Ким Јонг Ун на роденденот славен како воен гениј
8 јануари 2012Државната телевизија на Северна Кореја денеска (08.01) емитуваше документарец по повод роденденот на новиот властодржец во државата, Ким Јонг Ун. Во него тој се величи и се опишува како генијалец над генијалците кога станува збор за воената стратегија.
Филмот го прикажува најмладиот син на неодамна починатиот Ким Јонг Ил како управува со тенк и како им издава наредби на припадниците на военото воздухопловство, морнарицата и на пешадијата.
„Почитуваниот другар Ким Јонг Ун е упатен во сите воени стратегии ... Има извонредни квалитети на воен командант“, беа дел од зборовите на нараторот на документарниот филм, во кој се прикажуваат војници како скокаат од среќа кога ќе го здогледаат својот нов командант.
Ким Јонг Ун го наследи својот татко, кој почина на 17 декември од срцев удар во 69-та година од животот. Тој е роден на 8 јануари, меѓутоа официјален Пјонгјанг не ја открива годината во која се родил. Експертите кои се занимаваат со Северна Кореја сметаат дека тој има повеќе од 25, а помалку од 30 години.
Родендените на неговиот татко Ким Јонг Ил и на неговиот дедо и основач на Северна Кореја, Ким Ил Сунг, се одбележувани како дводневни национални празници.
Автор:СН/ЕМФ/ртр/бета
Редактор:Е. М. Фиданоска