1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како исламистите ги заведуваат младите Германки?

Д. Брајтенбах-Улрих/К. Краљевска16 јули 2015

Екстремистите станаа многу мудри при користење на интернетот за ширење на пропаганда. Тоа е и местото каде што ткн. „Исламска држава“ привлекува не само потенцијални нови борци, туку и млади жени и мајки од Европа.

https://p.dw.com/p/1FyMz
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Endig

Заведени тинејџерки и млади жени се повеќе бегаат од нивните домови оставајќи ги вознемирените родителите во Германија за да се приклучат кон ткн. „Исламска држава“ (ИД) во Ирак и Сирија.
ИС контролира големи делови од тие две земји, тврдејќи дека тие се дел од нивниот нов калифат каде милитантите наметнуваат строга верзија на Исламскиот закон.

Пропагандата на ИД насочена кон жените не се служи со водечките социјални платформи, смета Флоријан Ендрес, експерт за радикализација во германското Федерално биро за миграција и бегалци (ФОМБ).
„Тие користат помали групи и форуми каде што се обидуваат да стигнат до девојки и жени од Западот, обидувајќи се да ги убедат да станат дел од новата елитна заедница, новата Исламска држава“, вели тој за ДВ, додавајќи дека ИД гради нова држава и токму жените им се потребни за основање на семејства.

Убедување на „сестрите“ во Европа

Девојките кои веќе се дел од салафистичката сцена во Германија се активни на социјалните мрежи, каде што ги шират информациите, вели Ендерс. Првичниот контакт е двонасочен, додава тој, понекогаш некое лице бара информација како да дојде до Сирија или Ирак, а понекогаш на девојките им приоѓаат жени кои веќе и се приклучиле на ИД. „Тие ги информираат во живо колку е убав животот таму“, вели Ендрес.

Screenshot Twitter Muhajira
Твитер профилот на блогерката која е дел од пропагандата на „Исламската држава“

Германка која се нарекува „Мухаџира“, што значи емигрант, блогира и објавува на Фејсбук и Твитер откако ја напуштила Германија во 2013. Таа пишува за својот живот во Ирак „врз основа на џихадот, врз темелите на честа“. На една од нејзините први објави, таа воодушевено напишала дека по нејзиното заминување од Германија таа конечно била „слободна да го носи својот никаб како што таа сака без некој да ја гледа и да ѝ се потсмева“.
Блогерката нуди рецепти, и ветува било каква информација која би и била потребна на потенцијалната жена-џихадист од Германија. Таа исто така се нуди да им најде жени на борците „затоа што таму има многу неженети муџахедини“.

„Овие жени го романтизираат животот таму, но треба да запомните, Сирија е среде граѓанска војна“, вели Ендрес од од ФОМБ.

Славење на животот зад превезот

Постојат многу твитови и блогови напишани од жени од Западот кои се омажени за милитанти активни во ИД и го градат новото „Исламско општество“. Младите жени се фалат за убавините на семејниот живот и воспитувањето на децата во нови борци за Исламот.

Во Европа, девојките се вртат кон Твитер и Аск.фм, платформа на принцип прашање - одговор, за тоа како да стигнат до Сирија или Ирак. Најчест проблем е како да се справат со очајните родители кои одбиваат да ги пуштат своите ќерки да си одат за да се приклучат на џихадот. Добивањето дозвола од родителите може да биде голема пречка за малолетничките на кои истата им е потребна за да патуваат или да се мажат.

DW - Fokus Europa
Жени-борци на „ИД“ во СиријаФотографија: SWR

Организацијата на Ендрес се обидува да им помогне на родителите како да ги заштитат своите ќерки од радикализирање и напуштање на домот, но тоа е тешка задача. Младите луѓе не знаат речиси ништо за политиката и религијата, што ги прави лесно пристапни, вели Ендрес.
„Но, има уште една работа во која младите луѓе се многу добри, а тоа се социјалните медиуми“, вели тој додавајќи дека конспиративното однесување на децата на Интернет им ја отежнува контролата на родителите.

Германската разузнавачка агенција проценува дека речиси 40 проценти од девојките и жените кои ја напуштиле Германија за да им се приклучат на екстремистичките групи, се на возраст до 25 години, а некои од нив сѐ уште се малолетни. Околу 650 германски исламисти досега им се приклучиле на милитантите во Сирија и Ирак, како и повеќе од 100 млади жени.