова е што не се работи за класичен бојкот. За да иницира стопирање на увозот, Москва ангажира санитарни инспектори. Тие толку долго и интензивно ги испитуваа пратките од Полска, додека не најдоа оправдување да ја запрат продажбата на прехранбени производи во Русија „од хигинески причини“. Истото веќе го направија со увозот од Балтичките држави и од Грузија.

Наспротив сите заканувачки сценарија во врска со прехранбените производи, услужните дејности и испораката на гас, претставниците на германското стопанство не се загрижени. На пример, Тобиас Бауман од Германската индустриска и трговска комора за Дојче веле тврди дека германското стопанство нема да пропадне, дури и ако прекине целиот увоз од Русија, што нема да се случи.

Играње шах од Студената војна

За време на Студената војна Русите предизвикуваа страв кај своите западни преговарачки партнери: американските преговарачи со изненадување ја констатираа тврдоста на своите соговорници, кои размислувале во шаховски стил-секогаш биле два или три потези во предност. Сега екс-офицерот на руската тајна служба КГБ, Владимир Путин треба да покаже дали и тој го може тоа.

Моментно меѓутоа се чини дека Кремљ размислува само во мали чекори. Како одговор на цврстите барања на Вашингтон, Европејците да воведат построги санкции и бојкот кон Русија, досега активни повторно се само руските санитарни инспектори: тие во американскиот бурбон откриле „опасни супстанци“. Американското стопанство сега треба да се соочи со прекин на извозот на виски во Русија.