1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-пациенти на кои никој не им верува

Беатрис Кристофаро
21 август 2021

Милиони луѓе кои прележаа Ковид-19, месеци подоцна сè уште страдаат од последиците од болеста. Но, многумина од нив мораат прво да ги убедат своите лекари, пријатели и роднини дека се навистина болни.

https://p.dw.com/p/3z4lJ
Deutschland Coronavirus Reha
Некои од пациентите се на рехабилитација со месециФотографија: Armin Weigel/dpa/picture-alliance

„Мора да имате трпение“. Овој одговор Марта Есперти често го слушала од своите лекари во изминатите 18 месеци. Но, веќе не можела да чека. Бидејќи и една година по заразата со Ковид таа крева температура, често чувствува замор, има тахикардија и проблеми со меморијата и недостаток на кислород во крвта. Оваа докторантка која порано спортувала, во меѓувреме останува без здив дури и ако смо подолго стои на нозе додека готви.

По консултации со бројни специјалисти во Франција и нејзината татковина Италија, таа конечно доби дијагноза – „Ковид со долгорочни последици“. Прегледите покажуваат дека срцето и белите дробови ѝ се оштетени како последица на коронавирусот. „Лута сум. Една година никој не ме сфаќаше сериозно“, раскажува таа за ДВ. „Да ме послушаше некој порано, можеби и побрзо ќе се закрепнев“, вели таа. Во меѓувреме е ставена на терапија.

Што е „Ковид со долгорочни последици“?

Есперти е едно од милиони лица кои со месеци или недели страдаат од последици по акутното заболување со Ковид. Симптомите вклучуваат замор и таканаречен „заматен ум“, како и отежнато дишење.

Околу 15% од Ковид-пациентите и по 12 недели сè уште имаат симптоми – ова го покажува студија на Империјал Колеџ од Лондон. Ризикот е поголем кај жените и кај постарите луѓе, но од долгорочни последици од Ковид може да страдаат и деца и мажи.

Научниците сè уште истражуваат што е тоа што ги предизвикува долгорочните последици. Поради тоа е тешко да се дијагностицира „Ковидот со долгорочни последици“. Многу пациенти имаат чувство дека треба да се правдаат пред лекарите за да им поверуваат дека навистина имаат проблем.

Long Covid l Coronavirus l Marta Esperti
Државата мора да создаде услови за нега, рехабилитација и финансиска поддршка, вели ЕспертиФотографија: privat

„Се чувствувам исцедена“

Слично искуство споделува и Александра Фарингтон. Неодамна повторно ја обвиниле дека ги измислува симптомите. Оваа Американка која работи во Португалија, Ковид прележала уште во март 2020, а и натаму чувствува болка во градите и страда од отежнато дишење и замор.

На почетокот докторите ја поддржувале, додека не ги исцрпиле сите претпоставки и не успеале да ѝ постават дијагноза, вели Фарингтон за ДВ. Еден кардиолог дури ѝ рекол никогаш веќе да не доаѓа во неговата ординација.

„Се чувствувам исцрпено. Понекогаш имам чувство дека повеќе имам прочитано на темава отколку докторите“, вели таа. Постојано чита за сите нови сознанија поврзани со долгорочен Ковид.

И уметницата Тифани МекГинис смета дека не добила добар третман од својот матичен лекар во нејзиниот град Хејстингс, откако повеќепати страдала од пневмонија и болки во градите по прележан Ковид. Дури по 14 месеци симптомите попуштиле. „Поголемиот дел од лекарите нѐ третираа како да сме хистерични хипохондрици“, вели МекГинис.

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување

Докторите се запрепастени

Акико Ивасаки, имунолог од универзитетот Јејл, ги истражува причините за долгорочните последици од Ковид и други симптоми кои може да бидат предизвикани од инфекцијата со корона. Тие сознанија треба да им помогнат на докторите подобро да ги третираат своите пациенти.

Некои симптоми, како екстремен замор, болки, проблеми со концентрацијата, кои сега ги чувствуваат заболените од Ковид со долгорочни последици, биле забележани и по други заболувања. „На таквите симптоми не им било обрнато должното внимание”, вели Ивасаки. „Речиси и не биле истражувани, иако нивното влијание е огромно”, вели Ивасаки.

Од почетокот на пандемијата милиони луѓе покажуваат цела палета симптоми, од невролошки до кардиолошки. Докторите се запрепастени. „Ако се оштетени толку системи одеднаш, специјалист не знае како да се справи со тоа”, објаснува Ивасаки.

Некои земји сега инвестираат многу во истражувањата, како на пример САД, каде здравствените институти добија преку милијарда долари за истражувањата на долгорочните последици од заболување со Ковид. Велика Британија одвои 23,5 милиони евра за повеќе студии. Во светот специјализирани ургентни центри се грижат за овие пациенти. Но, не секој заболен има на располагање таква установа. Па дури и оние кои имаат среќа да имаат пристап и натаму мора во некои кругови да се правдаат за својата состојба.

Deutschland Coronavirus Reha
Дел од пациентите со долгорочни последици од Ковид имаат проблеми со дишењетоФотографија: Uwe Anspach/dpa/picture-alliance

Скептични роднини

Ејми Пеликано од Синсинати во САД имала првично проблеми со сопствената фамилија. Пред да заболи од Ковид таа многу сакала да си игра со внуците. Сега, една година по Ковид, кашла дури и ако само малку повозбудено разговара. Честопати заборава нешта и има тахикардии. Јасен случај на долгорочен Ковид, велат нејзините доктори. Пеликано вели дека имала голема поддршка од нив во изминатите месеци.

Но, многу роднини ѝ велеле дека е само мрзелива. Пеликано и самата почнала да се сомнева во сопственото расудување. Сега оди на терапија и вели: „Се чувствував физички лошо, а емотивно уште повеќе. Освен од сопругот, немав поддршка од семејството”.

И Јас од Лондон прво морала да ја убеди околината да ја сфатат сериозно. Таа не сака да го открие својот идентитет. Студентката сега главно се движи со помош на штаки или количка, бидејќи откако прележала Ковид нема доволно сила за да оди. Прво многумина мислеле дека претерува - особено зашто татко ѝ поминал полесна форма на Ковид со долгорочни последици и тие кај него не се толку силно изразени. Но, сега веќе и Јас има поддршка од семејството и докторите.

Long Covid l Privatfoto von Yas
Јас сега главно се движи со помош на штаки или количкаФотографија: privat

„На почеток бев многу фрустрирана бидејќи давав сѐ од себе и сепак имав чувство дека не е доволно. Но, откако и други ми веруваат, моето психичко здравје многу се подобри", вели Јас.

Борба за внимание

Многу пациенти погодени од долгорочните последици наоѓаат поддршка во онлајн групи за самопомош, бидејќи често морале да се правдаат и објаснуваат пред своите семејства и лекарите. Членовите во форумите разменуваат искуства и опции за лекување, но најважно е што комуницираат со луѓе кои не само што им веруваат, туку и ги разбираат. „Во групата добивам потврда за она што ми се случува и тоа е причината што уште не сум кренал раце”, вели Фарингтон.

Есперти во Рим се залага за долгорочно заболените од Ковид и за таа цел ја основаше групата „Лонг Ковид Италија”, во која членуваат пациенти, лекари и научници и која треба да ја подигне свеста за болеста.

Сѐ додека здравствениот систем не ги приоризира овие пациенти, Есперти смета дека преголем број луѓе ќе мора да го трошат своето време, пари и енергија за да им поверуваат. „Државата мора да создаде услови за нега, рехабилитација и финансиска поддршка”, вели таа. „Јас изгубив 18 месеци од мојот живот”, додава Есперти.