1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кадровско освежување во СДСМ

ДТЗ
17 мај 2021

Владејачката партија смени две третини од членството на Централниот одбор. Лидерот на партијата, Зоран Заев најави реорганизација и политика која ќе се базира на пет столба.

https://p.dw.com/p/3tUSo
Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска е нова заменик-претседателка на СДСМ. Лукаревска ја зазема високата партиска функција која досега ѝ припаѓаше на Радмила Шекеринска, која неодамна најави дека ќе се повлече од раководните органи на партијата. Министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се избрани за потпретседатели на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири, а на оваа функција остануваат Мила Царовска и Оливер Спасовски. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата. На местото на Душко Весковски, за  организациски секретар е поставен Мартин Попов. На конгресот за секретар за меѓународна соработка е избран Бојан Маричиќ, а за претседавач на ЦО, Перо Костадинов, актуелниот градоначалник на Валандово.

Спој на искуство и нова енергија

На 26. Конгрес кој се одржа дигитално, СДСМ смени две третини од членството на Централниот одбор. Според лидерот на партијата, Зоран Заев, застапена е родовата и возрасната еднаквост, но голем дел од членовите се луѓе од различни сфери, докажани во своето делување, кои досега не биле дел од партиските структури: правници, економисти, социолози, медицински лица, лекари.

-повеќе на темата: Патот на Зоран Заев

„Составот е спој на искуството и нова енергија, содржи континуитет и нови лица. Со ова правиме значајно освежување на најзначајниот орган, но го задржуваме искуството. Од 120 членови на новиот ЦО, 60 се жени и 60 мажи, целосна родова еднаквост. Млади се вкупно 45 члена или 37,5 проценти што е највисок процент во која било партија во државата“, нагласи Заев. Избран е и нов Извршен одбор, чии членови се Ана Данева Маркова, Стефан Богоев, Нина Фити, Димитар Ковачевски, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Андријана Будимир, Благој Бочварски, Рената Јајоска, Петре Шилегов, Софија Пејкова, Мухамед Зекири, Мелиса Ценовска Серафимовска, Никица Бачоски, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Јована Трпчевска, Васко Ковачевски.

Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM Zoran Zaev
Заев најави дека процесот на промени во партијата ќе продолжи, ќе следува реализација на нова политика која ќе биде базирана на пет клучни столбови.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Заев најави дека процесот на промени во партијата ќе продолжи, ќе следува реализација на нова политика која ќе биде базирана на пет клучни столбови. „Пред нас сè уште се бројни предизвици на секое поле. Започнува процес на нова политика, процес со кој СДСМ ќе остане прв во промените. Следи обновување на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но без откажување од нашите луѓе. Ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот, подмладување на партијата, охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови и подигнување на мотивацијата на нашите граѓани“, рече Заев пред делегатите. Тој најави ново четиригодишно поглавје кое ќе се фокусира на европска иднина, економски развој, успешно справување со пандемијата, масовна имунизација, неселективно владеење на правото и европски стандарди.

Ова не е збогување

„Ова не е збогување, ова е реорганизација. Радмила продолжува со сите нас, до нови големи успеси за граѓаните и за државата“, порача премиерот Зоран Заев, упатувајќи и благодарност на Радмила Шекеринска, неговата досегашна заменичка во „најтешките години кога земјата ја извадивме на прав пат“, како што вели тој самиот.

-повеќе на темата: Заев сака нови ликови во СДСМ, не знае дали Шекеринска се дистанцира од него

„Заедно се боревме против огромно зло, заедно се радувавме на историските успеси. Нејзината посветеност, темелност, аналитичност и самокритичност се пример за сегашните и идните социјалдемократски генерации. И Радмила и јас добро знаеме дека нови успеси се можни само со нови идеи и кадри кои црпат поддршка и знаење од сениорите“, порача Заев, откако претходно Шекеринска им порача на сопартијците да ја сакаат партијата, но да и служат и на државата и на граѓаните.

„Водете за да останеме најдобри. Трчајте, за да не ве претекнат. Зборувајте за да не ве замолчат. Очите секогаш нека ви бидат вперени во хоризонтот. Невозможното направете го возможно. Сакајте ја партијата, но служете и на државата и на нашите граѓани“, напиша министерката за одбрана и досегашна заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска на Фејсбук, по  изборниот конгрес на партијата.