1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде ќе се вратат Ромите - бегалци од Косово?

18 октомври 2009

Десет години по војната на околу 14.000 косовски бегалци од Германија им се заканува протерување и враќање во татковината. Се очекува Берлин и Приштина да потпишат договор за преземање на бегалците.

https://p.dw.com/p/K83S
И порано имаше протестни акции против протерувањето на бегалците: протест во центарот на градот Есен во 2002Фотографија: AP

Преговорите за договорот за преземање на бегалците од страна на косовските власти се провлекуваат веќе со години. И покрај тоа што нема официјален документ веќе имаше први враќања и тоа уште во 2001 година. Но, тогаш беа погодени само косовски Албанци, а и бројките не беа толку големи. Од цела Европа на Косово се принудно вратени околу 8.000 косовски Албанци. Останатите, значи најголемото мнозинство, се вратија доброволно. Ним впрочем им паѓа релативно полесно да се реинтегрираат во татковината, бидејќи на Косово се’ уште имаат поголем број роднини, кои им помагаат во тоа.

За Ромите е поинаку

Но, овој пат станува збор за враќање на бегалци, од кои поголемиот дел, околу 10.000, се Роми од Косово. Доколку тие навистина бидат принудно вратени на Косово, ним им се закануваат големи проблеми, бидејќи косовските власти немаат можност да им обезбедат ниту станбен простор, ниту пак работни места. Згора на тоа поголемиот дел од Ромите бегалци од Косово и онака потекнуваат од најсиромашните социјални слоеви со низок степен на образование. А немаат ни роднини коишто можат да ги прифатат. За наоѓање работа и да не зборуваме!

Bilder vom Auffanglager für Roma in Mitrovica, Kosovo
Роми бегалци во кампот во Косовска МитровицаФотографија: Andrew Testa

Прво проверка на државјанството

Артан Дураку, политички советник на косовскиот министер за внатрешни работи, посочува дека во процесот на враќање на бегалците на Косово треба прво да се провери нивното државјанство. И тука веќе почнува „Голготата“ на Ромите бегалци, бидејќи голем дел од нив никогаш немале лични исправи, а на некои им исчезнале во виорот на војната. „Во принцип најважниот елемент на договорот за враќање бегалци е прашањето за државјанството на погодените лица, како и на лицата кои без државјанство живееле на наша територија.“

Дураку нагласува дека оние бегалци кои доброволно се враќаат имаат одредени погодности, што не е случај кога станува збор за принудно враќање.

Се’ на се’, Ромите бегалци најверојатно ги очекуваат веќе преполнетите бегалски кампови во Северна Митровица, кои се наоѓаат во близина на поранешната фабрика за олово и со тоа на многу загадена почва.

Автор: Беким Шеху/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска