1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу азилантите од Балканот

ЕМФ/дв/кна/епд16 март 2014

Судир во германската владејачка коалиција околу барателите на азил од Балканот. Политичари на СПД ги обвинуваат партиите на Унијата дека по ова прашање го кршат коалициониот договор.

https://p.dw.com/p/1BQVK
Фотографија: picture-alliance/dpa

По информациите дека германската влада има намера да го ограничи доселувањето на баратели на азил од земјите од Балканот и да ја забрза постапката за азил, во владејачката коалиција се разви дебата во која социјалдемократите ги обвинуваат партиите на Унијата - ЦДУ и ЦСУ.

Весникот „Рур Нахрихтен“, имено, пред два дена, цитираше делови од предлог закон кој се подготвува од страна на Министерството за внатрешни работи, според кои Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во иднина ќе бидат означени како „безбедни држави“. На тој начин се подобрува можноста за „побрза обработка на барањата за азил на лицата од овие држави кои немаат изгледи за успех, а со тоа и за кратење на престојот на овие лица во Германија“. Со тоа треба значително да се скрати и „времето на примање социјални услуги во Германија“, што пак значи дека се редуцира поттикот за поднесување барање за азил од економски причини. Новиот закон би требало да им даде основа на властите за отфрлање на барањата за азил од Балканските земји како неосновани. При отфрлање на барањето за азил, рокот за протерување од Германија би требало да биде скратен на една недела, а толку би требало да изнесува и рокот за жалба.

Експертот на Социјалдемократската партија за вантрешна политика, Михаел Хартман, денеска (16.03) за весникот „Велт ам Зонтаг“ обвинува дека партиите на Унијата го прекршуваат коалициониот договор. „Не може дополнително да се предлага нешто што не е прифатено во текот на коалиционите преговори“, вели Хартман. Во коалициониот договор е наведено дека како сигурни земји треба да се означат Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Хартман вели: „Од три земји не смеат да станат пет.“ Министерот за внатрешни работи на покраината Шлезвиг Холштајн, кој исто така е од редовите на социјалдемократите, Андреас Брајтнер, објаснува: „Сосема ми е неразбирливо зошто Унијата не се држи до договорот и го става под прашалник коалициониот договор.“

Штефан Мајер, од Христијанско-социјалната унија, кој е експерт за внатрешна политика во пратеничката група на Унијата, го брани предлог законот за азилантите. „Проширувањето на пет земји е исправно, поради тоа што во моментот кога се водеа коалиционите преговори не можеше да се предвиди актуелниот развој на ситуацијата.“ Мора да се задржи „неопходната флексибилност“, вели тој.

Symbolbild Asylbewerber in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот уред за миграција и бегалци во текот на изминатата година регистрирал 22.495 барања за азил од граѓани од земјите на Балканот. Минатата недела Министерството за внатрешни работи ги објави вкупните бројки за баратели на азил во текот на претходниот месец. Констатирано е дека во февруари годинава имало 11.220 барања за азил или цели 69,1% повеќе барања отколку во февруари минатата година. Сепак, во споредба со јануари годинава, бројот е благо намален. Имено во јануари 2014 година се регистрирани 14.463 барања за азил. Најголемиот број баратели на азил доаѓаат од Сирија (1867), а следуваат Србија (1305), Албанија (833), Авганистан (796) и Македонија (661).