Каква порака носи Груевски во Брисел?
16 јуни 2010Македонскиот премиер Никола Груевски пристигна во Брисел каде ќе престојува до петок. Случајно или не, неговиот грчки колега Јоргос Папандреу е сместен во истиот хотел, „Конрад“. Најави за билатерална средба нема, но никој не ја исклучува оваа можност.
Само два дена по министерскиот состанок во Луксембург на кој Македонија беше отстранета од агендата на ЕУ-министрите за надворешни работи поради нерешениот спор за името, европските дипломати изразуваат надеж дека Груевски и Папандреу ќе ја искористат оваа можност да ги прибилижат ставовите за проблемот кој ја оддалечува Македонија од евроатлантските структури.
Надеж дека Груевски доаѓа со конкретни пораки
Еврокомесарот Штефан Филе исто така се надева дека македонскиот премиер Груевски доаѓа со конкретни пораки до Брисел, инаку, велат дипломатите, нема поента повторно да се сретнуваат.
Средбата со Филе се одржува по барање на македонската влада, што за Брисел е знак дека владата носи свежи вести за спорот со името. ЕУ се надева дека тие одат во насока на негово решавање.
Освен со Филе, Груевски овие два дена има партиски средби со функционери од десната европска партија, но ниедно звучно име не е на агендата.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Жана Ацеска