Квартетот бара мир на Блискиот Исток
19 март 2010Членовите на квартетот пред почетокот на разговорите најавија преглед на состојбата, но не и повеќе. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун беше резервиран во изјавите за печатот околу исходот на разговорите. Како што се очекуваше, квартетот побара од двете страни да започнат со преговори што е можно побргу: „Квартетот смета дека преговорите би завршиле со спогодба, со која ќе се стави крај на окупацијата која започна во 1967 година. На крајот треба да се создаде независна, демократска, автономна држава на Палестинците, која ќе опстојува рамо до рамо со Израел и другите соседи, во мир и безбедност.“
Квартетот побара разговори помеѓу Израел и Палестина
Како што се очекуваше, Бан Ки-Мун во името на целиот квартет побара од Израел да ги стопира сите активности за проширување на еврејските живеалишта. Во изјавата Бан ја осуди и неодамна одобрената изградба на 1.600 станови во Источен Ерусалим: „Квартетот знае дека Ерусалим е од големо значење за Израелците, Палестинците, за евреите, муслиманите и христијаните. Тие сметаат дека учесниците во конфликтот со искрени преговори можат да најдат решение, кое ќе биде прифатливо за сите во Ерусалим. “
Шефицата на американскиот Стејт департмент, Клинтон уште еднаш појасни дека постигнувањето на долгорочен мир на Блискиот Исток може да се постигне само со разговори. Пратеникот за Блискиот Исток од САД, Мичел наредниве денови ќе отпатува во Израел и во палестинските подрачја, за да ги подготви таквите разговори според планот на квартетот. Четворката беше едногласна и во критиката за Палестинците. Пред се‘ ракетните напади од појасот Газа мора да бидат прекинати. „Од двете страни очекуваме да учествуваат во преговорите за изнаоѓање решение. Сакаме да создадеме атмосфера во која ќе може да се најде конструктивно решение,“ изјави Клинтон.
Бан Ки-Мун во посета на Газа
Во изјавата нема ставови за тоа какви се плановите, доколку Израелците и Палестинците не се согласат со желбите на квартетот за Блискиот Исток. По тоа прашање министерот за надворешни работи на Русија Лавров не беше концизен: „Учесниците се согласни дека секој од нас треба да ги употреби сите расположиви мерки со цел да започнат преговорите помеѓу Израелците и Палестинците. Сметаме дека нашата изјава денес содржи сосема јасни ставови за ситуацијата и јасно укажува како да се постапува понатаму.“
Квартетот покажа голема загриженост за случувањата во појасот Газа. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун најави дека уште викендов ќе отпатува во појасот Газа, за лично да се информира за тамошните хуманитарни услови.
Автор: Хајде Раше/Јасна Мушиќ-Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска