1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: Милиони изневерени надежи

Рут Кирхнер (ард) / Е.М.Фиданоска12 ноември 2014

Студиите во Кина одамна не се гаранција за наоѓање добра работа. Сепак, и натаму милиони млади Кинези одат на универзитетите. Така е и покрај тоа што подоцна често заработуваат помалку од работниците на градилиштата.

https://p.dw.com/p/1Dgad
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предградие на северот на Пекинг. Бедни згради наредени една до друга. Тесни улички, мирис на пржени шпагети и отпад. Населбата, народски кажано, се вика - Суешенгцун, односно студентско село. Во сивите згради живеат многу студенти кои се во потрага по среќа и благосостојба во главниот град.

Тие во Суешенгцун се далеку од остварување на тој сон. Во зградите има долги темни ходници и минијатурни сопчиња. Понекогаш тројца или четворица делат една соба, други пак живеат сами. „Никогаш не мислев дека ќе изнајмам ваква соба. Пекинг е место на притисок и конкуренција, но едноставно мора да се продолжи. Само што всушност веќе не знам што сакам“, вели Сун Шиу. Таа има 24 години.

Неостварени сништа

Младата девојка живее во соба без прозорци. Еден кревет, маса, малку облека на жица... И многу неостварени сништа во главата. Доаѓа од провинција, прва е во семејството која студирала. Но нејзината бечелор-диплома за книговодство во градежништвото не вреди ништо. Сега Сун работи на рецепција во една фирма, за околу 300 евра месечно. Дури и работниците кои од цела земја доаѓаат да работат во Пекинг и кои немаат образование, заработуваат честопати подобро. „Се разбира дека е разочарувачки. Студирав, а ништо не ми е од полза. Тешко е да се најде работа со мојата диплома. Со нејзе се работи во градежништво, а во оваа бранша не сакаат жени.“

Stundenten in China Universität Peking
Се студира со години, за потоа да се седи без работаФотографија: picture-alliance/dpa

Премногу теорија, без пракса

И не сакаат дипломци од провинциски универзитети без пракса. Она што Сун го доживува е судбина на милиони млади Кинези. Учеле со години, успеале да стигнат до место за студирање, за сега да бидат со празни раце. Ши Веи од Народниот универзитет во Пекинг смета дека за тоа е одговорна неуспешната образовна политика. Премногу теорија, без пракса: „Образованието во Кина е сосема одделено од пазарот на работна сила. Бројот на места за студирање во изминатите години се зголеми двојно, но побарувачката на пазарот на работна сила воопшто не е толкава. Тоа е главаната причина за невработеноста на оние со диплома. Освен тоа, образованието не е соодветно на барањата на пазарот, како во Германија“, вели таа.

Во модерна Кина со нејзините семејства „со едно дете“, секој сака да работи во канцеларија. Физичката работа и занаетчиството не се посакувани. Тоа е парадоксот во Кина - додека младите академци не можат да најдат работа, многу претпријатија итно имаат потреба од квалификувани работници, како механичари, заварувачи, алатничари. Мајк Хофман од германската Комора за надворешна трговија вели: „Регрутирањето добро обучени стручњаци е во секој случај проблем. Секоја година спроведуваме анкета меѓу нашите членови и годинава 74% од нив како најголем предизвик ја потврдија регрутацијата на стручна работна сила.“

Пренамена?

Политиката во меѓувреме реагира. Училиштата за висока стручна подготовка во наредните години би требало да се намалат. Премиерот Ли Кечијанг ја шокираше високообразовната сфера со предлогот - низа универзитети да бидат претворени во технички високи школи. Тоа не се прави само поради економските размислувања. Раководството знае дека јато невработени апсолвенти можат да станат опасен социјален експлозив.

Arbeitssuchende in China
Во потрага по работа - берза на таленти во ШангајФотографија: AP

Во студентското село Суешенгцун, во Пекинг, младата Сун Шиу седи беспомошно на својот кревет во сопчето без прозорци. Секоја недела им се јавува на родителите. „Никогаш со семејството не разговарам за тоа колку е тешко да се најде работа. Им раскажувам само за позитивните работи. Им велам дека ми е добро. Не сакам да се грижат.“

Таа лично пак, е постојано загрижена. Парите не стигнуваат ни оддалеку, а конкуренцијата за наоѓање работа е се‘ посилна. Додека економскиот пораст, според прогнозите, ќе се намалува, бројот на апсолвенти во наредните пет години секоја година ќе се зголемува за седум милиони. Милиони очекувања и милиони изневерени надежи.