Клинтон со Груевски за важноста на независноста на медиумите
17 февруари 2011Роберт Хилтон, портпарол на Канцеларијата за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот за Дојче веле изјави дека за време на средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, државниот секретар на САД Хилари Клинтон повторила оти се надева дека Скопје и Атина ќе го решат прашањето за името, за Македонија да ги оствари своите евроатлантски аспирации:
„Државниот секретар Клинтон и премиерот Груевски дискутираа за широк спектар билатерални и регионални прашања. Меѓу нив беа важноста на владеењето на правото и независните медиуми, како и добрите меѓуетнички односи во период кога Македонија ја одбележува 10 годишнината од Охридскиот рамковен договор. Секретарот Клинтон уште еднаш изрази надеж дека Македонија и Грција ќе го решат заедно долгогодишниот спор за името, со што Македонија би се придвижила напред кон членството во НАТО и остварувањето на евроатлантските аспирации. Конечно државниот секретар изрази благодарност за придонесот на Македонија во Авганистан, таа е една од земјите со најмногу војници по глава на жител во мисијата ИСАФ“, изјави Хилтон.
Идентично формулирано соопштение по средбата Груевски-Бајден издаде и Белата Куќа.
Автор: Соња Каникова/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска