1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да им се влезе во трага на брчките

7 август 2011

Кога луѓето стареат, нормално е да добиваат брчки. И ракот на кожата е почест кај постарите лица. Но, зошто е тоа така? Млада лекарка од Финска се обидува во Келн да пронајде одговор на тоа прашање.

https://p.dw.com/p/126Dr
Фотографија: AP


Сара Викстрем не работи за некој козметички концерн, туку раководи со група млади научници на институтот Макс Планк за биологија на стареењето во Келн.Таа и нејзиниот тим се обидуваат да откријат како настанува и како се одржува структурата на кожата. Тоа е многу важно, вели, бидејќи повеќето кожни заболувања настануваат поради пречки во таа структура:

„Јасно е дека структурата е механизам што ја штити кожата од болести, на пример, од рак. Затоа се обидуваме да проникнеме во начинот на нејзиното настанување и во процесите кои го следат процесот на стареењето. Во староста се зголемува опасноста од рак на кожата, а и раните побавно зараснуваат.“

Сара Викстрем со својот тим истражува на кој начин протеинските клетки изработуваат околу себе мрежа која се развива во ткиво. Второ прашање е што се случува кога работите ќе тргнат во погрешна насока и трето, како клетките во староста реагираат на губењето еластичност:

„За луѓето кои не знаат ништо за клетките, тоа веројатно не е многу возбудлива тема, но повеќето од луѓето го игнорираат фактот дека е апсолутно нужно да се разберат сите процеси кои влијаат на тоа, со цел да се произведат навистина делотворни лекови,. Оној која сака да разбере како функционираат кожните болести, мора да разбере и како реагираат кожните клетки.“

Колегите на Сара Викстрем веќе откриле дека протеинската мрежа околу клетките има многу важна улога. Целата околина на клетката може да придонесе во спречувањето на развојот на туморот. Тоа е аспект на кој се концентрирале истражувањата на финската лекарка. Фармацевтските фирми досега за нив не покажале интерес.

Целосна преокупација со науката

Sara Wickström
Сара Викстрем, раководител на тимот за истражување на стареењето на институтот Макс ПланкФотографија: DW

Жена на чело на истражувачката група на институтот Макс Планк е реткост. Покрај тоа така млада жена – Сара Виктрем има само 35 години.

„Меѓу студентите е се´ уште подеднаков бројот на мажите и жените, но, веќе меѓу научниците кои по докторaтот работат на некој институт има многу помалку жени. На ниво на раководители на проекти - како што сум јас - има уште само 15 насто жени, а меѓу професорите ги има уште помалку. Морате да вложите многу време во научната работа, а тоа е тешко да се вклопи во семејниот живот. Во Германија, по мое мислење, премногу жени се откажуваат од научната кариера во полза на семејството.”

Околу планирањето семејство самата се´ уште не размислува конкретно. Секој ден работи прекувремено, но тоа не и´ пречи, бидејќи работата ја фасцинира:

Сара Викстрем често мора сосила да се вклучува во светот кој ја опкружува, со цел сосема да не се потоне во науката:

„Јас ги сакам истражувањата. Се идентификувам со нив. И надвор од работното време многу мислам на работата и истражувањето. Понекогаш не знам дали тоа е добро или лошо, но мислам дека е по малку и едното и другото.“

Најважна цел - најефикасните методи против стареењето

Hautkrebs
Со процесот на стареење расте ризикот од рак на кожатаФотографија: AP

Младата научничка не сака да стане стручњак за кожа, но сака да остане истражувач, иако како лекарка во практиката би можела да заработува двојно повеќе отколку сега, а и барањата со кои истражувачите се соочуваат се поголеми:

„Секако дека сакам да бидам што поуспешна, научниците секогаш се мерат според успехот и тој успех влијае и на можностите кои пред нив ќе се отворат. Сега не би можела да кажам: задоволна сум со постигнатото. Како научник, секогаш морам да одам понатаму.”

Нејзина цел е да ги совлада најефикасните методи на лекување на болестите кои се во врска со стареењето, но не верува дека науката може да ни гарантира живот без болести, засекогаш.

Марлис Шаум / Светлана Брик

Редактор: Жана Ацеска