1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква ќе биде судбината на земјите од Западниот Балкан?

19 септември 2006

И во германската политика има спротивни ставови околу проширувањето на ЕУ.

https://p.dw.com/p/Adnd
Германскиот Претседател Хорст Келер во Европскиот Парламент
Германскиот Претседател Хорст Келер во Европскиот ПарламентФотографија: AP

Германскиот Претседател Хорст Келер смета дека ЕУ може и понатаму да се шири наспроти скепсата што владее во земјите членки околу нејзините капацитети за прифаќање нови држави:

„Да, проширувањето е можно, јас сметам дека Романија и Бугарија се дел од Европа и треба да знаат дека имаат свое место во неа. Мислам дека тие ќе бидат примени и исто така мислам дека треба да дефинираме умна политика за проширувањето, што ќе биде комбинација од трпеливост и цврстина при испитувањето на подготвеноста на другите земји од Западниот Балкан, кои сакаат да се вклучат во Унијата!„ – појасни Келер на средбата со грчкиот претседател Каролос Папуљас во Берлин.

За разлика од неговиот став, во германската јавност и политика има и гласови кои сметаат дека ЕУ е дојдена до границите на издржливост во однос на проширувањето и дека тој процес не може да продолжи додека не биде постигнат договор за реформа на институциите на Унијата. Меѓу таквите скептици во поглед на проширувањето се вбројува и министерот за сојузни и европски прашања од покраинската влада на Северна Рајна Вестфалија, Михаел Бројер. Тој неодамна јасно и гласно изјави дека по приемот на Романија, Бугарија и Хрватска треба да биде запрено проширувањето, барем за догледно време:

„Немам што да изменам во мојата изјава, бидејќи ќе имаме Европа со 28 членки, доколку во догледно време ги примиме овие три земји. Сметам дека во сегашната ситуација, со сегашниот Европски парламент, Европската комисија, како и со принципите на гласање во телата не сме во состојба да изведеме уште едно поголемо проширување. Без оглед на фактот дека ни треба модерна соседска политика во Европа, сепак мораме прво ние да се подготвиме. При тоа ми е јасно дека скорешна рунда проширување би донела економски предности за сите сегашни членки, но Европа не е само заеднички пазар. Од неа се очекува и да одигра одредена улога во светот. Затоа сметам дека пред да разговараме за нова рунда проширување, мора да разговараме за продлабочувањето на Унијата, за Европа повторно да има пробивна моќ и способност за дејствување.„

Запрашан дали може да процени колку време би било потребно за тие процеси внатре во Унијата, Бројер вели:

„Прво би влијаел во насока на забрзување на процесот на донесување на Европскиот устав. Во таа насока можеби ќе може да даде одреден придонес и германското претседателствување со ЕУ во првата половина од 2007-та. Но, за мене е јасно дека додека не го заокружиме уставниот процес во Унијата не би требало да размислуваме за нови проширувања!„ – категоричен е министерот за европски прашања при покраинската влада за Северна Рајна Вестфалија, Михаел Бројер.