1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви алтернативи за сивата економија и производството на опиум во Авганистан?

1 април 2004

Германија беше домаќин на дводневната донаторска конференција за Авганистан, а ситуацијата во таа земја е денеска доминатна тема за коментаторите на германските весници.

https://p.dw.com/p/AeHC

“Штутгартер Нахрихтен” смета дека донаторските конференции немаат рецепт за суштинските проблеми на таа земја:

“Дали Авганистан има шанса, не се решава со марки и пфенинзи, со евра и центи – иако парите играат важна улога. По повеќе од две децении војна, по бегалски страдања, разорувања, самоволно владеење и угнетување, кај неселението недостасува каква и да е форма на чувство на заедничка припадност, кое воопшто ја сочинува една нација. Денес зависноста од моќните господари на војната повеќе го дели Авганистан, отколку различноста на етничките групи. Авганистан денес е растргнат. Против тоа ниедна донаторска конференција нема некаков патентиран рецепт”.

“Франкфуртер Алгемајне Цајтунг” изнесува ваква оцена:

“Раката на претседателот Карзаи ни приближно не досега толку далеку надвор од главниот град, колку што би морало да се посакува, па и изборите се одложени за наесен. Во феудалното племенско општество на Авганистан, со неговите со векови важечки норми, е тешко да се воспостави баланс на власта во кој никој не би се чувствувал запоставен. Колку и да мора да се скрати моќта на некои господари на војната и опиумски барони, исто толку можеби може да се соработува со другите провинциски кнезови. Зашто, може да биде опасно со сила и претерано ревносно да се настојува на реформирање на исплетените мрежи од лојалност”.

“Остзее-Цајтунг” од Росток забележува:

“Последиците од 22 години граѓанска војна дејствуваат и натаму. Авганистан е незамисливо сиромашен, и натаму му е потребна помош - оттука и вториот самит за таа земја. Очекувано беше дека тој ќе се занимава пред се’ со проблемот на одгледувањето на дроги и трговијата со нив. Многумина селани во нужда на тој начин успеваат да излезат на крај, господарите на војната на тој начин го финансираат своето влијание и благосостојба. Ако веќе до 90 проценти од светската понуда на опиум потекнува од Авганистан, тогаш таа земја повторно стана меѓународен ризик. И поради тоа во Берлин се бараа алтернативи за Авганистанците против сивата економија”.

Со проблемот на дрогите се занимава и “Манхајмер Морген”:

“На авганистанските полиња со дроги се произведуваат три четвртини од светската продукција на суров опиум. Бизнисот со дрогите е крајно профитабилен: еден хектар засаден со афион носи 12 илјади долари, еден хектар пченица само 300. Регионалните господари на војната со дебелите добивки ги финансираат своите приватни армии, селаните добиваат само малку милостина. Тие можат да бидат наговорени да го пренасочат производството, посебно ако бидат пристојно платени. Но, прво мора да бидат разорени афионовите полиња и со тоа да им се објави војна на племенските кнезови, а тоа е опасен зафат”.

“Хесише-Нидерзексише Алгемајне”, весник што излегува во Касел, фрла поглед врз позитивната страна на развојот во Авганистан:

“По соборувањето на талибанците по нешто е и постигнато: три милиони бегалци можеа да се вратат, на сила е привремен устав со демократски права и за жените, повторно се отворени многубројни училишта, во тек е изградбата на полиција и армија. Притоа Германија и другите помогнаа со совет, на дело и со пари. Нивното мудро и претпазливо постапување се исплати”.

“Меркише Одерцајтунг” од Франкфурт на Одра се занимава со улогата на Бундесверот:

“Зад постојаните определби за продолжение на ангажманот на Бундесверот под Хиндукуш се крие растечка несигурност. Деновиве на Косово повторно стана јасно дека без политички решенија не ќе може да се добие мир. Меѓународни воени протекторати не претставуваат трајна замена за цивилна перспектива. Истовремено е јасно: ако се повлече Бундесверот и другите контингенти од Балканот или од Авганистан, етничките групи повторно ќе се нафрлат една против друга, фундаменталистите ќе дојдат до израз. Тоа е нерешливиот конфликт во кој се наоѓа Западот” – песимистички заклучува “Меркише Одерцајтунг”.