1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како живеат Грците со зголемениот ДДВ?

Милона Марианти / Е.М. Фиданоска3 август 2015

Новиот данок на додадена вредност (ДДВ) во Грција е воведен пред две недели. Многу Грци велат: воведен е во невреме. Како живеат Грците со зголемениот ДДВ? Колку се зголемени цените и од што граѓаните мора да се откажат?

https://p.dw.com/p/1G8mL
Фотографија: Fotolia/magenjitsu

Грчката влада од пред две недели почна да спроведува една од реформските мерки договорени во Брисел: зголемен данок на додадена вредност. Од тоа најмногу е погодена грчката туристичка индустрија. Сега, среде летна сезона, сопствениците на ресторани и хотели бараат фер третман, зашто калкулациите на цени и договорите со туристичките оператори и авиокомпаниите се однапред склучени. А, кој однапред си платил за патувањето, нерадо би дал дополнителни пари за својот одмор.

„Тоа е негативно за туризмот, но и генерално за сите во земјата“, вели Јоргос Ливанис, сопственик на ресторан на ривиерата во северна Грција.

„Ние на долг рок нема да можеме да им конкурираме на другите земји на Средоземјето, како Турција, Италија и Шпанија.“ Во сите тие земји данокот на додадена вредност е понизок отколку во Грција. „Тие си ги тријат рацете кога кај нас се‘ поскапува.“ Ливанис не би го зголемувал ДДВ и би ги чувал цените како досега. „Сите цени беа калкулирани со 13% данок, а сега мора да се пресметаат 23%.“

Има подготвеност за компромис

Нема само Јоргос Ливанис ваков проблем. Повеќето грчки бизнисмени, сепак, се принципиелно согласни со договорите на грчката влада во Брисел, иако секој цент повисок данок ја боли грчката економија. Грчката туристичка бранша е повеќе изненадена од моментот на воведување на зголемениот ДДВ. Јоргос Ливанис е уверен дека летово тој воопшто и не може да се спроведе како што треба. „Планот нема да се оствари“, тврди Ливанис, кој почувствувал дека дури и продажбата на сладолед е помала, иако сладоледот е поскапен само малку.

Griechenland ein Tag vor Referendum
Фотографија: Reuters/C. McNaughton

Разлики меѓу град и село

„Во моментов мислам многу на луѓето во град кои мора се‘ да купуваат. Нам, на село, ни е полесно“, објаснува 50-годишната Марија Василиаду.Таа е мајка на две ќерки кои имаат по околу 20 години. Среќна е што живее на село. Во град не би можела да ги плаќа постојано растечките цени на прехранбените намирници. „Ние овде одамна си имаме создадено резерви за тешки времиња. Имаме маслинки и маслиново масло, мало бротче за да ловиме сами риба и градина во која расне речсии се‘“, објаснува Гркинката додека со восхит ги гледа доматите во својата градина.

И Ана Карену, сопственичка на апартмани на северногрчкиот брег, е во потрага по решенија. Таа не сака да ги исплаши своите постојани муштерии со зголемени цени поради ДДВ. Иако зголемувањето за нејзе ќе биде обврска дури во октомври годинава. Повеќе од 70 евра за преноќевање со појадок таа не може да бара. Грчките гости и вака веќе ги нема. Таа размислува за алтернативи. „Ако ги оставам старите цени, мора лично да платам за зголемениот ДДВ. Ако ги зголемам цените за собите, гостите ќе размислат, па можеби нема да резервираат.“

Hotel Heliotopos Santorini
Фотографија: Heliotopos Hotel

Прашање на менталитет

За Ставрос Дривас, сопственик на кафуле на полуостровот Халкидики е сосема јасно: „Може да прават што сакаат, ние не функционираме само со бројки. Токму затоа и ни паѓаат тешко овие промени.“ Дривас и самиот е 30 години во туристичката бранша и има големо искуство. Тој засега ќе ги остави безалкохолните пијалоци со стари цени. Две евра за кафе, 2,50 евра за кисела вода и лимонада. Само кај алкохолните пијалоци, како виски, вино или водка ќе пресметува зголемен ДДВ од 23%.

Дривас сака да избегне пред се‘ едно - гостите да се чувствуваат непријатно. Порадо би имал помала добивка. Објаснува зошто: „Кај нас се работи за меѓучовечки чувства и емоции.“ Еден германски пријател, со кој порано седел секојдневно, еднаш му одржал лекција поради тоа што од невнимателност на син му за еден сувенир му наплатил 5 центи помалку. „Го крена показалецот и рече дека е моја грешка и дека така не смее.“ Но, по куса пауза додава: „Ние сосема поинаку се однесуваме кон малите суми. Јас никогаш од неговото синче немаше да ги побарам петте центи.“ Сензибилноста во меѓусебниот однос за него се поважни до парите. „Ваквиот менталитет ни е одлика. Тоа е она што ја збунува Европа и поради што сме постојано погрешно разбрани.“