1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кадијевиќ- трагична фигура на распадот на СФРЈ“

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски4 ноември 2014

Во државите од поранешна СФРЈ има поделени мислења за починатиот генерал Вељко Кадијевиќ. Судот за тоа дали Кадијевиќ е воен злосторник, херој или само еден од трагичарите на распадот на Југославија ќе го даде времето.

https://p.dw.com/p/1DgUX
Фотографија: G. Matic/AFP/Getty Images

Во времето кога Вељко Кадијевиќ беше сојузен секретар за народна одбрана (министер за одбрана) на поранешна СФРЈ (Социјалистичка Федеративна Република Југославија), некогашната заедничка држава беше пред распаѓање. Кадијевиќ, според зборовите на бањалучкиот воено-политички аналитичар Остоја Барашин, се залагал за зачувување на државата.

„Кадијевиќ е трагична фигура на трагичниот распад на СФРЈ. Тој ѝ припаѓа на една генерација која учествуваше во формирањето на таа несреќна држава и логично е дека имаше обиди да ја сочува. Кога ги гледаме луѓето и случувањата, мораме да го имаме на ум и историскиот контекст. Тој во тој историски контекст се најде на местото министер на одбрана и сметаше дека треба да ја брани својата земја. Трагично е тоа што тој, а ни другите кои сакаа да ја бранат земјата, како да го сторат тоа, како што ни оние кои се определија за сецесија не избраа најдобар начин. Им се брзаше и не сакаа да го одложат тоа без разлика на последиците. На сила и’ се одговара со сила и Кадијевиќ во тој смисол реагираше, можеби недоволно свесен за размерот на последиците кои ќе следат по испуканиот прв куршум“, вели Барашин за ДВ. Тој истакнува дека Кадијевиќ не можел поинаку да реагира, со оглед на фактот оти во тоа време владеела „драматична правна конфузија“ во поглед на толкување на Уставот на СФРЈ. „Да постапеше спротивно, ќе беше осуден од тогашниот систем во останатиот дел од Југославија“, смета Барашин.

Kroatien-Krieg 1991 - Entwicklung der Migration nach Deutschland
Вуковар во 1991 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Укинување на територијалната одбрана во БиХ

Воено-политичкиот аналитичар од Сараево Ѓуро Козар смета оти „југословенството“ на Кадијевиќ и залагањето да се сочува СФРЈ била само маска. „Зад таа маска се криеше намера за формирање на т.н. „Голема Србија“, а Кадијевиќ го слушаше Слободан Милошевиќ. Во т.н. „Голема Србија“ требаше да влезат делови од Хрватска и на БиХ. За да ги оствари тие цели; Кадијевиќ ја разоружа Територијалната одбрана на БиХ, ја укина Командата на армиските области во Сараево и нејзините овластувања ги пренесе во Белград, а за команданти на корпусот на поранешна ЈНА во БиХ именуваше генерали Срби и Црногорци. Во пролетта 1991. година на состанокот во Сараево, Алија Изетбеговиќ тврдеше дека ЈНА нема да дозволи војната од Хрватска да се прошири во БиХ, а во исто време од магацините на таа иста армија вооружуваше членови на Српската демократска партија на Радован Караџиќ за да можат со формациите на ЈНА од Србија и од Црна Гора да учествуваат во агресијата на БиХ“, вели Козар за ДВ.

„За време на нападите на поранешната ЈНА на Сараевово пролетта 1992. година, Вељко Кадијевиќ веќе не беше сојузен секретар за народна одбрана, но неговиот план за агресија на БиХ го извршија други генерали предводени од Благоја Аџиќ и Живота Паниќ, а потоа командата на Пале ја презема Ратко Младиќ“, потсетува Козар.

Одговорност за Дубровник и за Вуковар

Република Хрватска го обвинува Вељко Кадијевиќ за нападите на Дубровник и на Вуковар, а по него беше распишана и потерница. Откако беше информиран дека би можел да биде испитуван пред Хашкиот трибунал, Кадијевиќ засолниште наоѓа во Русија. Загребскиот воено-политички аналитичар Давор Ѓенеро верува дека одговорноста на Кадијевиќ за воените случувања, посебно за злосторствата во Дубровник и во Вуковар е „неспорна“.

„Хрватска го обвини Кадијевиќ за напад на Дубровник и за агресија на Вуковар. Факт е оти Кадијевиќ ги одликуваше вуковарските крвници Шљиванчанин и Мркшиќ, а дека Дубровник всушност беше демилитаризирана зона и оти не беше можно дури ни со логиката која ја користеше агресорот, да се оправдаат нападите со загрозеноста на воените единици на тоа подрачје. Кадијевиќ не ги криеше своите конспиративни антидемократски активности, барањата од Претседателството на Југославија да започне крвав воен удар во тогашната држава, ни своите контакти со генералот Јазов и заговорниците во тогашниот Советски Сојуз. Очигледно е дека во 2001. година беше свесен оти процесот во Хаг поради злосторствата во Вуковар би можел да се прошири и на него, па затоа побара засолниште кај своите пријатели во Москва“, вели Ѓенеро.

Ѓенеро тврди оти, покрај Кадијевиќ, комплетниот воен врв на поранешната ЈНА е одговорен за подготовката на воен удар со кој, наводно, сакаа да ја спасат Југославија. „По пропаста на интервенцијата во Словенија, која не беше 'покриена' со никакво политичо одобрување, дотогаш формално заедничката ЈНА станува оружје исклучиво во рацете на режимот на Милошевиќ, а мандатот на Кадијевиќ завршува по соборувањето на хеликоптерот на Европските набљудувачи од страна на 'Југословенското воено воздухопловство'. Така всушност со Сараевското примирје и завршувањето на првата, најтешка фаза од агресијата на Хрватска, заврши и времето на Кадијевиќ на чело на војската, а го заменува уште полошиот, попримитивниот и побруталниот Благоја Аџиќ“, вели Ѓенеро.

Stradun in Dubrovnik 1991 unter Beschuss
Дубровник во 1991 годинаФотографија: AP

Распадот во очите на Кадијевиќ

Во екот на војната во БиХ во 1993. година, Кадијевиќ во Белград објави книга „Мое видување на распадот“, со која , меѓу другото се обиде да го оправда постапувањето на ЈНА во Хрватска и во Босна. „Со таа книга Кадијевиќ самиот себеси си напиша обвинение признавајќи дека од ЈНА биле формирани три армии: Војската на Србија и Црна Гора, Војската на Репулика Српска и Војската на т.н Република Српска Крајина. Комплетниот официрски кадар на овие војски е воден во кадровската евиденција на Генералштабот во Белград, од каде што и добивал плата. Во книгата се изнесени и други детали, кои укажуваат на фактот дека ЈНА во 90-те години од минатиот век била агресор во Хрватска и во БиХ, и оти еден од креаторите на таа агресија бил и Кадијевиќ“, вели Козар.

Вељко Кадијевиќ беше последниот министер за одбрана на поранешна СФРЈ и командант на ЈНА, која , како што спроти распадот на Југославија често се истакнуваше, беше „четврта воена сила во Европа“. Армискиот генерал на ЈНА имал завршено високи воени школи, меѓу кои и Вишата академија на ЈНА, Воената школа на ЈНА и Колеџот за команданти и генерали на Американската војска (US Army Command and General Staff College). Кадијевиќ бил учесник и во Народноослободителната борба во Втората Светска Војна. Роден е на 21. ноември 1925 година кај Имотско.